Колку време во денот поминувате на електронски уреди? За што ги користите? Како се чувствувате кога немате електроника при рака? Како се споредуваат помладите и повозрасните генерации?
Информатичката технологија, со децении, е дел од човековото секојдневие, а со развојот на нејзините капацитети, таа зафаќа сè повеќе аспекти од нашите животи. Од банкарски услуги и закажување годишни одмори, до здравствени прегледи и увид во успехот на училиште – секоја година нови области од физичкиот свет ни стануваат достапни, но и попрактични за користење во дигиталниот свет.
Но, таму не се сели само нашата работа, образование и обврски, туку и нашето слободно време. Игрите, социјалните мрежи и платформите за видеосодржини се местата каде што многумина бараат одмор од своите обврски, со што дигиталниот свет сè посилно ја истиснува меѓучовечката интеракција.
За тоа се плаќа и дополнителна цена. Речиси 30 години, медицинската наука истражува како дигиталните технологии се одразуваат врз човечкото здравје и утврдила дека тие создаваат зависност, со начинот на кој се поврзуваат со рецепторите во човечкиот мозок.
Зависноста од технологија се забележува и во Македонија, но, сепак, малку се зборува за темата.
БИРН истражува колку е распространета оваа појава во македонското општество и затоа сакаме да ги слушнеме вашите искуства. Прашалникот е наменет за млади луѓе што често користат дигитални уреди, како и за родителите чии деца се изложени на овој ризик.
Прашалникот е целосно анонимен, а вашите одговори се безбедни и шифрирани. БИРН нема да објави никакви лични податоци без претходна согласност.
За да го споделите вашето искуство со нас, пополнете го формуларот.

