Во 2010 година, мала група на пријатели, кои ги поврза тагата, летните денови не ги помина во прошетки, во пливање или со семејството, туку копајќи со багер од кинеско производство, во пошуменото подножје на планината Дајти, пет километри од главниот плоштад на Тирана, Скендербег, во близина на селото каде што сегашниот премиер, Еди Рама, го има изградено својот модерен дом.
Кога на почетокот на есента, ископувањата беа запрени, пронајдените посмртни останки на 13 лица, беа спакувани во црни пластични вреќи – отфрлени коски на оние кои тајно беа погубени, за време на комунистичкото владеење.
Ниту обвинител од Тирана, ниту некој друг функционер беше присутен при ископувањето, бидејќи оваа ексхумација беше извршена приватно. Тоа беше очајнички обид на два сина, да ги пронајдат коските на своите татковци, кои беа неправедно осудени и убиени пред многу години.
Три децении по падот на комунизмот, илјадници семејства во Албанија, сè уште чекаат да откријат како и каде биле убиени членовите на нивните семејства.
Точниот број на исчезнати луѓе е сè уште непознат: ниту една посткомунистичка влада, не го утврди тоа. Повеќето проценки велат дека имало околу 6.000 луѓе, кои биле убиени или починале во државните затвори, помеѓу 1944 и 1991 година. Нивните останки никогаш не им биле вратени на семејствата.
Преживеаните жртви на комунистички прогон се признати и обештетени, но семејствата на исчезнатите буквално мораат сами да копаат по минатото.
„На политичарите едноставно не им е грижа“, вели, Јован Плаку (46), главен организатор на ископувањата во подножјето на планината Дајти, чиј татко, Коцо Плаку, бил погубен во 1976 година, откако претходно бил осуден за предавство, саботажа, агитација и пропаганда против државата. „Тие се премногу зафатени со заработување на пари“, нагласува тој.
Фрустрирани и игнорирани, Плаку и останатите сами ја испланирале и финансирале истрагата, собирајќи официјални документи и делови од приказни на луѓетото, кои, во тоа време, ги спроведувале сослушувањата, кои биле чувари во затворите или припадници на тајната служба, Сигурими. Плаку собрал аудио записи од судските постапки и испрашувањата на неговиот татко, и тогаш повторно го слушнал неговиот глас, кој го немал чуено уште од детството.
„Обвинителството, како образложение зошто не може да издаде налог за ексхумација, постојано наведуваше процедуралните причини“, објаснува, Метју Холидеј, директор на Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ) за Западен Балкан, која овој месец, објави извештај за исчезнатите лица во Албанија.
Во извештајот се спомнуваат разни закони и институции, кои можат да ги решат злосторствата извршени за време на комунизмот, но, исто така, се нагласува и недостигот на соработка и координација, што за резултат има „ограничен напредок во решавањето на прашањето за исчезнатите лица“.
На списокот со тајни локации на кои се погребани жртвите, не се наоѓа само планината Дајти. Регистрирани се околу 70 места ширум Албанија, од кои приближно 25 се веродостојни, додека за други десет е потврдено дека содржат посмртни останки на луѓе.
Освен за локацијата во подножјето на планината Дајти, членовите на семејствата на исчезнатите, МКИЛ и албанскиот Институт за интеграција на поранешните политички прогонувани лица, повеќепати побараа од локалните обвинители да се изврши ископување и на локација во близина на јужниот албански град, Балш.
Албанското обвинителство им одговорило дека окружните обвинители можат да наложат ексхумација врзано за злосторствата од времето на комунизмот, доколку случаите не се застарени, и на обвинителите во Тирана и Фиер, им доставило прашање за локациите на планината Дајти и во Балш.
Спротивно на ставот на државата, премиерот Рама одговори на барањето на италијанската Влада, за пронаоѓање на останките на италијанскиот банкар, Ѓузепе Теруси, кој бил уапсен по војната и егзекутиран во 1952 година. Без судски налог и судски експерти, тимот што работеше на оваа задача, во септември 2020 година, ископа два ровови во затворот Бурел, но освен нечистотија, тие не најдоа ништо друго.
Од кабинетот на премиерот не одговорија на прашањата во врска со Теруси и прашањето за нивниот поширок пристап кон проблемот со тајните гробници од времето на комунизмот, испраќајќи прашања до институцијата надлежна за пристап до информациите за досиејата на Сигурими, тело основано во 2016 година, заради управување со архивите на поранешната тајна полиција, без овластување да спроведува кривични истраги.
МКИЛ не е првото меѓународно тело што се занимава со ова прашање. Работната група на ООН за присилно или недоброволно исчезнување, ја посети Албанија во декември 2016 година и веќе следната година објави критички извештај, во кој се наведува дека „Албанија допрва треба соодветно да се справи со грубите повреди на човековите права, извршени помеѓу 1944 и 1991 година“.
„Ад хок и фрагментирана“, беше описот за потрагата на Албанија по исчезнатите лица, на работната група на ООН.
Обврските на Албанија се јасни. Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е Албанија, го наведува правото на живот, а државата има процедурална обврска, кога тоа право е злоупотребено. Албанија е потписник и на Меѓународната конвенција за заштита на сите лица од присилно исчезнување, која бара истраги и кривично гонење, кога луѓето исчезнуваат од државни затвори.
Во мај 2018 година, Комитетот на ООН за присилни исчезнувања, ја повика Албанија „да ги удвои своите напори за ефикасно расветлување на присилните исчезнувања, што се случија за време на комунистичкиот режим“. Албанија треба да ги истражи овие злосторства, да ги гони одговорните и да ги обештети жртвите и нивните семејства, смета комитетот.
МКИЛ понуди помош во ископувањата на локациите на планината Дајти и во Балш, со средства од Европската унија, но, само за албанската влада да го одобри договорот за соработка со оваа организација во 2018 година, потребен беше голем дипломатски притисок.
„Владата се грижи за односот кон јавноста“, вели лице кое внимателно го следи процесот. „Покрај тоа, тие не сакаат да се соочат со злосторствата од минатото. Предизвикувачки е и не носи пари“.
Критичарите велат дека напорите на Владата се насочиле кон поблескави проекти, како што се поранешниот воен бункер „Бунк’Арт“ и поранешниот центар за прислушување на Сигурми, „Куќата на лисјата“. И двата проекти помагаат да се расветли минатото, но, тоа, во голема мера, е задоволување на меѓународната публика. Тие прават малку за да ги ублажат страдањата на околу 6.000 семејства, кои бараат утеха, решавање на случаите и обештетување.
Од 1991 година, пристапот на сите влади, без разлика дали на социјалистите или на демократите, е „калибриран за да не се иритира старата гарда“, вели еден дипломат, кој го следи прашањето за исчезнатите лица во Албанија.