Регион

Пратеник на БиХ ‘турка’ измени на кривичниот закон врзано за негирање на геноцидот

Пратеникот во државниот парламент на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, изјави дека забраната за негирање на геноцидот и воените злосторства е неопходна како израз на почитување кон жртвите, но и заради обезбедување на праведно општество во иднина, иако овие предложени измени предизвикаа бурна реакција во босанскиот ентитет, Република Српска.

Пишува: Еламери Шкргиќ-Микулиќ, Сараево

Денис Беќировиќ. Фото: БИРН

Пратеникот на Социјадемократската партија, СДП, Беќиревиќ, во петок рече дека во собраниска процедура упатил предлог за измена и дополнување на кривичниот закон, што се однесуваат на забраната за негирање на геноцидот, холокаустот, злосторства против човештвото и воените злосторства.

„Овој закон е надвор од и над партиски карактер. Ова е закон кој треба да го поддржат сите добронамерни луѓе во БиХ“, истакна тој.

„Овој закон е потребен и заради живите и заради мртвите, особено заради идните генерации во БиХ. Текстот на овој закон треба да придонесе за изградба на амбиент на сигурност, доверба, правда и солидарност со жртвите“, рече Беќировиќ .

Додаде дека на измените работеле и здруженијата на жртви на војната, и дека “во постдејтонскиот период е тешко да се најде пример на закон со толку голема поддршка”.

Беќиревиќ нагласи дека негирањето е последната фаза на геноцидот и затоа е важно овој вид на однесување да се санкционира.

Со предложените измени и дополнувања на кривичниот закон на БиХ, се забранува јавното негирање, како и минимизирање на случаите на геноцид, на холокауст и на злосторства над цивилите, што се потврдени со пресуди на меѓународните и домашни судови.

За оние кои ги кршат одредбите на законот, се предвидува казна затвор од шест месеци до три години.

Да потсетиме, Советот на министри на БиХ во вторникот ги прифати предложените измени на законот.

Но, од Република Српска (РС) следеа бурни реакции на оние кои не веруваат дека масакрот во Сребреница, кој во 1995 година го извршија српските сили, претставува геноцид.

Иако министрите од РС во Советот на министри на БиХ гласаа за измените, власта и поединци од овој ентитет, изјавија дека ова е обид за стигматизација на Србите.

„Целта е да се верифицираат монтираните процеси и пресуди донесени пред Хашкиот трибунал и судските институции во БиХ”, изјави во среда за БИРН, директорот на Центарот за истражување на војната, воените злосторства и исчезнатите цивили на Република Српска, Милорад Којиќ.

Во случајот против поранешниот генерал на Војската на Република Српска, ВРС, Радислав Крстиќ, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, во 2004 година пресуди дека масовните убиства на Бошњаците од Сребреница, извршени од страна на српските сили во 1995 година, се геноцид.

Оваа одлука ја потврди и Меѓународниот суд на правдата во 2007 година, во случајот Босна и Херцеговина против Србија и Црна Гора.