Анализи

Пратениците на заминување – во минус со аргументи, во плус на сметка

Собранието се распушти пред изборната кампања

Парламентарниот состав во заминување, граѓаните ќе го помнат по драматичниот и неуспешен обид за редефинирање на мнозинството, втор по декември 2001 година, пратеници што гласаат во скафандери, активната блокада и законите на брза лента со ЕУ-знаменце, строгиот офицерски пристап на спикерот Талат Џафери, вувузелите, летачките тацни и скршениот монитор во Собранието и по пратеничките плати качени за 78 отсто.

„Не можете да споредите два парламентарни состави. Тоа е како во народната поговорка – секоја планина има своја тежина“, вака за БИРН, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски ја коментираше дилемата каде котира овој состав во скромната парламентарна историја на независна Македонија.

Опозицијата, преку комисиите или со амандмани, го блокирала во просек секој петти закон, преку стотина од вкупно 678 поднесени, додека власта повеќе од половина од изгласаните ги донесе со непопуларната скратена постапка

Мисовски е еден од долговечните пратеници со стаж од шест мандати во 18 години. Токму по основа на искуство, овој собраниски состав беше специфичен, бидејќи дури 95 од вкупно 120 народни избраници беа сосема нови.

Но, новите лица не го напуштија утврдениот рововски систем, и тоа го потврдува официјалната собраниска статистика.

Опозицијата, преку комисиите или со амандмани, го блокирала во просек секој петти закон, преку стотина од вкупно 678 поднесени, додека власта повеќе од половина од изгласаните ги донесе со непопуларната скратена постапка.

Деструктивноста на оваа собраниска динамика ја нотираше и Европа.

„Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ активно ја блокираше работата на Собранието, што е значителна пречка… Употребата на скратени процедури треба да се ограничи. Тие не треба да се користат за да се скратат консултациите со јавноста…“, се коментира во последниот европски извештај за напредок.

Антагонизмот имаше и фолклорни изблици. Во собраниската сала, настап имаа и вувузели, јужноафрикански дувачки инструменти.

Летото 2022 година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги замолчуваа колегите од мнозинството со пластични труби на седницата за таканаречениот француски предлог. Тензичната атмосфера кулминираше во моментот кога опозицискиот пратеник Јован Јаулески го запали текстот на предлогот на говорницата.

Аргументи ниту за лек

Аргументирање во дебата | Извор: ИДСЦС

Оттука не е изненадување што и во мандатов на залез, аргументираната дебата беше ретка како појавата на Халеевата комета. Овој помалку циничен заклучок може да се извлече од извештаите на невладиниот Институт за демократија Социетас цивилис (ИДСЦС)  и од статистиката што открива колку пратениците ги користеле истражувачките услуги на Парламентарниот институт.

Во анализирани шест месеци работа, само осуммина употребиле два аргументи при собраниски говор, додека само двапати се случило некој да искористи повеќе аргументи. И тоа се исклучоците. Другите парламентарни говори, или биле сосема празни, не содржеле ниту еден аргумент (49 отсто), или понудиле образложенија што не можат да се сметаат за целосен аргумент (44 проценти).

Податоциве се однесуваат на првата половина од 2023 година, кога институтот анализирал повеќе од 2.000 излагања во Собранието, претежно на пратеници. Впрочем, ниското ниво на дебатата е одлика и за целиот мандат, и тоа го покажуваат другите извештаи на невладиниот сектор.

Кај 89 проценти од набљудуваните дискусии не беа користени факти од истражувања, искуство, документи и други релевантни извори

Факти речиси и да не биле користени во дебатите, ама затоа во функција беа тацни и шишиња. Садовите летаа низ комисиската сала во 2022 година при расправијата на Арбр Адеми од ДУИ со опозицијата.

Народните избраници ретко решавале да го користат Парламентарниот институт, кој на нивно барање изработува истражувања за различни прашања.

За илустрација, само 27 пратеници лани побарале истражувачка работа од Парламентарниот институт, односно на нивна иницијатива, тој изработил 56 истражувања, главно компаративни анализи со странство што ги искористеле во собраниска дебата.

Релативната незаинтересираност на пратениците се пресликува врз (не)квалитетот на дебатата.

„Кај 89 проценти од набљудуваните дискусии не беа користени факти од истражувања, искуство, документи и други релевантни извори, како дел од образложението зошто пратениците поддржуваат или не одреден акт“, заклучува невладиниот ИДСЦС, мониторирајќи го Собранието од јануари до јуни 2023 година.

Општата анализа на собраниската дебата обично води до заклучок дека „не е забележана промена на став кај пратениците поради подобри аргументи на соговорниците“. Во разговор со БИРН, набљудувачите успеаја да се сетат на само еден  пратеник што го сменил ставот.

„Во право сте, се извинувам, не беше добра идеја“, го прифатила контрааргументот, пратеничка за време на една од комисиите во август 2021 година.

Отсутни и побогати

Собранието остави недовршена работа, 47 седници не биле финиширани | Фото: БИРН

Собраниската статистика за редовност открива дека во секое од полугодијата на овој мандат, во просек имало триесетина заспани пратеници. Тие не се обратиле од говорницата, не се јавиле за реплика, ниту дале процедурална забелешка.

Мисовски не ја прифаќа карактеризацијата „заспани“, зашто, како што аргументира, работата на пратеникот не била само на пленарните седници.

„Постои непишано правило дека ако пратеникот не проговори во првите три месеци, нема да зборува ниту во следните три години“, вели потпретседателот на Собранието и додава дека активноста, сепак, е индивидуална работа.

„Обично неактивните, веќе на следните избори ги нема на листите.“

Има и народни избраници што почесто се отсутни, отколку присутни на седниците. Пратеник од првата изборна единица дури 88 пати бил оправдано отсутен и само еднаш се појавил на седница лани меѓу јули и декември.

Еден од познатите примери на јавноста за изостанок се однесува на пратеникот Кастриот Реџепи, кој не се појави на седницата за доверба на владата во ноември 2021 година и ги урна надежите за ново парламентарно мнозинство на дотогаш неговата БЕСА и на остатокот од опозицијата под палката на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеник од првата изборна единица дури 88 пати бил оправдано отсутен и само еднаш се појавил на седница лани меѓу јули и декември

На пратеникот што отсуствува најмалку трипати едноподруго, а за тоа не го известил претседателот, му се одбиваат пет проценти од платата за секој ден отсуство, пропишува Деловникот.

Меѓутоа, како што потврдува потпретседателот Мисовски, во овој мандат не била изречена ниту една казна.

Пратениците ги оправдувале отсуствата и затоа не им била кратена платата, која, пак, им се зголеми за 78 проценти во втората половина од мандатот поради одлуката на Уставниот суд, со која ги одмрзна платите на избраните и именуваните функционери.

За редовност, во препознатлив стил се бореше и собранискиот претседател во најголем дел од мандатот, Талат Џафери.

На моменти невообичаено строг беше и кон мнозинството.

„Ако треба и ќе ви нацртам дека за секоја нова седница мора да бидете присутни“, им рече во една пригода.

Џафери често знаеше да бои надвор од линиите со своите креативни толкувања на деловникот и на законите, предизвикувајќи претерана реакција кај опозицијата, како онаа на Борислав Крмов, кога пратеникот на Левица го демолираше мониторот пред собранискиот претседател.

Анкетна, надзорни и интерпелации

Во поглед на својата контролна функција, Собранието одржа една анкетна комисија и две надзорни расправи во овој мандат. Анкетната комисија е уставна категорија и нејзините наоди се основа за утврдување одговорност на функционерите.

Анкетната комисија единствено се одржа за случајот познат како „Онкологија“, меѓутоа пратениците од двата табора не договорија во заеднички извештај.

Се одржаа и две надзорни расправи, чија улога е да се добијат повеќе информации и стручни мислења за актуелни случувања. 

Една од надзорните беше за стечајот на Еуростандард банка, која не финишираше, и втората за лицата без лични документи, која може да се смета за успешна зашто резултираше со закон што треба да го реши проблемот.

За четири години од поднесените вкупно 10 интерпелации, завршени се само три, а во истиот период биле поставени и околу 1.000 пратенички прашања, меѓутоа „заглавена“ во 2009 година е собраниската статистика за тоа колку прашања се одговорени.

Собранието го затвори мандатот неделава со 102 завршени и 47 седници што не финиширале.