Во извештајот на турската конфедерација за претпријатија и бизнис, ТУРКОНФЕД, се наведува дека двата земјотреса со јачина од 7,9 и 7,7 степени според Рихтеровата скала, кои ја погодија земјата на шести февруари, најверојатно ќе ја чинат економијата над 80 милијарди американски долари, што е еднакво на околу 10 отсто од БДП.
„Седумдесет до седумдесет и пет милијарди американски долари од оваа финансиска штета ќе биде загубата на станови, 10,4 милијарди долари е загуба во националниот доход и 2,91 милијарди американски долари е загуба на работни денови“, објави ТУРКОНФЕД во неделата, а пренесе Блумберг ХT.
Оваа групација претставува повеќе од 55.000 бизниси.
Вкупната загуба е еднаква на повеќе од 10 отсто од вкупниот БДП на Турција, кој во 2021 година изнесуваше околу 800 милијарди американски долари.
Во извештајот, исто така, се пресметува дека бројот на загинати веројатно на крајот ќе надмине 72.000
Повеќе од една недела откако разорните земјотреси ги погодија јужниот и југоисточниот дел на земјата, бројката на загинати е поголема од 30 илјади, а многу преживеани сè уште кампуваат на отворено во услови на ниски температури.
Владата и невладините организации поставија шатори и монтажни куќи додека стотици илјади луѓе го напуштаат регионот, заминувајќи во побезбедни области во други делови на земјата.
Експертите предупредуваат на безбедносна и здравствена криза во регионот.
По уредбите за вонредна состојба воведени викендов, претседателот Реџеп Таип Ердоган ги заостри казните за кражби и други криминални активности, вклучително и подолги периоди на притвор. Покрај тоа, воведени се и здравствени мерки за спречување пандемии, како на пример колера.
Земјотресот што ја погоди Турција на 17 август 1999 година однесе најмалку 20.000 животи, а предизвика економска штета од 17 милијарди американски долари.
Правосудните органи, во неделата поведоа постапка против повеќе од 130 луѓе поради сомнение дека се одговорни за неквалитетните градби под чии урнатини останаа стотици мртви.