Вести

Премиера на филмот на БИРН за размена на населението во војната во 90-тите

Новиот документарен филм на БИРН, „Луѓето не се штркови”, кој говори за жителите на две села, од двете страни на границата помеѓу Србија и Хрватска, кои војната во 90-тите ги приморала да ги заменат своите куќи, во обид да ги спасат своите животи, во вторник ќе биде премиерно прикажан на Ал Џезира Балканс.

Лариса Ранковиќ, Белград

 

Документарниот филм, „Луѓето не се штркови”, кој зборува за тоа како по избувнувањето на војната во поранешна Југославија во 1991 година, Србите и Хрватите, кои живееле во селата Кула во Хрватска и Хртковци во Србија, морале да ги заменат своите домови, премиерно ќе биде прикажан на Ал Џезира Балканс, во вторник (05.09), во 17.05 часот.

Получасовниот филм ги следи животните приказни на двајца селани. Горан Трлаиќ, кој во 1992 година го напуштил селото Кула и заминал во Хртковци и Стјепан Роланд, кој од Хртковци, заминал во Кула.

Пред почетокот на војната во 90-тите години, хрватското село Кула било претежно населено со Срби, а српското село Хртковци, со Хрвати.

Жителите на овие села, по Втората светска војна, живееле во мир и единство – сѐ до првите повеќепартиски избори во 1990 година, кога на власт доаѓаат националистите, а малцинствата стануваат непожелни.

Серија на инциденти и закани, иницирале верижна реакција на размена на имотите меѓу жителите на Кула и на Хртковци, кои барале безбедно место за живеење.

Иако властите ова го опишувале како „хумана преселба”, во реалноста тоа било присилна размена на населението.

„’Хумано преселување’ никогаш немало, освен во главите на националистичките лидери и нивните катастрофални политики спроведувани во деведесеттите во поранешна Југославија”, изјави режисерот на филмот, Јанко Баљак.

„Преселбите од овој вид се вршеле насилно и имале незамисливи последици врз животот на луѓето и врз односите меѓу народите, кои пред војната живееле во мир и хармонија”, додаде тој.

Личните сеќавања, презентирани во филмот “Луѓето не се штркови”, покажуваат како оваа присилна размена на населението, имала сериозни и долготрајни последици врз животот и меѓусебните односи на обичните луѓе од двете села, истакна Баљак.

„Континуираната борба против краткорочното сеќавање е должност и обврска на секој ангажиран автор на документарни филмови”, потенцира тој.

Повеќе информации за филмот, погледнете тука.