Единаесет печатени медиуми ќе добијат субвенции за минатата година, само овојпат за третина помалку.
Според информациите што Владата ги достави до БИРН, на завчерашната седница донесена е одлука за печатените медиуми да се одвојат 324 илјади евра. Минатата година тие добија 486 илјади.
Државата почна да субвенционира дел од трошоците за печатење и за дистрибуција на весниците во 2018 година, кога подели околу 700 илјади евра. Поради пандемијата и кризата предизвикана од војната во Украина, од година во година се намалуваше сумата, за сега да биде преполовена во однос на првичната.
Субвенциите се воведоа за да им се помогне на весниците, бидејќи тие секаде во светот се во криза. Постојано се затвораат печатени медиуми притиснати од промената на индустријата на вести, која сè повеќе се префрла на интернет.
За пет години, државата исплатила вкупно 2,7 милиони евра, а најголема поддршка, со оглед дека имаат најголеми трошоци, добиле дневните весници „Слободен печат“, „Вечер“, „Нова Македонија“ и „Коха“.
На почетокот владата покриваше половина од трошоците за печатење и за дистрибуција на весниците на македонски јазик и 70 проценти од овие трошоци на изданијата што излегуваат на јазиците на етничките заедници, меѓутоа сега тие проценти се намалени на 26, односно на 36.
Минатото лето, весниците побараа, а владата соопшти дека е подготвена да ги поддржи и да предложи закон, со кој ќе се гарантираат државните субвенции за печатените медиуми. Субвенции сега се реализираат врз основа на арбитрарна одлука бидејќи таков закон сè уште не е донесен.
Новинарските организации, кои пред четири години ги поддржаа субвенциите, по ова барање беа воздржани и побараа бенефициите на весниците да бидат условени со подобрување на социо-економската положба на новинарите и преговори за колективен договор.
Владата за 2022 година, покрај весниците „Слободен печат“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Коха“ и магазинот „Фокус“, ги поддржа и „Битолски весник“, „Штипски глас“, „Зенит“, „Лајм“, „Шења“ и „Економија и бизнис“.