Три со три

Прешова: Независните можат на избори и без потписи

Интервју со Денис Прешова, универзитетски професор

Повеќе од една година независните граѓански иницијативи, од кои, некои веќе имаат советници во општините, водат правна и политичка битка во обидот да издејствуваат понизок праг за кандидирање на изборите.

За нив нелогично беше што по измените на Изборниот законик, во март 2024 година, за да се кандидираат непартиски иницијативи, на пример за Град Скопје, потребни беа над 4.500 потписи, а за формирање партија, која може да се бори за гласови во целата држава, доволни се 1.000 потписи.

По оспорувањето, ваквите измени паднаа на Уставен суд, но сега тие се соочија со нова дилема– ако Собранието не донесе нови измени, дали воопшто ќе може да се кандидираат. Во обидот да добијат одговор на прашањето последниве недели се сретнаа и со претседателката Гордана Сиљановска- Давкова и со претставници на политичките партии.

За професорот по уставно право и политички систем Денис Прешова, пак, нема дилеми. Тој смета дека во ваков правен вакуум извесно е дека граѓанските иницијативи може да имаат кандидати и без да собираат потписи.

За БИРН тој вели и дека посегањето по автентично толкување од страна на Собранието ќе биде контрапродуктивно и само може дополнително и непотребно да ги усложни работите.

БИРН: Сите независни советници во заедничко соопштение предупредија дека со сегашниот правен вакуум и краткото време до распишување на изборите не постои начин тие да се кандидираат. Како Вие гледате на оваа правна ситуација?

Прешова: Со одлуката на Уставниот суд за укинување на двете законски одредби од измените на Изборниот законик кои се однесуваат на потписите потребни за поднесување на листа на кандидати од страна на група избирачи на парламентарни и локални избори (член 61 и член 62) се отвори правна празнина во однос на условите за реализирање на правото на поднесување на кандидатски листи.

Правното дејство на одлуките на Уставниот суд, а особено кај укинувачките одлуки, е дека тие не ги враќаат во сила законските одредби кои биле предмет на измена или дополнување и поради тоа се создаде правната празнина, или како што велите правен вакуум. Поточно, т.н. независни листи имаат законско право, предвидено со посебна законска одредба од член 60 од Изборниот законик, да поднесуваат листи на кандидати, но одредбите кои ги регулираат условите во делот на потребните потписи се укинати, така што, тие во овој момент не се предвидени и регулирани.

Ова значи дека во согласност со постојната законска рамка и со ваквата законска празнина овие групи на избирачи, независните листи, можат да поднесат листи на кандидати без да собираат потписи бидејќи Изборниот законик сега не предвидува колкав број или процент на потписи е потребен за поднесување листа на кандидати, дали за пратеници, или пак, за членови на совет.

БИРН: Која е најодговорната институција која треба сега да повлече потег?

Прешова: Најповикана институција е секако Собранието, кое би требало со соодветни законски дополнувања да ја премости настанатата правна празнина, притоа почитувајќи ја одлуката на Уставниот суд. Имено, треба да се има предвид дека, се додека се почитуваат соодветните стандарди и рамката што тие ја поставуваат, утврдувањето на бројот на потребните потписи е политичка одлука на Собранието и во овој дел и од материјален аспект Уставниот суд не би требало да навлегува во уставна контрола.

Доколку Собранието не ја пополни оваа правна празнина која настана од 20 мај, кога е донесена одлуката на Уставниот суд, односно од моментот на нејзиното објавување во Службен весник, сметам дека Државната изборна комисија нема законска основа да ги отфрли кандидатските листи и мора да ги прифати.

Поконкретно, член 65 став 4 од Изборниот законик, кој упатува на укинатите законски одредби од член 61 и член 62, станува беспредметен и неприменлив бидејќи во законските одредби на кои упатува бројот на потписи не е регулиран. Во оваа смисла посегањето по автентично толкување, механизам и надлежност на Собранието кој е прилично контроверзен и спорен од аспект на поделбата на власта и владеењето на правото, ќе биде контрапродуктивно и само може дополнително и непотребно да ги усложни работите.

БИРН: Доколку поради ваквиот правен вакуум на независните сепак им биде одземено правото да учествуваат на избори, дали постои ризик од идни процеси кои може да доведат до поништување на изборите и што тоа зборува за демократијата во земјава?

Прешова: Како што наведов претходно, сметам дека согласно сегашната состојба не постои правна основа да се оневозможи учеството на независните листи на советници поради конкретните причини поврзани со потписите.

Државната изборна комисија во согласност со Изборниот законик е институцијата која ја обезбедува законитоста на изборниот процес и таа е најодговорна во делот на соодветното спроведување на правните правила поврзани со изборите.

Доколку такво нешто се случи и Државната изборна комисија ги отфрли кандидатските листи поради овој конкретен услов сметам дека треба да се искористат сите механизми за судска и уставно-судска заштита. Изборниот законик во член 67 став 7 јасно ја регулира можноста за поднесување тужба до Управниот суд со цел заштита на соодветните права, во конкретниот случај правото на поднесување на кандидатски листи.

Во случај Управниот суд да не ја даде судската заштита тогаш на располагање стои можноста за поднесување барање за заштита на правата и слободите пред Уставниот суд поради повреда на правата поврзани со политичкото дејствување на оваа група избирачи. Имајќи предвид дека ваквата повреда на правата би била како директна последица од непочитувањето на претходната одлука на Уставниот суд, мислам дека е извесно како Уставниот суд би постапил при една ваква ситуација.