Молдавските обвинители за организиран криминал синоќа го привеле Главниот обвинител Александр Стоианогло на 72 часа. Против него се подигнати четири обвиненија за корупција и за злоупотреба на службената положба.
„Се враќаме кон заробената држава“, рече Стоианогло додека излегуваше од својата канцеларија придружуван од специјални полицајци, веројатно мислејќи на периодот од 2015 до 2019 година кога олигархот Влад Плахотниук, сега во бегство, наводно ги контролирал сите државни институции.
Стоианогло беше избран за Главен обвинител во ноември 2019 година. Имаше критики дека конкурсот за неговата позиција бил наместен од Социјалистите, кои тогаш доминираа на политичката сцена.
Тој долго време е трн во окото на сегашната проевропска влада. Министерот за правда Сергиу Литвиненко рече дека Стоианогло ја поминал црвената линија, ја искористил својата положба за лични интереси и се впуштил во корупција и во тргување со влијание.
„Стоианогло е очаен и сака да се претстави како жртва. Но тој не е жртва на политиката како што се обидува да се покаже“, рече тој. „Имале слаб и незаконски поставен обвинител кој стана марионета во рацете на корумпираните и на крадците што ја ограбуваа оваа земја со децении“, додаде Литвиненко.
Во четирите обвиненија Стоианогло се товари за користење доверливи информации од истрага за лична корист, откако тој ги објави прислушкуваните разговори на поранешниот Генерален обвинител, Виорел Морари, со разни соговорници од невладини организации и од медиуми.
Тој ги отфрли обвинувањата.
Пре да биде притворен, Стоианогло беше суспендиран од своите должности откако претседателот на парламентарната Комисија за безбедност и одбрана, Лилијан Карп, поднесе барање за тоа до Врховниот совет на обвинители.
Стоианогло исто така е обвинет за овозможување перење пари во Молдавија преку тоа што давал поддршка за амандманите на Законот за спречување и борба против перењето пари и финансирањето тероризам.
„Со овие амандмани се дозволи нерезиденцијални компании што имаат блокирани сметки од Службата за спречување и борба со перењето пари да ги одблокираат и да си ги префрлат парите од нив со едноставно подднесување барање до банката, и покрај одлуката за блокирање“, рече Карп.
Според Карп, дополнителен проблем е што сопругата на Стојаногло наводно има врски со бизнисменот-бегалец Веачеслав Платон, кој неодамна избега во Лондон во обид да ја избегне правдата во Молдавија, каде што против него се води истрага за перење пари.
На 15 јуни 2020 година Стоианогло го ослободи Платон од затвор откако беше осуден на 18 години за вмешаноста во т.н. голема кражба на една милијарда американски долари од молдавскиот банкарски систем.
Во истражување објавено од Гардијан Платон се споменува како архитект наголема операција за перење милијарди во кеш од Русија, наречена руска пералница.
Поранешниот молдавски претседател од Социјалистите, Игор Додон, кој сега ја предводи главната опозициска партија Комунистички и Социјалистички Блок, го осуди притворањето на Стоианогло, нарекувајќи ја злоупотреба на правото.
„Никој не може да знае точно какви долгорочни последици ќе настанат од оваа невообичаена злоупотреба на владеењето на правото, но овие последици ќе бидат штетни за оние што ја дозволиле злоупотребата“, рече Додон.