Во март годинава компанија од Кипар отворила фирма во еден град од внатрешноста на Македонија. Нејзината домашна адреса во Никозија води кон канцеларија којашто е специјализирана да формира таканаречени офшор-фирми и отвора банкарски сметки во оваа островска држава позната во светот како даночен рај.
СДСМ пред изборите ветуваше дека ваквите фирми ќе бидат задолжени да ги откриваат вистинските сопственици, меѓутоа една година откако партијата е на власт сè уште ги нема законските измени за соголување на сопственичката структура, иако партијата како опозиција тврдеше дека тие можат да се направат за еден ден.
Постојат цели држави или посебни зони каде што на странците им се гарантира целосна анонимност доколку основаат компанија и отворат банкарска сметка. Тие вообичаено се егзотични острови во Атлантскиот или во Тихиот Океан, меѓутоа и една Швајцарија влегува во ова друштво.
Собранискиот лидер на сега владејачките социјалдемократи, Томислав Тунтев, за БИРН вели дека до сега не е информиран оти вакво нешто се подготвува. Тој смета дека механизмот за борба против скриеното сопствеништво би требало да го осмислат финансиски и експерти по кривично право, зашто пратениците, според него, не се доволно стручни.
Владата, пак, која се очекува да биде носител на овие промени, срамежливо информира дека не го заборавила ова ветување.
„Се работи на тоа“, е сѐ што информираат од „Илинденска“ бр. 2.
Даночните оази сѐ уште се жешка тема
СДСМ и многу пред кампањата ветуваше дека ваквите фирми што инвестираат во Македонија ќе бидат обврзани да ги откријат вистинските сопственици и оти ќе им даде рок да ја достават целата историја на компаниите регистрирани во државите познати и како даночни оази.
Ова ветување го има во нивната програма „План за живот во Македонија“, а пред три години истото го најави и тогашниот партиски портпарол Петре Шилегов зборувајќи за аферата „Плацеви на Водно“, која вклучуваше фирма од Белизе, управувана од кумот на експремиерот Никола Груевски.
Уште во 2015 Шилегов коментираше дека ништо не го спречува Груевски уште истиот ден како премиер да ги предложи законските измени, со што би докажал дека нема никаква врска со фирмата од Белизе и со нејзините 11.000 квадрати на Водно.
.
Во Македонија имало инвеститори што доаѓаат од спорни дестинации и пред времето на Груевски и на неговата Влада, меѓутоа се чини дека во негово време се случи вистинска епидемија на овој тип компании.
БИРН и други медиуми постојано надолго и нашироко пишуваа и известуваа за врските што челници на ВМРО-ДПМНЕ ги имаат со фирми пред сè од Белизе, како и со можеби најпознатата таква фирма во Македонија, компанијата „Ексико“, која е регистрирана во швајцарскиот град Лугано.
Преку овие правни лица се инвестираше во различни бизниси, најмногу во градежништвото, па дури и во медиумите.
Главниот сомнеж беше дека преку сметките од далечните острови сомнително стекнатиот капитал се враќа во Македонија, а тој наратив на големо го прифати и тогашната опозиција СДСМ. Пред изборите во 2014 партијата речиси секојдневно ги објавуваше и ги дополнуваше шемите на сомнителни инвестиции, а исто така неколку „бомби“ беа поврзани со оваа тема.
Така, впрочем, се отвори и аферата „Плацеви на Водно“.
Меѓутоа, темата останаа жешка и изминативе 12 месеци, период во кој СДСМ и коалицијата се на власт.
Токму една фирма од Белизе поврзува двајца функционери од спротивставените табори на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. БИРН лани објави дека поранешниот офшор-партнер на вицепремиерот Кочо Анѓушев води кон екс-функционерот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Здравев.
Од сончевите острови Бахами официјално доаѓа и фирмата што ја рестартираше металуршката фабрика „Фени“, а за сопствеништвото на оваа компанија не можете многу да дознаете ниту на нивната веб-страница.
Токму прес-конференцијата на Тасева посветена на продажбата на „Фени“на оваа фирма беше повод за неодамнешниот инцидент помеѓу неа и вицепремиерот Кочо Анѓушев на приемот кај британскиот амбасадор.
Од најавениот закон останаа само отворени прашања
СДСМ никогаш детално не го објасни моделот со којшто ќе се разголува сопствеништвото на офшорите, ниту, пак, наведе пример дека некаде во светот има слична практика.
Не е јасно дали сите странски фирми што ќе инвестираат во Македонија ќе бидат подложни на процедура да докажуваат кој им е вистинскиот сопственик или, пак, тоа ќе се однесува само на оние од ризичните дестинации.
Ако станува збор за втората варијанта тогаш дилемата е кој ќе ја состави листата на ризични држави, која институција ќе ги проверува инвеститорите и кои се државите и областите што ќе влезат во евентуалниот регистар на ризични бизнис дестинации.
Лесно е да се погоди дека Белизе, Девствените Острови, Бахамите, Бермудите и сличните егзотични острови би влегле на таа, условно кажано, црна листа, меѓутоа прашање е како ќе се постави практиката за инвестициите што доаѓаат од, на пример, сојузната американска држава Делавер или, пак, од Швајцарија? Дали сите швајцарски инвеститори ќе се проверуваат или само сомнителните и според кои критериуми ќе се одлучува дека некоја фирма од оваа држава е ризична или не?
Клучно прашање е дали мерката за докажување на сопствеништвото ќе важи и за постојните инвеститори, дали ќе се оди во минатото со оглед дека некои од овие фирми веќе се „помакедончија“, како онаа што го поседува порталот „Република“, бидејќи таму веќе не фигурира сопственикот од Белизе. Или можеби овие законски промени ќе се однесуваат само на идните инвеститори што доаѓаат од даночните оази, со цел превентивно да се спречи влегувањето на сомнителниот капитал во Македонија.
На сево ова, како и на прашањето што е со предизборното ветување за офшор компаниите со скриени сопственици, од Владата само велат: „Се работи“.