Анализи

ТВ-дуел: Надојдениот Вардар и тивката „киша око Крагуевца“

Си подадоа рака денот кога до степен на испарување се вжештија меѓупартиските препукувања поради пресудата за Груевски | Фото: Роберт Атанасовски

За разлика од малодушноста со која Фејсбук и Твитер го дочекаа и само до половина го изгледаа првиот лидерски дуел по речиси две децении, сепак соочувањето не разочара.

Вистина е дека вчерашната дебата го немаше шмекот на „кариран чаршав и карафиндел“- дуелите меѓу Бранко и Љубчо, не слушнавме убедлив говор од калибарот на Обама или на Џастин Трудо, ниту, пак, некој со некого го избриша подот во студиото на МТВ.

Можеби и не вредеше сите три часа пред продолжениот викенд да се потрошат на политика, меѓутоа на маса беа извадени неколку важни прашања и она што е битно таму под рефлекторите „блесна“ и по некоја не многу сјајна карактерна црта.

Неспорно е дека Мицкоски повеќе од Заев се подготвувал за дуелот и тоа посебно во делот на економијата. На ова поле поентираше со ниската реализација на капиталните проекти или преведено на неговиот јазик „немате проекти Зоране“, во неколку наврати го намами премиерот да се сложи со неговите бројки и успеа да ја минимизира репликата „ама цунами ни оставивте“.

На место му беше и пресметката дека како тргнало тешко дека за три години ќе имаме просечна плата од 500 евра, а не видовме ни добра премиерска одбрана на тезата дека растот на економијата е помал од новите заеми, што со други зборови значи дека за џабе се задолжуваме.

Егото погласно од поентите

Мицковски во делот на странските инвестиции го доведе Заев на чистина да признае дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ во овој дел била добра, потенцирајќи му го примерот на фабриката што ќе остане во државава и годишно ќе плаќа по 25 милиони евра даноци.

Тој ги постави и вистинските прашања за аферата со плацот и зградата на Вице Заев во Струмица и го принуди премиерот дефанзивно да одговори „ВМРО ќе нѐ затвореше до сега, ако правеме криминали“.

Она што „блесна“ под рефлекторите и до некаде ги фрли во сенка добрите поенти, сепак, е его-промоцијата на Христијан Мицкоски.

Свесно или не тој го продолжи трендот вмровски првенци да го потценуваат Заев на јавна сцена. Ја користеше онаа „хаха, види го црпнатиов“- реторика, која веројатно секој ден ја тренираат во Белата палата со Иво Котевски и другарите. Истиот став му извираше и од говорот на телото.

Буквално се исмеваше зошто Заев за „шепоти“ вели „шупоти“, со маалската финта „како Мали Ѓокица замишља политика“ му докажуваше нешто околу името и кога премиерот му забележа дека заобиколува како „киша око Крагуевца“ со ставот за Илинденска Македонија, овој за да биде вицкаст и патриот во исто време, реплицираше дека не бил дождец, ами ќе надојдел ко Вардар.

Слушнавме и дека рамо до рамо со Орбан зборувал за нулата во нашата економија, сто пати цинично се понуди да помогне, оти министрите ништо не знаеле и се пофали дека тој, Светска банка и ММФ заедно му делеле лекции на Тевдовски.

Иако во политиката сосема е прифатливо опозицијата да ги нагласува проблемите, па дури и да ги прикажува поголеми од што навистина се, сепак овој дел од дебатниот настап на Мицкоски на моменти се граничеше со патетика, која веројатно му требаше за да ја надомести разликата меѓу реалноста и она што тој сака да го прикаже.

Зборуваше дека луѓето кукаат по пазарите и дека имало само „чемер и јад во нашата мила Македонија“, ја спореди со гилотина најавената смена на Советот на МРТ, а спомна и некаква ноќ на долгите ножеви.

Заев дефанзивен

Заев од друга страна изгледаше како за дуелот да се брифирал со вицепремиерот Кочо Анѓушев половина час пред емисијата и тоа на „спикерфон“ од мобилниот, додека си ја местел вратоврската пред огледало.

Таков беше впечатокот од дебатата за економијата, додека во остатокот од дуелот се држеше дефанзивно повторувајќи ја мантрата дека тој и неговата партија ја ослободиле државата и сега секој може да каже сѐ и сешто, ги отвориле судските реформи и оти оваа Влада е најтранспарентната до сега, бидејќи самата си ги објавува трошоците.

Жешките поддржувачи на Заев и на СДСМ можеби ќе му го запишат како слабост тоа што неколку пати се обиде да ја симне тензијата во студиото оддавајќи му признание на ВМРО-ДПМНЕ за проекти од минатото и пофалувајќи ја партијата за конструктивност во Собранието.

Настапот му изобиловаше со фрази од типот „не се сеќавам дека така сум рекол“ и „еве и да е така“, а најсигурен беше за името. Што имаш против Илинденска Македонија, два пати го праша Мицкоски без да добие конкретен одговор.

Нападот на Мицкоски за непотизам успешно го сврти во своја полза поентирајќи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бил асистент на својот татко на факултет, а на сличен начин му врати и за обвинувањата околу имотот на семејството Заеви. Ја отвори дилемата од каде му пари на Мицкоски за да инвестира во мали хидроцентрали, ако се знае дека живел со професорска плата и про-боно го советувал експремиерот Груевски.

Искористи и еден пенал кога противникот го праша зошто постојано ги спомнува провизиите на ВМРО, сакајќи да каже дека и премиерот потсвесно признава дека е по истиот „спорт“, на што Заев смечуваше со коментарот дека се изнаслушал сѐ и сешто во „бомбите“.

Не е тешко да се претпостави дека двата политички табора веќе прогласија победа на својот миленик и му отчитаа опело на противникот.

Ако треба да се потцрта вчерашната дебата, под линијата би се напишал резултатот што се состои од неколку отворени суштински теми за коишто новинарите и јавноста треба да инсистираат на одговори, како и фактот дека Заев и Мицкоски си подадоа рака истиот ден кога до степен на испарување се вжештија меѓупартиските препукувања поради затворската пресуда за Никола Груевски.