Анализи

Проектот „Скопје 2014“ продолжува и во 2015

Менувањето на ликот на градот нема да заврши со завршувањето на годината. Нови објекти, плоштади, фонтани и преоблекување на фасадите во барок се само дел од зафатите што ги најавуваат властите за наредната 2015 година. БИРН направи првични пресметки за тоа уште колку ќе се шири и надградува „Скопје 2014“ во наредната година.

Бројката од името на проектот „Скопје 2014“ по сè изгледа е само шифра, а не година.

Градењето на луксузниот проект нема да заврши со завршувањето на годината – доградувања, нови плоштади, фонтани и преоблекување на објекти во барок, најавува власта и за наредната 2015 година.

Тешко е да се направи пресметка уште колку пари од буџетот ќе земе грандиозниот проект, зад кој, во една прилика премиерот Груевски рече дека „лично стои“, со оглед на многубројните непредвидени трошоци што тој ги влече со себе. БИРН направи првични пресметки за тоа уште колку ќе се шири и надградува „Скопје 2014“ во наредната година.

Од Град Скопје велат дека немаат надлежност околу градбите туку само околу поставувањето на новите фасади.

12 милиони евра за нови фасади, плоштади и фонтани во 2015

„Во текот на оваа година започнати се девет фасади на улиците ‘Никола Вапцаров’ и ‘Димитрие Чуповски’. Најголем дел од фасадите ќе бидат уредени со средства од Владата. За наредната сѐ уште се прават подготовките за објавување тендери за реконструкција на фасадите. Град Скопје нема подигано споменици, ниту пак, има предвидено програмски активности за нивно подигање во наредната година“, велат оттаму.

Сепак, од она што може да се види од буџетот на Град Скопје предложен за 2015 година, произлегува дека повеќе од 12 милиони евра ќе бидат потрошени за реконструкција и изградба на тротоари, плоштади и фонтани, проекти, надзор и реконструкција на фасади, изградба на постаменти за скулптури во Паркот на цивилизацијата, како и за осветлување на спомениците и фонтаните.

Во буџетот на град Скопје за 2015 година предвидени се средства за постаменти, илуминација на споменици и фасади

Во буџетот на град Скопје за 2015 година предвидени се средства за постаменти, илуминација на споменици и фасади

„Ние сме надлежни за четири објекти, Стариот театар, Порта Македонија, Музејот на ВМРО и Македонската филхармонија. Сè е завршено, освен последниот објект“, велат од Министерството за култура, образложувајќи дека со завршувањето на објектот на филхармонијата завршуваат нивните обврски околу проектот „Скопје 2014“.

Овој објект се очекува да се заврши во 2015 година, иако беше еден од првите што почна да се гради од проектот „Скопје 2014“. Процедурата заглави откако австриската фирма која требаше да го гради објектот, „Алпине бау“ прогласи банкрот. Министерството за култура му довери на скопски „Гранит“ да ја заврши изградбата на објектот за 5,6 милиони евра, а австриската фирма „Страбаг АГ“ склучи договор за 27 милиони евра на градежни, градежно-занаетчиски, ентериерни и инсталатерски работи за големата концертна сала за Македонската филхармонија.

ГТЦ и факултетите во барок стил

Властите не се откажуваат од идејата Градскиот трговски центар во текот на 2015 година да го облечат во барокно руво. И покрај критиките и активистичката иницијатива „Го сакам ГТЦ“, каде повеќе од 4.000 граѓани се потпишаа за зачувување на автентичниот лик на трговскиот центар, Министерството за транспорт почна да го опипува пулсот дали е исплатливо објектот да се даде под јавно-приватно партнерство.

До 29 декември трае огласот што го распиша Министерството за избор на консултантска куќа која треба да изготви студија за да се види дали приватниот сектор има интерес да вложи во надградба и реконструкција на ГТЦ. Ако има, тогаш ќе се спроведува идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов – трговскиот центар целосно да се затвори и да се надгради за еден кат. На покривот би имало три куполи, идентични со оние на Собранието, а ќе бидат поставени и скулптури. Влезовите ќе бидат со антички столбови.

На 28 декември се организира хепенинг - новогодишно топлење на ГТЦ

На 28 декември се организира хепенинг – новогодишно топлење на ГТЦ

Ден пред истекот на огласот, на 28 декември се организира хепенинг – новогодишно топлење на ГТЦ. Граѓаните се собираат за да кажат гласно „не“ за новиот изглед на трговскиот центар.„ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје, негов знак за препознавање, наше градителско, историско и културно наследство. ГТЦ мора да остане отворен, проточен за пешачко движење, функционален, автентичен, градски… ГТЦ треба да се реконструира, но автентично, треба да се ‘подмлади’, за да блесне во сиот сјај! Треба да заживее кровната тераса, да се интервенира со нова програма, а не со кулиси“, пишуваат членовите на иницијативата „Го сакам ГТЦ“.

На само еден километар од ГТЦ, кај комплексот факултети, се подготвуваат нови барокни објекти. Станува збор за зградите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Изборот падна на идејното решение во барокен стил.

Архитектот Жарко Чаушевски, автор на неколку решенија во ист стил во центарот на Скопје и на новата фасада на владината зграда (која исто се очекува да блесне во 2015 година) освои две втори награди во износ од 600.000 денари за своите идејни решенија за новите објекти на факултетите. На двата конкурса првата награда не била доделена.

Изградени се 64 споменици и објекти надвор од предвиденото

Проектот „Скопје 2014“ со истекот на годината што ја носи во името, веќе го надмина спотот што го најави. Видеото прикажано во 2010 година на кое беше претставен новиот изглед на метрополата, содржеше 44 нови згради, мостови, фасади и споменици. Но, од 2010 година па наваму, според пресметките на БИРН, изградени се уште 64 дополнителни објекти и споменици кои кореспондираат со стилот на „Скопје 2014“.

Уште колку време ќе се спроведува овој грандиозен проект, останува нејасно. Уште понејасно е уште колку пари ќе се потрошат за градбите што следат, за новите договори и анекс договорите.

Она што е јасно е дека во наредните години граѓаните ќе имаат можност да го видат Милениумското тркало (донација на ЈСП од 15,5 милиони евра), барокниот хотел на плоштадот Македонија и црквата Св. Константин и Елена. Сите тие се проекти од „Скопје 2014“, проект кој по сè се чини, треба да биде преименуван во „Скопје оттука до вечноста“.