Анализи

Две години по „црниот понеделник“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

И по две години од настаните на 24 декември нема вистинска разврска на исфрлањето на новинарите и пратениците од Собранието. Политичката криза меѓу двете најголеми политички партии во македонскиот кампус продолжи.

Денеска се навршуваат две години од „црниот понеделник“ на 24 декември 2012 година, кога, како што повеќе пати обвини опозицијата, започна „крајот на демократијата“ во земјава. Пратениците од Социјалдемократскиот сојуз кои тогаш беа исфрлени од собраниската сала, по тој повод, денеска пред законодавниот дом поставија споменик од картон со порака „Парламентарна демократија 8 јануари 1991 – 24 декември 2012“.

Пред точно две години целата пратеничка група на Социјал-демократскиот сојуз беше насила исфрлена од Собранието, а потоа беше изгласан предлог-буџетот за 2013 година

Пред точно две години целата пратеничка група на Социјал-демократскиот сојуз беше насила исфрлена од Собранието, а потоа беше изгласан предлог-буџетот за 2013 година

„Две години по смртта на парламентарната демократија во Македонија, пред овој споменик на ‘црниот понеделник’, порачуваме – Ќе ставиме точка на намерата на власта да продолжи до конечната пресметка со слободата на говорот, со демократијата, со слободата на избор на граѓаните“, изјави Зоран Заев, лидерот на опозицијата.

Пред точно две години, вечерта во пресрет на 24.12., опозицијата организираше протести против поднесувањето на владиниот предлог-буџет за 2013 година на гласање во Собранието. Утрината покрај поддржувачите на опозицијата, пред зградата на Парламентот се организираше и контра-протест од страна на „Фронтот на народот“, кои беа за донесување на буџетот.

Додека пред законодавниот дом двете групи меѓусебно вербално се напаѓаа, а тензијата растеше, внатре се случуваше драма. Опозициските пратеници се обидуваа со т.н. „филибастеринг“, со непрекинато зборување и создавање неред, да го одложат гласањето за буџетот. Тие тврдеа дека целосно е нарушена процедурата за негово носење, најпрвин во собраниските комисии каде што не беа поминати огромен број амандмани што тие ги поднесоа.

На истиот ден новинарите беа „замолени“ да ја напуштат собраниската галерија

На истиот ден новинарите беа „замолени“ да ја напуштат собраниската галерија

Собраниското обезбедување во еден момент влезе во галеријата каде што беа сместени новинарите и ги „замолија“ да ја напуштат „од безбедносни причини“. Некои од новинарите излегоа доброволно, а некои беа исфрлени со сила. Меѓу нив, како собраниски известувач, беше и претстедателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани, кој пружи отпор на исфрлањето на новинарите.

Веднаш потоа во собраниската сала влегоа голем број лица од собраниското обезбедување, но и полицајци во цивилна облека. Тие, еден по еден, насила ги исфрлија пратениците на опозицијата. Притоа, дел од пратениците беа повредени, а на интернет се појави снимка направена со мобилен телефон на една од пратеничките на опозицијата од која се виде што точно се случувало внатре.

Случувањата во и пред Собранието беа документирани во посебен извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права уште на 7 февруари 2013 година. Следуваше политичка криза која мораше да се реши со посредство на Европската унија. Кризата заврши со мартовскиот договор со кој пратениците се договорија да се вратат во Собранието, да се формира Анкетна комисија за 24 декември, да се направи изборна реформа, да се подготват локалните избори и да се работи на слобода на медиумите и дијалогот со новинарите.

Уставниот суд годинава одлучи дека со исфрлањето на новинарите не е повреден член 16 од Уставот кој гарантира дека цензурата е забранета, а се гарантира пристапот до информации

Анкетната комисија ја заврши својата работа кон крајот на август 2013 година, а нејзиниот краен извештај беше потпишан од страна на сите членови, вклучувајќи ги и оние од власта и од опозицијата. Сепак, членот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, иако го потпиша извештајот, неговата важност ја спореди со важноста на „палома хартија“.

Политичката криза помеѓу двете најголеми политички партии во македонскиот кампус продолжи. По локалните и претседателските парламентарни избори кризата се продлабочи, а по парламентарните, опозицијата одби да се учествува во работата на Собранието.

Здружението на новинарите поднесе претставка пред Уставниот суд на Македонија заради насилното исфрлање на новинарите. Судот годинава одлучи дека не е повреден член 16 од Уставот кој гарантира дека цензурата е забранета, а се гарантира пристапот до информации. Новинарите во октомври годинава најавија дека за овој случај ќе поднесат жалба во Судот за човекови права во Стразбур.