Во септември 1998 година, српските верници последен пат присуствуваа на богослужбата во црквата Света Недела во Брњача, село во општина Ораховац, на југот на Косово. Набргу потоа, започна конфликтот помеѓу српските сили и припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК), поради што голем број селани заминаа.
Повеќе од две децении подоцна, во оваа црква за нов свештеник беше назначен Милан Станојевиќ, а една од неговите први должности беше да ги среди црквата и нејзиниот двор, со помош на неколку доброволци.
Оваа црква датира од 14 век и се наоѓа пред позната локална винарија. Во пресрет на празникот Света Недела на 20 јули, кога православните верници од оваа област се собираат во црквата, млади доброволци го исчистија просторот околу објектот и го извадија иконите и други црковни предмети, кои блескаа на сонцето.
По завршувањето на богослужбата, црквата беше заклучена. Таа повторно ќе се отклучена на истиот овој празник следната година. Мал број Срби живеат во близина, а свештениците кои некогаш живееле тука, одамна си заминале.
Останатиот дел од годината, никој не се грижи за овој објект, иако оваа црква, од вкупно 46, се наоѓа на привремената листа на објекти под заштита на косовското Министерство за култура, па оттука го исполнува условот да биде реновирана од страна на државата и да се забрани изградба на други објекти во нејзина близина.
Освен црквата Света Недела, и многу други српски православни цркви во Косово се затворени, откако локалното српско население ги напуштило своите домови, по завршувањето на војната во јуни 1999 година, кога Слободан Милошевиќ ги повлече своите сили.
Поголемиот број од Србите што заминаа, повторно не се вратија, така што мал број верници влегуваат во црквите во Косово. Многу Срби го сметаат Косово за лулка на нивната религија и место на некои од најважните српски православни цркви и манастири, така што ова прашање сè уште е едно од најгорливите.
Минатиот месец, студенти од Универзитетот во Приштина, организираа протести откако Српската православна црква (СПЦ), одржа литургија во незавршената црква која се наоѓа во универзитетскиот кампус. Сопственоста на земјиштето на кое се наоѓа овој храм, е предмет на судска постапка. Косовските Албанци тврдат дека црквата е изградена за време на владеењето на Милошевиќ, како дел од српскиот проект за „колонизација“.
Инцидент се случи и за време на одбележувањето на Видовден, на Газиместан, крај Приштина, на 28 јуни. Видовден е важен датум за Србите. Тоа е денот кога османлиските сили го поразија средновековното српско царство, во Косовската битка во 1389 година. Минатата недела Основниот суд во Приштина осуди православен верник на шест месеци затвор, заради извикување на националистички пораки на собирот по повод Видовден.
Српските власти постојано нагласуваат оти православните цркви во Косово се вандализирани, а во некои случаи и осквернавени со напишани антисрпски или албански националистички пораки. Така, минатата недела, српското Министерство за култура и информации го осуди „сквернавењето“ на црквата Свети Петар и Павле, во косовското село Брод, со пишување на графити со кои се велича ОВК.
Според американскиот Стејт департмент, населението во Косово го сочинуваат 95,6 проценти муслимани, 2,2 проценти римокатолици и 1,4 проценти христијани, Срби. Косово нема официјална државна религија и законот за верски слободи вели дека правата и слободите на сите религии се заштитени.
Но, српското Министерство за култура и информации наведува дека инцидентот во Брод уште еднаш покажал дека косовската влада, и покрај нејзиното тврдење дека ги штити српските споменици на културата, „не е во можност да ги заштити црквите и манастирите на Српската православна црква од континуирани напади“.
„Бројни обиди за оштетување на црквите“
„Нема изјави, нема фотографирање“, ни вели Милан Станојевиќ, свештеникот во црквата Света Недела, нагласувајќи дека не му е дозволено да разговара со медиумите.
Сепак, тој објаснува дека црквата била оштетена во големите немири што го зафатија цело Косово во март 2004 година, кога беа запалени многу српски православни цркви. Овој објект, во меѓувреме, е реконструиран.
Верниците кои дојдоа да помогнат во чистењето на црквата, објаснуваат дека во близина на Ораховац останале само мал број Срби, кои одат во тамошната црква. Неактивните цркви, како што е црквата Света Недела, неизбежно трпат поради нивното занемарување.
„Епархијата (епархијата Рашко-призренска на Српската православна црква) не може да се грижи за сите потреби на црквите. Многу често тие се оставени сами на себе“, вели Драган Никиќ, Србин од Ораховац.
„Но, бројни се обидите за оштетување и пљачкосување на црквите, што бара континуирана заштита и одржување“, додава тој.
Од Рашко-призренската епископија, одбија да дадат коментар за овој текст. Во соопштението што го издадоа во јуни, се вели дека биле „извршени серија агресивни напади и организирано насилство врз Србите и православните верски објекти во Косово“.
Од косовската полиција за БИРН велат дека во последните пет години биле пријавени 19 случаи на причинета штета или кражби извршени во православни цркви. Во извештајот на американскиот Стејт департмент за верските слободи во 2020 година, се вели дека минатата година полицијата добила извештаи за 57 инциденти, насочени кон верски места – од кои 45 се случиле во муслимански, а осум во православни објекти.
Според извештајот на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), генерално, лошата состојба на православните цркви и гробишта е резултат на сквернавењето на српските верски места, по конфликтот во 1999 година и немирите во март 2004 година. Најзначајната причина што овие објекти и натаму пропаѓаат, е тоа што припадниците на српската заедница повеќе не живеат во областите околу црквите, објави ОБСЕ.
Во извештајот на Стејт департментот за верските слободи во 2020 година, се забележува дека имало „извештаи за инциденти на вандализам на српски гробишта, во текот на целата година“.
Празни гробници по заминувањето на семејствата
‘Рѓосаната брава на православната црква во селото Ѓураковац, во општина Исток, западно Косово, покажува дека поминало многу време откако во оваа црква имало верници.
Тревата во дворот е толку висока, што ја покрива влезната врата. Птиците што тука направиле свои гнезда, летаат низ црквата низ скршените прозорци, а во неа висат пајакови мрежи.
Во дворот има зараснати грмушки. Црквата стои како реликвија од времето кога во селото живееле луѓе од различни националности и религии. Денес е оштетена и напуштена.
Јован Цветковиќ, локален свештеник од селото Осојане во општина Исток, населено со мнозинско српско население, од Рашко-призренската епархија добил задача да го надгледува објектот.
Тој вели дека црквата, изградена во 90-тите години, била во лоша состојба и дека црквата Свети Никола од 14-тиот век, која, исто така, некогаш се наоѓала овде, била целосно уништена во 1999 година. Сепак, Цветковиќ не сакаше да го цитираме без дозвола на епархијата.
Недоволната грижа за верските објекти и гробиштата, во местата каде што повеќе не живеат верници, е видлива и во случајот со православната црква во селото Доња Шипашница, во општина Каменица.
Рачката на вратата од црквата Света Петка е ‘рѓосана, ѕидовите се напукнати, тулите искршени. Трева пораснала околу напуштената црква, изградена пред повеќе од еден век.
Некои гробови на гробиштата се празни, затоа што некои семејства кои го напуштиле Косово, одлучија да ги ексхумираат останките на нивните предци и повторно да ги закопаат таму каде што денес живеат во Србија.
На крајот на месец мај, полицијата објави дека црквата е вандализирана и оти е превртено местото каде што се палеле свеќи.
Но, Аслан Дермаку, првиот човек на селото, чија куќа се наоѓа во близина на црквата, посочува дека се сомнева оти станува збор за инцидент. „Мислам дека ветерот го превртел свеќникот. Црквата е многу стара и во лоша состојба. Не верувам дека дошло до вандализам“, нагласува тој.
Дермаку верува дека извештаите за нападите врз црквите, честопати се претерани. „Таквите работи се случуваат пред состаноците на Советот за безбедност на ООН (за Косово), особено затоа што православната црква има конзервативно, понекогаш националистичко влијание, особено меѓу косовските Срби“, нагласува тој.
Додава оти се надева дека селската црква сепак ќе биде зачувана. „Од дете го слушав звукот на црковното ѕвоно. Не би сакал да ја видам уништена“, истакнува тој.
Косовското обвинителство одби да ни даде какви било информации за истраги или случаи покренати поради вандализам на цркви.
Нора Арапи Красниќи, советник на косовскиот министер за култура, посочува дека објектите класифицирани како дел од културното наследство на земјата, се чуваат.
„Покрај реставрацијата и обновувањето, развиени се низа програми во соработка со Советот на Европа и Европската унија, за подигнување на свеста за заштита на местата на културното наследство, вклучително и на православните цркви“, објаснува таа.