Група студенти од Универзитетот во Приштина, протестираа пред незавршениот храм во кампусот, откако еден ден претходно, СПЦ одржа литургија во црквата, која е предмет на спор, уште од нејзината изградба во 90-тите години.
Ерблин Хоџа, член на Студентскиот парламент, ги повика косовските институции да одговорат на, како што рече, „провокациите во универзитетскиот кампус“.
„Ги повикуваме институциите да го отстранат овој објект од кампусот или да го претворат во музеј, во кој ќе бидат изложени насилството и геноцидот врз косовското население“, рече Хоџа.
Во четвртокот, СПЦ на Твитер објави неколку фотографии од свештеници кои држат литургија во црквата.
„Прв пат од 1998 година, во црквата на Христос Спасител, во центарот на Приштина, се служеше литургија. Светата архиерејска литургија ја служеше епископот Теодосије со свештенството и верниците во недовршениот храм, по повод празникот Вознесение господово“, се вели во соопштението.
Незавршената црква, чија изградба започна во средината на 90-тите години, кога Слободан Милошевиќ беше на власт и се обидуваше да ја консолидира контролата во нејзината тогашна покраина, е предмет на жестоки спорови на Косово, во последните две децении.
Во септември 2017 година, Апелацискиот суд донесе одлука, дека правото на сопственост над земјиштето, кое некогаш било дел од кампусот на Универзитетот во Приштина, ѝ припаѓа на Српската православна црква, и ја отфрли жалбата поднесена од Универзитетот.
Универзитетот ја оспорува сопственоста на црквата на околу четири хектари земјиште и правната основа за нејзина изградба, поради врските со брутално репресивниот режим на Милошевиќ.
Универзитетот ја поведе постапката во 2012 година, но случајот беше прекинат во 2015, кога претставниците на Универзитетот не се појавија на главната расправа во Основниот суд во Приштина. Случајот потоа беше проследен до Апелацискиот суд во март 2016.
Универзитетот изјави дека протестите пред црквата ги спречиле нејзините претставници да присуствуваат на рочиштето во Основниот суд, но Апелацискиот суд заклучи дека ова објаснување е неосновано.
По одлуката, Универзитетот покрена нов случај, кој сè уште е во постапка. Општина Приштина, исто така, ја оспори сопственоста на СПЦ врз земјиштето.
Во септември 2016 година, црквата беше запалена од непознати напаѓачи, по што претставници на СПЦ и на српската заедница, започнаа со расчистување и санација на црквата.
Во понеделникот, Универзитетот во Приштина издаде соопштение во кое изрази „длабока загриженост“ поради литургијата, нагласувајќи дека црквата е „бесправно изграден објект на поранешниот српски режим во универзитетскиот кампус“.
„Универзитетот во Приштина ќе ги преземе сите неопходни правни активности, за ослободување на кампусот од сите бесправно изградени објекти, вклучително и од објектот каде што се одржуваше литургијата“, се вели во соопштението.
Општина Приштина ги запре работите на таа локација, со образложение дека СПЦ нема дозвола за обнова на објектот.
Ден по литургијата, на влезот во црквата беше испишан графит „Исус ги мрази Србите“. Графитот беше избришан откако стана вирален на социјалните мрежи, а директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека „на пораките за мир, се одговора со графити на омраза“.
„Бариерите и забраните се одговор на градењето соживот. Полицијата, протестите и заканите за уривање се одговор на обележување на славата и молитвите. Дали има вистинско помирување и иднина со вакви антицивилизациски активности од Приштина?!“, напиша тој на Твитер.
Меѓутоа, избришаниот графит денеска беше заменет со друг: „Симболот на шовинизмот станува светост со благослов на Албин Курти“, кога активисти на Социјалдемократската партија, организираа протест пред црквата, обвинувајќи го премиерот Курти дека дозволил литургијата да се одржи.
Во понеделникот вечер, министерот за млади, спорт и култура на Косово, Хајрула Чеку, ги повика сите страни „да се воздржат од изразување на притисок врз судските институции“, додека случајот е на суд.
„Имотот на кој се наоѓа незавршениот објект, во моментов е во парнична постапка, а Универзитетот во Приштина е тужител во овој случај. Од таа причина, ниту една странка што е дел од постапката, не треба да врши притисок врз судовите“, рече Чеку.
Тој додаде дека „слободата на вероисповед е загарантирана со уставот и законите … но дека не може да се користи за политички цели или за кршење на законот, редот и правдата“.