Регион

Првиот обвинет пред Специјалниот суд во Косово вели дека е невин

Салих Мустафа Фото: ССК/Скриншот.

Салих Мустафа, поранешен командант на ОВК во оперативната зона Лап, во североисточно Косово, изјаснувајќи се за вината, пред Специјалниот суд рече дека не е виновен по обвинението.

Обвинението го товари Мустафа за произволно притворање, сурово постапување, измачување и убиство на цивили, држени на имот во селото Злаш, во април 1999 година, за време на војната во Косово.

Обвинителството тврди дека Мустафа бил дел од заеднички злосторнички потфат (ЗЗП), заедно со „некои други војници на ОВК, полицајци и стражари“, кои имале „заедничка цел да ги испрашуваат и злоставуваат затворениците“.

Според обвинението, затворениците немале доволно храна и вода, ниту соодветни санитарни и хигиенски услови, услови за спиење, сместување и здравствена нега и постојано биле изложени на „тепање со разни предмети, горење на кожата и давање на електрошокови“.

Пред да се изјасни за вината, Мустафа му се обрати на судот, опишувајќи се себеси како „поранешен борец за слобода и војник на ОВК“.

Тој посочи дека борбата предводена од ОВК била праведна „поради окупацијата (на Косово) од Србите, во режија на (претседателот на Југославија) ​​Слободан Милошевиќ“.

„Нашиот избор беше или да завршиме како некоја од земјите на Блискиот исток во Европа или да организираме отпор, кој донесе војна за независност на мојата земја“, рече тој.

Потоа тој се изјасни за невин по сите точки од обвинението.

Мустафа е првиот поранешен припадник на ОВК, уапсен од Специјализираното обвинителство на Косово (СТК). Тој беше притворен на 24 септември, кога беше префрлен во Хаг.

Уште двајца поранешни припадници на ОВК чекаат СТК да поднесе обвиненија против нив – водачот на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и неговиот заменик, Насим Харадинај.

И Харадинај и Гуцати беа уапсени во септември, за време на претресот на просториите на Здружението во Приштина, поради наводно попречување на правдата и заплашување на сведоци, врзано за протекувањето на документите од Специјалниот суд.

Тие наведоа дека документите им биле доставени анонимно и ги повикаа косовските медиуми да ги објават. Досега тоа го стори само еден медиум, од Албанија.

Од друга страна, косовскиот претседател, Хашим Тачи, и лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, ја чекаат одлуката на судијата на ССК, по барањето за потврда на обвинението против нив.

ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-1000 година. Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар.

ССК беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.

Но, Албанците во Косово т.н. Специјален суд го сметаат за навреда на војната на ОВК, за ослободување од српското владеење.