Минатата недела беше објавено дека првото судење пред Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг, ќе започне на 15-ти септември – скоро една година по првото апсење во Приштина и повеќе од шест години по формирањето на судот.
Поранешниот командант на ОВК, Салих Мустафа, ќе се појави пред судот, кој е формиран за да им суди на поранешните припадници на ОВК за наводни злосторства извршени за време на војната во Косово, од 1998 до 2000 година.
ССК се дел од судскиот систем на Косово, но се наоѓаат во Холандија и во нив е ангажиран меѓународен персонал.
Тие беа формирани во август 2015 година, со гласовите на пратениците, но и под притисок на западните сојузници на Косово, кои сметаат дека косовскиот судски систем не е доволно силен за да ги суди овие случаи и да ги заштити сведоците од потенцијално заплашување, поради тоа што претходните случаи пред Хашкиот трибунал, беа пропратени со влијание врз сведоците.
Обвинението против Мустафа беше потврдено на 12 јуни, шест месеци откако тој, како прв поранешен припадник на ОВК осомниченза воени злосторства, беше уапсен и префрлен во Хаг.
Главниот обвинител во овој случај, Џек Смит, во октомври 2020 година, објави дека ќе повика најмалку 15 сведоци да сведочат против Мустафа.
Мустафа, командант во Лапската оперативната зона на ОВК, познат како командант Цаљи, изјави оти не е виновен.
Неговото судење, кое може да трае повеќе од една година, ќе претставува преседан за другите случаи на ОВК, велат експертите за БИРН.
Незадоволство поради наводите за заеднички злосторнички потфат
Обвинението го товари Мустафа за „произволно притворање … сурово постапување … тортура … и убиство“ на цивили „приближно помеѓу 1 април 1999 и 19 април 1999 година“.
Мустафа е осомничен дека бил дел од заеднички злосторнички потфат (ЗЗП), заедно со „некои други војници на ОВК, полицајци и стражари“, кои имале „заедничка цел да ги испрашуваат и злоставуваат затворениците“.
Косовските медиуми и адвокати ја толкуваат употребата на изразот „заеднички злосторнички потфат“ како напад врз ОВК, и тврдат дека ова може да се смета за сугестија дека ОВК е злосторничка организација.
Ова толкување предизвикува незадоволство кај косовските Албанци, кои т.н. Специјален суд го сметаат за навреда на ослободителната војна на ОВК.
Сепак, Амер Алија, координатор и правен аналитичар на Фондот за хуманитарно право (ФХП) Косово, за БИРН вели дека наводите за заеднички злосторнички потфат (ЗЗП) не треба да се „толкуваат во контекст на Ослободителната војска на Косово, бидејќи не е одговорен секој војник или припадник на ОВК. за злосторствата што ги сторил друг војник кој не ги почитувал правилата на војување“.
Алија нагласува дека на осомничените може да им се суди за учество во ЗЗП врз основа на нивните активности – без разлика дали тие „директно наредиле или учествувале во насилството“ – или врз основа на нивното неделување – „со тоа што биле надредени на тие војниците и биле свесни дека. .. се сторени воени злосторства“, но не презеле ништо за спречување или казнување на злосторствата.
Во обвинението против Мустафа се вели дека затворениците се наоѓале во селото Злаш, дека немале доволно храна и вода, ниту соодветни санитарни и хигиенски услови, услови за спиење, сместување и здравствена нега и постојано биле изложени на „тепање со разни предмети, горење на кожата и давање на електрошокови“.
Според обвинението, тие биле и психички измачувани, а тие мачења „вклучувале закани со смрт и тешки телесни повреди, страв, понижување, политичка дискриминација, заплашување, малтретирање, испрашување и присилни или изнудени изјави и признанија“.
Во обвинението се посочува дека Мустафа често им давал наредби на другите припадници на неговата единица, да ги измачуваат затворениците или тоа го правел самиот тој.
Воспоставување модел за другите судења
Таулант Ходај, адвокат и партнер во адвокатската канцеларија „Ходај и партнерите“, за БИРН нагласува дека судењето на Мустафа „ќе претставува преседан“ за судската практика во другите случаи против поранешните водачи на ОВК.
Во притвор, покрај Мустафа, се и поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи, поранешните команданти на ОВК и повоени политичари, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Судење чека и Пјетер Шала, чие обвинение беше потврдено истиот ден како и она на Мустафа, но тој беше уапсен дури во март 2021 година во Белгија. Сите се изјаснија за невини.
ССК се релативно нов суд и нивните активности допрва треба да бидат ставени на тест.
„Бидејќи ова е нов суд, ќе има одложувања и поднесување на бројни жалби на одбраните … бидејќи развиена практика сè уште не постои“, вели Ходај.
Дури и пред објавувањето на датумот за првото судење, бранителите го обвинија обвинителството дека не ги открива доказите и дека предизвикува одложувања што одат на штета на нивните случаи.
Доколку се заклучува врз основа на претходните судења за воени злосторства, постапката против Мустафа може да трае повеќе од една година.
За одбраната да биде успешна, таа треба да ги отфрли сите сведочења и докази на обвинителството, обично со воведување на алиби, објаснува Алија.
„Обично во судењата за воени злосторства, одбраната се обидува да докаже дека обвинетиот не е одговорен наведувајќи друго осомничено лице, кое обично повеќе не е меѓу живите“, додава тој.
Адвокатот на Мустафа, Јулиус фон Боне, сè уште не објавил колку сведоци ќе повика. БИРН контактираше со него, но до објавувањето на овој текст, не добивме одговор.
И Алија и Ходај посочуваат оти веруваат дека првостепената пресуда на судењето на Мустафа ќе биде изречена до крајот на 2022 година. Дополнително, поднесувањето на жалба може да ја пролонгира постапката до 2023 година, или дури и подоцна.