Нo, тој беше ослободен од обвиненијата за геноцид во неколку други босански општини во 1992 година.
Караџиќ поднесе жалба на пресудата, тврдејќи дека нема „докази за обвинението во врска со намерата да се спроведе етничко чистење”.
Тој, исто така, тврдеше дека за време на опсадата на Сараево биле убиени „многу малку цивили” – „Србите само се бранеа, а муслиманите провоцираа инциденти и ги обвинуваа Србите, за да добијат странска интервенција”, велеше Караџиќ.
Жалба поднесе и обвинителство, кое побара Караџиќ да биде осуден на доживотен затвор.
Откако му беше изречена првостепената пресуда, Караџиќ, кој сега има 73 години, неколку пати поднесуваше жалби до Хашкиот трибунал поради, како што наведуваше, влошената здравствена состојба, а од судот повеќе пати побара и да му биде овозможено да користи Скајп во својата ќелија.
Случајот го пратеа и контроверзии, кога во септември, минатата година, судијата претседавач, Теодор Мерон, доброволно се повлече од жалбениот процес, откако одбраната побара од ММКТ тој да биде сменет, поради наводна пристрасност.
Одбраната тврдеше дека судијата Мерон е пристрасен, поради тоа што носел заклучоци во некои други предмети што се судеа во Хаг, кои биле поврзани со Караџиќ и со злосторствата извршени во Сребреница, Сараево и во други општини во Босна и Херцеговина.
„Добар сосед”
Караџиќ го поминал детството во Црна Гора, завршил основно училиште во Никшиќ, а во главниот град на Босна и Херцеговина дошол за да се запише во средното медицинско училиште. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Сараево, а во болницата на Кошево специјализирал психијатрија.
Караџиќ, и неговата сопруга, Лилјана Зелен, имаат две деца – синот Саша, чија повоена кариера е непозната, и ќерката Соња, која денес, како кандидат на партијата што некогаш ја водел нејзиниот татко, Српската демократска партија (СДП), е заменик претседател на Народното собрание на Република Српска (НСРС ).
Караџиќ изјави оти е среќен што неговата ќерка влегла во политиката, „особено поради тоа што е заинтересирана за подобрување на вредностите на човечките животи”.
Во периодот непосредно пред војната, тие живееле во улицата „Сутјеска“ во Сараево, каде сосетка им била Хајрија Смајиќ.
„Тие беа добри соседи”, вели Смајиќ за БИРН. „Неговата сопруга ја лечеше мајка ми. Единствено нешто што ми е криво, е што не кажаа дека нешто се подготвува (пред да почне војната), за да заминам од Сараево, бидејќи тогаш имав десетгодишно дете“, вели таа.
Смајиќ објаснува дека денеска никој не живее во станот на Караџиќ. „Никој и не доаѓа”, вели таа.
Освен како психијатар, прво во Сараево, а потоа и во Белград, каде што работел главно со пациенти кои страдаат од депресија, Караџиќ пишувал и поезија.
Напишал неколку стихозбирки и постигнал скромна слава, а за време на војната добил книжевна награда во Русија. Дури и по војната, додека беше во бегство, објавуваше песни. Во една од неговите песни, насловена како „Сараево”, тој напиша:
„Градот гори како темјан во црква,
во чадот ја гледам нашата совест“.
Во годините, додека работел во клиниката во Сараево, на Караџиќ шеф му бил, Исмет Цериќ, кој во интервју за американската ПБС, изјави дека Караџиќ секогаш имал „неверојатно високо мислење за себе”.
„Беше сосема неверојатно”, нагласи Чериќ. „Тој велеше: ‘Јас сум исклучителен поет, исклучителен психијатар, исклучителен бизнисмен во комунистичкиот систем. На почетокот мислевме дека има необична смисла за хумор“, вели Цериќ.
Осуден во 1980-тите години
Караџиќ, во средината на 1980-тите, ги имаше првите проблеми со законот. Имено, тој беше уапсен и притворен под сомнение дека проневерил пари, со цел да изгради викендичка на Пале, во близина на Сараево.
Тој беше осуден, но со оглед дека во казната му беше пресметано и времето што го поминал во притвор, тој не замина во затвор.
Заедно со Караџиќ, во притвор, во тоа време, врз основа на обвиненија дека извршил економски криминал во енергетската компанија, се наоѓаше и неговиот познаник, Момчило Крајишник.
Краишник, кој подоцна ќе стане претседател на Собранието на Република Српска, за БИРН изјави дека тоа искуство ги зближило.
„Го сметам за пријател и добар човек. Поминавме заедно низ таа ситуација, на која не сакам да се сеќавам, а потоа останавме блиски. Знам дека никогаш никого не мразеше и дека не сакаше никакво зло“, нѝ рече Крајишник.
Во средината на 1990-тите години доаѓа до основање на националистичката Српска демократска партија (СДС), а Караџиќ е назначен за нејзин прв претседател. Партијата беше дел од антикомунистичка коалиција и првично водеше кампања, земјата да остане во рамките на Југославија.
Во интервју за Српската новинска агенција (СРНА), Караџиќ истакна дека оваа позиција ја прифатил, не по своја волја.
„Секако, не сакав да бидам активен политичар”, рече тој. „Не сакав ниту да ја водам Република Српска, а и немаше да ја водам, да немаше вонредни настани”, додаде Караџиќ.
Повици за „Голема Србија”
На првите повеќепартиски избори во БиХ, кои се одржаа во ноември 1990 година, покрај СДП на Караџиќ, победија уште две национални партии – бошњачката Партија за демократска акција (СДА) и Хрватската демократска заедница на БиХ (ХДЗ БиХ).
Миро Лазовиќ, член на Социјалдемократската партија (СДП), се сеќава дека често ѝ противречувал на агресивната просрпска политичка агенда на Караџиќ, на парламентарните седници во почетокот на 1990-тите.
„Караџиќ пред војната го заговараше концептот на создавање на ‘Голема Србија’“, вели Лазовиќ за БИРН.
„Поради таквата политика, а особено поради зборовите кои тој ги упати во октомври 1991 година – ‘ако БиХ тргне по патот на независноста, ќе исчезне и муслиманскиот народ и државата“ – просто мораше во рамките на Собранието на Република Босна и Херцеговина (РБиХ), да се оди со референдум, односно граѓаните да се изјаснат за независноста на Босна и Херцеговина”, раскажува Лазовиќ.
Караџиќ, во својот говор, што го одржа во октомври 1991 година пред Собранието на РБиХ, ги предупреди Бошњаците на опасноста од предстојната војна, отако Словенија и Хрватска прогласија независност. Тој нагласи оти напуштањето на Југославија, ќе ја однесе БиХ во насилство.
„Ова е патот на кој сакате да ја однесете Босна и Херцеговина, на истиот тој автопат на пекол и страдање по кој тргнаа Словенија и Хрватска”, им рече тој на пратениците.
Тоа беше говор со кој, како што изгледа, тој ја предвиде бруталноста на претстојниот конфликт и на масакрите што уследија.
„Немојте да мислите дека нема да ја одведете Босна и Херцеговина во пекол, а муслиманскиот народ можеби и во исчезнување, бидејќи не ќе може да се одбрани, ако тука дојде до војна”, изјави тогаш Караџиќ.
БиХ стана независна во 1992 година, по референдумот на кој му се спротивставија Србите, кои сакаа да останат во Југославија. И тогаш започна војната.
За време на тригодишната војна, Караџиќ беше претседател на Република Српска и врховен командант на нејзините вооружени сили.
За време на воениот период, неговите најозлогласени изјави беа за Сараево, кое српските сили го држеа под опсада.
Караџиќ негираше дека единиците под негова команда се виновни за смртоносните артилериски напади врз градот. По масакрот на пазарот Маркале, во 1994 година, во кој загинаа десетици цивили, Караџиќ за весникот „Борба“ изјави: „Ние имаме многу дисциплинирана војска … никој не смее да испали од нашите позиции, без контрола и команда”.
Тој, исто така, изјави дека „Србите никогаш нема да го напуштат Сараево и дека тоа ќе биде идната престолнина на српската држава”.
Во неколкуте интервјуа што ги даде, тој ѝ се спротивстави на меѓународната интервенција во Босна и Херцеговина, велејќи дека тоа би бил „опасен меѓународен преседан, што секоја земја во светот би ја направил несигурна. Тоа би го довело во прашање правото на народот на самоопределување или на демократија“. Тој, исто така, јавно ја негираше одговорноста за масакрите во Сребреница, извршени во јули 1995 година.
Говорејќи за тој период, Краишник рече дека Караџиќ „отсекогаш се борел против злосторствата”.
„Тој едноставно не ги сакаше овие злосторства, и ако има правда, тој ќе биде ослободен на ова судење”, истакна Крајишник, кој и самиот, од страна на Хашкиот трибунал, беше осуден на 20 години затвор за воени злосторства.
Сепак, Лазовиќ вели дека е сигурен оти Караџиќ ќе биде осуден.
„Хашкиот трибунал веќе покажа што мисли за раководството на босанските Срби и утврди дека нивниот план бил да се извршат злосторствата. Не се сомневам дека Караџиќ, како олицетворение на овие политики, ќе биде осуден“, нагласи тој.
Караџиќ во бегство
МКТЈ беше формиран во Хаг, откако илјадници лица од несрпска националност, беа притворени во концентрациони логори, откако во 1992 година беа извршени злосторства во Приједор и откако силите на босанските Срби го гранатираа Сараево.
Првото обвинение против Караџиќ беше подигнато во 1995 година, непосредно по геноцидот во Сребреница.
Пред три години, Караџиќ за БИРН призна дека во Сребреница е извршено „страшно злосторство”, кое тој сепак не го нарече геноцид, а и го намали бројот на жртвите.
„Во врска со Сребреница, она што се случи во реалноста е доволно лошо, па никакво преувеличување нема да ни помогне да дојдеме до разбирање и мир помеѓу нас. Непотребното убиство на еден човек е ужасно, а камоли убиството на, сигурно, најмалку неколку стотици луѓе, како што е, на пример, непобитниот број на жртви со превези (жртвите од Сребреница погубени со превези и рацете врзани зад грб). Тие кои го направија тоа, се пред сѐ, непријатели на Србите, непријатели на тие семејства (на жртвите), а и на муслиманската заедница“, рече тој.
Потерницата по Караџиќ беше распишана во 1996 година, но тој тогаш веќе се наоѓаше во бегство.
Според британскиот новинар, Џулијано Боргер, кој напиша книга за „ловот” на Караџиќ, поранешниот претседател на босанските Срби го избегнувал апсењето повеќе од десет години, бидејќи во почетокот, „немало политичка волја” тој да се уапси, а меѓународната заедница верувала дека тоа би можело да го загрози кревкиот повоен мир.
На почетокот, напиша Боргер, Караџиќ отворено се криел на Пале, но подоцна, под зголемен притисок тој да биде донесен пред лицето на правдата, бега во Србија и се крие таму.
Соединетите Американски Држави (САД) понудија награда од пет милиони долари, за информации кои можат да доведат до Караџиќ, но и покрај долгата потрага на силите на меѓународните и на локалните безбедносни сили, тој беше уапсен дури во 2008 година во Белград, каде што се криеше под името Драган Дабиќ, претставувајќи се како „исцелител”.
Неговиот правен советник, американскиот адвокат, Питер Робинсон, го опиша поранешниот претседател на Република Српска како „харизматичен, интелегентен и чувствителен човек, кој е посветен на својот народ”.
„За време на постапката, поважно му беше да го одбрани српскиот народ, отколку да се брани себеси”, рече Робинсон.
Здруженијата на бошњачки жртви на војната, изјавија оти тој е одговорен за ужасни, етнички мотивирани злосторства и дека треба да биде во затвор до крајот на животот.
По маратонското судење, во текот на кое беа сослушани околу 500 сведоци, ММКТ на 20 март ќе му ја изрече конечната пресуда на Караџиќ.
Обвинителството бара казна доживотен затвор, а Караџиќ, кој сé уште тврди дека не е виновен, смета дека треба да биде ослободен.