Геноцидот извршен над неколку илјади мажи и момчиња, Бошњаци, од Сребреница, во јули 1995 година, е едно од најтешките злосторства во Европа после Втората светска војна. Тој се случи во босанскиот ентитет, Република Српска (РС), но децата на возраст од 14 или 15 години во РС, речиси и не учат за ова на училиште.
Во учебникот по историја за деветто одделение, Историја 9, од Драгиша Д. Васиќ, објавен од Институтот за учебници и наставни средства во Источно Ново Сараево, геноцидот во Сребреница не се спомнува со ниту еден збор, освен констатацијата дека „во јули 1995 година, Војската на Република Српска ги зазела Сребреница и Жепа”.
Сребреница е наведена во овој учебник, како едно од „местата на масовно злосторство“, а под терминот „етничко чистење“ се наведува прогонот на Србите, но не и на Бошњаците и на Хрватите.
Спротивно на тоа, учебникот по историја за учениците од деветто одделение основно училиште, во ентитетот Федерација БиХ, објаснува дека Војската на Република Српска (ВРС) е одговорна за масакрите во Сребреница.
Во учебникот Историја 9, од Изет Шаботиќ и Мирза Шехајиќ (објавен од НАМ Тузла и Вријеме Зеница) се вели дека ВРС „етнички ги исчистила од несрпското население сите области под нејзина контрола, уништувајќи ги културните, верските и другите историски обележја, што го потврдувале нивниот (бошњачки и хрватски) национален идентитет“.
„Несрпското население кое не избегало на време или кое немало пари да купи слобода, најчесто завршувало во концентрациони логори“, се наведува во учебникот.
Што се однесува до три и полгодишната опсада на Сараево, во учебникот се вели дека „поголемиот дел од Сараево го контролирала АРБиХ (Армијата на Република Босна и Херцеговина), додека помал дел од главниот град и неговата околина, биле под контрола на ВРС“.
Исто така, се наведува дека, по војната, „особено болно за српската страна било тоа што морала да го остави речиси целиот град Сараево и голем дел од неговата околина, на Бошњаците“.
Историчарот, Хуснија Камберовиќ, смета дека во учебниците треба да се говори за обете страни.
„Бесмислено е да се негира опсадата на Сараево, но не смее да се игнорира ниту страдањето на сите жители, вклучително и на Србите, во опколениот град“, вели Камберовиќ.
Сепак, анализата на БИРН, на учебниците по историја што се користат и во ентитетите во БиХ и во Србија, покажува дека постојат различни пристапи кон конфликтот во БиХ, како и фокусирање на сопствените жртви и минимизирање или занемарување на жртвите на другите нации.
Сите главни настани и личности од БиХ – опсадата на Сараево, етничкото чистење, воените злосторства, геноцидот во Сребреница и улогите на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ – се претставени поинаку во учебниците.
Така, во учебникот Историја 9 во РС, политичкиот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, кој беше осуден на доживотен затвор за геноцид и за други воени злосторства од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), е опишан како „психијатар, поет и политичар“.
Исто така, се вели дека „како основач и лидер на Српската демократска партија, тој одиграл исклучително важна улога во создавањето на Република Српска, чиј прв претседател бил“.
На друго место, во рубриката, „Од историските текстови“, е наведено дека од аспект на американските филмови „Република Српска е претставена како ‘земја на злото’, а Караџиќ како „бегалец, настран, убиец и криминалец кој живее во луксуз, скриен од неспособните Обединети нации”.
Игнорирање на судските пресуди
Прашањето за учебниците по историја се врати на насловните страници на медиумите, кога поранешниот министер за образование, наука и технолошки развој на Србија, Младен Шарчевиќ, изјави дека Србија и РС работат заедно на усогласување на наставните планови, така што „во подрачјата каде што живеат Србите, националните предмети (географија, музичка култура, јазик и литература) ќе се изучуваат идентично“.
Ова може да значи дека образовната поделба меѓу учениците од српска и од несрпска националност во БиХ, ќе стане уште поголема.
Во учебникот, Историја 8, чии автори се Момчило Павловиќ и Ѓорѓе Ѓуриќ, а издавач е Институтот за учебници од Белград, се наведува дека „последиците од војните биле катастрофални за сите жители, без оглед на националноста и верската припадност“.
Иако во учебникот се вели дека масакрите во Сребреница биле воено злосторство, во согласност со ставот на српските власти, тие не се квалификуваат како геноцид и покрај пресудите на меѓународните судови. Добро документираниот број на жртви, исто така, се доведува во прашање.
„Масакрот во Сребреница е воено злосторство и злосторство против човештвото, извршено од Војската на Република Српска, со помош на паравоени формации, над бошњачки војници и цивили. Спорни се податоците за вкупниот број на жртви. Според едни, убиени се околу 8.000 луѓе, а според други, тие бројки се оценуваат како претерување“, се вели во учебникот.
Сепак, се забележува дека Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, во пресудата по тужбата на БиХ против Сојузна Република Југославија (СРЈ), „го квалификувал ова злосторство како геноцид, но не ја поврзал Србија со овој настан“.
Во учебникот, Тематски историски атлас – Историја 8, од Предраг Симиќ и Ивана Петровиќ, од издавачката куќа Логос во Белград, исто така, се доведуваат во прашање судските пресуди за воените злосторства, извршени од силите на босанските Срби.
Во книгата се вели дека „на почетокот на февруари 1994 година, на пазарот Маркале во Сараево, експлодирала граната, која убила голем број граѓани. За тој напад, и покрај контрадикторните докази, обвинети беа Србите“.
Според пресудите на МКТЈ, утврдено е дека гранатата била истрелана од позициите на ВРС.
„Овој инцидент е пример за гранатирање, каде што цивилите беа намерно целени“, се вели во пресудата со која на доживотен затвор беше осуден, Станислав Галиќ, командант на Сараевско-романскиот корпус на ВРС.
Камберовиќ вели дека учебниците, треба да ги следат пресудите изречени од судовите, во предметите поврзани со војните во 90-тите години.
„Tреба да се држиме до фактите утврдени во судските постапки и не треба да биде проблем тие факти да се вклучат во учебниците“, посочува тој.
„Секако, учебниците треба да ја нагласат одговорноста на поединците за сторените злосторства, а пораката секогаш мора да оди во насока на градење свест за бесмисленото страдање. Не може од злосторници да се прават херои“, додава Камберовиќ.
Избегнување на „таблоидната историја“
Камберовиќ посочува дека учениците треба да учат за историјата на војните во 90-тите, бидејќи е „подобро децата да учат за тоа од квалитетни учебници, отколку од пропагандни текстови на разни портали“.
„Кога ќе дојдеме во стадиум кога децата ќе се соочат со постапките на нивните родители, тогаш сме подготвени да градиме модерно општество“, вели Камберовиќ.
Александар Тодосијевиќ, претседател на Здружението за социјална историја – Евроклио од Белград, вели дека учениците „или се изложени на поедноставени, ‘официјални’ наративи и еднострани интерпретации или воопшто не се подучуваат за оваа тема, туку се оставени на влијанието на ‘таблоидната историја’“.
И во двата случаи, додава тој, „не им се дадени ниту фактички увиди во воените настани, ниту можност да анализираат, да ги разберат и да ги вреднуваат различните извори и интерпретации на настаните“.
„На учениците треба да им се презентираат историски точни информации, на објективен и непристрасен начин … Мора да им овозможиме целосно и сеопфатно знаење на темата, за да не судат за одредени настани површно, еднострано и емотивно“, смета Тодосијевиќ.
И историчарката, Мелиса Фориќ-Пласто, виш асистент на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Сараево, смета дека поновата историја треба да биде дел од наставната програма, иако е тоа „крајно контроверзна и комплексна материја“.
„Целта на изучувањето на војните во 90-тите, не треба да биде создавање на омраза и нови поделби, туку употреба на примери од блиското минато, заради развој на емпатија, соочување со минатото, учење за вредностите на мирот против сè она што е и што носи војната“, вели Фориќ-Пласто.
Мисијата на ОБСЕ во БиХ, која даде препораки за изучување на поновата историја на земјата, смета дека учебниците треба да бидат објективни и „насочени кон градење на меѓусебно разбирање, помирување и мир во БиХ“.
„Етничките поделби во БиХ, создадени по конфликтот, продолжуваат да влијаат на учењето и подучувањето на предметот историја, што за резултат има три одделни, еднострани и често спротивставени историски наративи“, велат од ОБСЕ.
Но, во такво опкружување нема да биде лесно да се направат промени, забележува ОБСЕ: „Во постконфликтните општества, реформата на наставата по историја е долг, чувствителен и сложен процес“.