Пролетното патување на бројната македонска делегација на светскиот саем ЕКСПО 2025, кој се одржа во Осака, Јапонија, го чинела државниот буџет речиси 90 илјади евра.
Ова е збирната сума што се добива ако се пресметаат сумите кои БИРН ги доби од неколку министерства и од владата. На прашањата колку вкупно потрошиле лицата, кои можеа да се забележат на фотографиите од Јапонија, за авионски превоз, хотел и дополнителни трошоци, одговори добивме од министерствата за надворешни работи и надворешна трговија, за европски прашања и од Владата.
Од Министерството за култура и туризам и покрај тоа што помина законскиот рок, одговор сè уште не добивме.
Според фотографиите, кои се споделуваа на социјалните мрежи, во јапонскиот град беа тројца министри, некои од нив со сопругите, како и претставници од владата. Нивното патување тогаш предизвика многу реакции во јавноста, која ја забележа бројноста на делегацијата.
Според податоците што ги добивме од владата таа институција ја претставувале генералниот секретар Игор Јанушев, потпаролката Марија Митева и националниот координатор за туризам Акан Махмут. Вкупно за авионски билети, сместување и трошоци, заедно за тројцата, се потрошени повеќе од 14 илјади евра.
Уште еден претставник на Илиденска број 2 бил со нив. Шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, Владимир Нелоски, кој бил придружуван од неговата сопруга. За него не платила Македонија, туку јапонската влада, а за брачната партнерка трошоците ги покриле сами.
На сметка на азиската земја биле и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и неговата сопруга.

Патувањето тогаш предизвика многу реакции во јавноста | Фото: Министерство за култура и туризам
Министерството со кое раководи Муцунски му го платило патувањето и сместувањето на дипломатот Сашо Марковски, кој е и советник за надворешна политика на премиерот. За него од буџетот се одвоени повеќе од шест илјади евра.
Во Јапонија беше и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани за кој Министерството за европски прашања потрошило речиси шест илјади евра. И тој беше придружуван од сопругата, за која исто како и кај Нелоски трошоците биле приватно платени.
Вкупно, според податоците што БИРН ги доби од овие три институции, потрошени се нешто повеќе од 26 илјади евра.
Од Министерството за култура и туризам не одговорија на барањето од БИРН, но според документите кои претходно ги добил порталот Инфомакс може да се види дека се потрошиле околу 62 илјади евра за патувањето, сместувањето и за други трошоци на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, неговата шефица на кабинет, Ирена Петкова и уште 26 други лица.
За патувањето и сместувањето во Осака и во Токио на Љутков и на Петкова се потрошени над десет илјади евра.
Поголемиот дел од трошоците е за останатите 26 лица, кои патувале преку министерството за култура, кои, според проверките на БИРН, се музичари и уметници што настапуваа во македонскиот павилјон.
Инаку, ваквите светски саеми се случуваат на секои пет години. Идејата е претставници на државите од целиот свет да споделуваат знаење, иновации и култура со цел да се најдат решенија на светски проблеми преку дијалог.
Оваа година главната тема на саемот беше „Дизајнирајќи го идното општество за нашите животи“ и учествуваа 158 држави и региони.
Според медиумските извештаи Македонија се претставила со архитектонското наследство од јапонскиот архитект, Кензо Танге во постземјотресните градби во Скопје, со настап на Танец и со презентација на бизнис-можностите.