Регион

Регионалната соработка е клучна за пронаоѓање на исчезнатите лица

Унапредените истражни и форензички техники, се доказ дека сѐ уште е можно да се најдат и да се идентификуваат 12.000 лица кои и денес се водат како исчезнати во балканските војни

Во последните 20 години, владите на земјите од Западен Балкан, успеаја да пронајдат повеќе од 70 отсто од 40.000 лица кои на крајот од конфликтите во поранешна Југославија, се водеа како исчезнати. Речиси 28.000 се пронајдени, што е невиден успех по еден голем конфликт, каде било во светот.

Високиот процент на пронајдени лица, јасно покажува дека процесот на нивно пронаоѓање усвоен во Западниот Балкан и предводен од Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ), функционира.

Успехот е резултат на троен пристап – создавање законска регулатива и институции кои долгорочно ќе го одржуваат процесот, развој на мрежа на ефикасни здруженија на семејствата на исчезнатите кои можат да се залага за нивните права, како и примена на најмодерна технологија за ДНК анализа, поддржана со напредни капацитети на системи за податоци.

Способноста на форензичката наука континуирано се прошируваше, откако МКИЛ прва го покрена процесот на масовно ДНК совпаѓање во 2001 година.

Само минатата недела, Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, беше во позиција да извести едно лице дека се идентификувани тројца членови на неговото семејство, во овој случај со користење на новата револуционерна техника позната како масовно паралелно секвенционирање (MПС).

Ова беше прв пат MПС, техника развиена во лабораторискиот систем на МКИЛ во Хаг, успешно да биде применета во идентификувањето на посмртните останки на лица од Западен Балкан.

Оваа техника овозможува да бидат постигнати резултати и во многу предизвикувачки случаи, каде што сегашната технологија потфрлила, а овозможува и идентификација помеѓу далечни роднини. Ова им дава нова надеж на семејствата кои сѐ уште чекаат да ја дознаат судбината на своите најблиски.

Иако треба да се даде признание за она што е веќе постигнато, важно е и да се запамети дека 12.000 лица сè уште не се пронајдени, па затоа напорите за нивно пронаоѓање, не треба да запрат. Работата мора да продолжи.

Технолошкиот развој дава надеж, како што дава и одржливиот ангажман на земјите во регионот да продолжат со стратегиите кои се однесуваат на пронаоѓањето на исчезнатите лица, а во исто време, што е и клучно, да соработуваат меѓусебе.

Фотографија на Атхе Мула, поставена на изложбата во Собранието на Косово. Фото: БИРН

Заедничката декларација потпишана во Лондон во јуни 2018 година, од страна на шефовите на влади на земјите од Западен Балкан, кои повторно ја истакнаа својата посветеност на соработката во напорите да се пронајдат и останатите исчезнати лица, е многу важен чекор.

Ова беше проследено со потпишување на рамковен план за спроведување на заедничката декларација. Во ноември минатата година, во седиштето на МКИЛ во Хаг, претставници на Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора и на Србија, го потпишаа рамковниот план и официјално се обврзаа дека ќе работат заедно како регионална група за исчезнати лица.

Регионалната соработка е од суштинско значење за успешен процес.

Соработката се темели на три столба. Првиот е оперативната потреба за размена на информации – бидејќи не е невообичаено една тајна гробница да се наоѓа во една, семејствата на исчезнатите во втора, а податоците во врска со потрагата по исчезнатите, во трета земја.

Вториот е длабоката солидарност што постои меѓу семејствата на исчезнатите во сите земји и меѓу заедниците, бидејќи тие што го споделуваат ужасното искуство на губиток на член на семејството, се многу поврзани.

Третиот е примената на недискриминаторски пристап кој се темели на закон, а кој ги вклучува сите засегнати страни во процесот. Семејствата на исчезнатите не бараат поддршка од владите како сатисфакција, туку како право – владите имаат законска обврска, според меѓународното и домашното право, да направат сѐ што можат за да ги најдат исчезнатите и да го поддржат правото на преживеаните на вистина, правда и репарации.

Можеби изгледа дека со текот на времето, можностите за наоѓање и идентификување на исчезнатите лица се сѐ помали. Сепак, со употребата на унапредените истражни и форензички техники, можно е да се лоцираат тајните гробници и да ги идентификуваат луѓето кои во нив се закопани, па дури и по повеќе од две децении.

Поддржувањето на правата на семејствата на исчезнатите, не е прашање кое се однесува само на овие семејства, туку тоа влијае на општеството како целина. Кога се почитуваат правата на најранливите групи во општеството, се почитуваат правата на сите граѓани.

Верувам дека е позитивен знак тоа што владите во регионот, во однос на решавање на прашањето на исчезнатите лица, ова го сфатиле и активно работат на исполнување на обврските што ги презеле.

Кетрин Бомбергер е генерален директор на Меѓународната комисија за исчезнати лица. Таа, оваа недела, е во посета на земјите во регионот, каде што ќе се сретне со шефовите на владите и со лицата одговорни за потрага по исчезнатите, со кои ќе разговара за чекорите што треба да се преземат за да се олесни спроведувањето на рамковниот план, кој беше потпишан во ноември минатата година.
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.