Истражувањa

Регионалните телевизии живеат од општински пари

Покрај владините реклами, кои веќе не се во игра, новите регионални телевизии, за кои се смета дека се блиски до власта, се финансираат и од општински пари

Гледаноста на регионалните телевизии не игра улога кога општините избираат на кој медиум ќе се промовираат, покажува споредбата на приходите со рејтингот што го имаат овие медиуми. Истражувањето на БИРН открива дека дел од општините со буџетски пари се рекламираат на телевизии кои немаат гледаност или немаат ниту опрема.

На тој начин одредени регионални телевизии се десеткратно попрофитабилни во однос на останатите, создавајќи нелојана конкуренција и уривајќи го пазарот.

Штипската „Канал плус“ и битолската „ХД ТВ Мега“ кои иако, според анализата на државната Агенција за медиуми (АВМУ), имаат исклучително мал досег до публиката, добиваат месечни рати од општинските буџети за информирање и за рекламирање. Вакви договори имаат и телевизиите „Телеканал А1“ со општина Валандово, вреден 295.000 денари годишно, и телевизијата „К три“ со Крива Паланка, која за 24.560 денари месечно „ја претставува општината“, како што пишува во договорот. Охридската телевизија „О2“, пак, склучила дури два договора со локалната самоуправа.

Овие медиуми се дел од групата на ребрендирани телевизии кои во еден ден во 2013 беа купени од три новоформирани скопски фирми. За една година гледаноста им останала ниска, но затоа, пак, приходите драстично им скокнале. Ако сите 27 регионални телевизии лани имале приход од 4,9 милиони евра, само овие шест телевизии заработиле 2,7 милиони или повеќе од половината од вкупната сума што ја заработиле сите телевизии.

Илустративен е податокот од пазарната анализа од 2014 на Агенцијата за медиуми која покажува дека споредено со 2013 приходите на регионалните телевизии пораснале во сите радиодифузни региони и тоа за дури 59,15 проценти. Скопскиот регион пак иако има најголема заработувачка, таа не бележи раст во споредба со претходните години.

Со „нула гледаност“, ама со двојно потежок договор

Новата штипска регионална телевизија „Канал плус“ доби најмногу пари од oпштината, иако досегот до публиката, според мерењето на Агенцијата за медиуми (АВМУ), ѝ е нула проценти

Новата штипска регионална телевизија „Канал плус“ доби најмногу пари од oпштината, иако досегот до публиката, според мерењето на Агенцијата за медиуми (АВМУ), ѝ е нула проценти

Непознато е колку во овие приходи на регионалните телевизии учествуваат граѓанските пари од општинските буџети, но од висината на договорите што некои од општините ги склучиле со релативно новите регионални телевизии излегува дека износите не се мали. Притоа, на општините не им била важна гледаноста или достапноста до публиката на нивните програми.

Новата штипска регионална телевизија „Канал плус“ доби најмногу пари од oпштината, иако досегот до публиката, според мерењето на Агенцијата за медиуми (АВМУ), ѝ е нула проценти. Во оваа општина градоначалникот и мнозинството советници се од владејачката ВМРО ДПМНЕ.

„Канал плус“ има договор од милион и 200.000 денари без пресметан ДДВ на име на Договор за телевизиски услуги за потребите на општината. Само за споредба, најгледаната штипска телевизија „Ирис“, според истата анализа на АВМУ, потпишала годишен договор со општината од 496.000 денари со ДДВ. Притоа, општината добива попуст од 10 отсто од телевизијата „Ирис“ ако се исплати авансно првата половина од износот во првите шест месеци од годината. Со други зборови погледаната „ТВ Ирис“ е речиси три пати поевтина од „Канал плус“.

Со нула проценти досег до публиката е и битолската ребрендирана телевизија „ХД ТВ Мега“, која исто како и штипската има договор за информирање и за рекламирање со општината каде што работи, Битола.

Преку Законот за пристап до информации од јавен карактер БИРН го доби договорот меѓу телевизијата „ХД ТВ Мега“ и битолската администрација. Меѓутоа, договорот потпишан од градоначалникот Владимир Талески и од директорот на телевизијата, Марјан Нечак, е склучен без определување на износот. Во документот е наведен широк преглед на ценовникот на телевизијата, но не и цената што општината со граѓански пари ја плаќа за „купување, развој и за продукција на програмски материјали“.

Охридската „О2“ склучила два договора со општината Охрид „за купување на термини за телевизиско презентирање и за емитување“. Во писмениот одговор од општината Охрид договорите не ни беа доставени и покрај нашето барање. Општината наведува дека се склучени два договора и секој од нив не може да тежи повеќе од 30.000 денари месечно.

Немаат опрема, а пренесуваат седници

Општина Велес од пред четири месеци склучила договор со новобрендираната ТВ „К1“, која од Кавадарци се пресели во Велес

Општина Велес од пред четири месеци склучила договор со новобрендираната ТВ „К1“, која од Кавадарци се пресели во Велес

Парите од општините остануваат сигурна алтернатива за финансирање на регионални телевизии, откако Владата го прекина емитувањето на рекламите под притисок на јавноста, политичките преговори и по инсистирањето на меѓународната заедница. Претходно, споредИзвештајот за владините реклами, шест регионални телевизии беа еден од главните канали за емитување на владините кампањи.

Своевидна „алатка“ за општинско финансирање на регионалните телевизии се и договорите за емитување на седниците на општинските совети. Општина Велес од пред четири месеци склучила договор со новобрендираната ТВ „К1“, која од Кавадарци се пресели во Велес. И оваа телевизија неодамна доби сопственик од Скопје, уредникот на порталот „Курир“, Саше Стојановски.

Општинскиот портпарол Мартин Мајсторов за БИРН изјави дека телевизијата ќе ги емитува седниците бесплатно, меѓутоа не ни го даде договорот склучен со ТВ „К1“.

„Општината Велес не може да издаде документи или информации чие издавање може да значи повреда на комерцијалните и други економски интереси на добавувачот на услуги“, велат од општината. Оттаму посочија дека понудата на ТВ „К1“ за емитување на седниците е избрана преку јавна набавка со непосредно договорање.

Меѓутоа, Ангел Здравкин, сопственик на телевизијата „Здравкин“, која со години ги пренесува седниците, тврди дека воопшто немало јавна набавка.

„Телевизијата „К1“ склучила договор и покрај тоа што нема опрема за снимање и за пренос, поради што ги користи услугите на друга велешка телевизија. „Немало јавна набавка туку сè се одвивало во четири очи“, изјави Здравкин за БИРН.

Засега без потврда останува информацијата дека на ист начин регионалните телевизии ќе склучуваат договори со останатите општини за пренос на седници.

Телевизискиот пренос на седниците не е нов изум. Општина Струмица веќе неколку години има договор за одложено емитување на седниците на советот на телевизијата „Вис“. Градоначалникот Зоран Заев при образложувањето на буџетот за 2015 рече дека за телевизиски услуги општината ќе издвои милион и 250.000 денари.

Општина Гевгелија, според протпаролот Љупчо Алексовски, од општинскиот буџет плаќа по 55.000 денари месечно на ТВ „Нова“, која го добила тендерот за пренос на седници.

Штипската телевизија „Канал плус“ има договор и со општина Делчево. Иако локалната власт во Делчево се дави во долг од повеќе од три милиони евра, секој месец од општинскиот буџет се исплаќаат по 22.000 денари за телевизиски услуги за потребите на општината.

Блиски до власта, а далеку од данокот

„ТВ Ултра“ е на врвот на листата по приходи од рекламирање / Фото: ТВ Ултра

„ТВ Ултра“ е на врвот на листата по приходи од рекламирање / Фото: ТВ Ултра

Речиси идентични се договорите што ги имаат со општините останатите регионални телевизии во сопственост на трите скопски компании, кои во еден ден купија шест телевизии. Според законот, една компанија може да има по две телевизии во два различни региони. Па така, скопската „ГМ трејд“, ги поседува „ХД ТВ Мега“ од Битола и „Канал плус“ од Штип. „ДМТ Продакшан“, исто така од Скопје, е сопственик на „Ултра“ од Тетово и на „О2“ од Охрид, додека третата скопска фирма, „Емперијан визион“, има телевизии во Дебар и во Струмица – „Канал три“и „Телеканал А1“

Од вкупно 27 регистрирани регионални телевизии, шест припаѓаат на овие три скопски фирми, кои со еден потег, со купувањето, ја покрија со сигнал целата територија на државата, со исклучок на Скопје.

Тројцата сопственици, Горан Митев, Драган Митковски и Емил Парнаџиски, во ист ден ги регистрирале фирмите, а десет дена подоцна ги купија телевизиите. Според истражувањето на Медиапедиа, сите тројца се поврзуваат со владејачката партија ВМРО ДПМНЕ.

Овие нови сопственици го искористија моментот на стартувањето на процесот на дигитализација во медиумите, кога се обновија дозволите за работа на радиодифузерите. Добивањето дозвола за нова телевизија бара време и многу документација. Вака, со купувањето и со пререгистрацијата, направија брза трансформација на сопственоста.

Овие три скопски компании, кои во еден ден платија 110.000 евра за шест регионални телевизии, според прикажаните приходи, вложените пари ги вратиле дваесеткратно. Вкупно, сите шест регионални телевизии прикажале дека во 2014 година заработиле 2,7 милиони евра.

Најилустративен е примерот со најпрофитабилната ТВ „Ултра“ од Тетово, која добила 30,11 милиони денари од рекламирање, додека далеку зад неа по приход во истиот регион е ТВ „Коха“ со 9,11 милиони.

По „Ултра“, која е на врвот на листата по приходи од рекламирање, според анализата на АВМУ значајни износи прикажале и „ХД ТВ Мега“ од Битола – 24,65 милиони денари, „Телеканал А1“ од Струмица – 24,53 милиони денари, ТВ „Канал 1“ од Велес – 23,9 милиони денари, ТВ „О2“ од Охрид – 22,65 милиони денари, ТВ „К три“ од Куманово – 20,14 милиони денари и ТВ „Канал три“ од Дебар – 20,79 милиони денари. (Анализа на пазар 2014, извор АВМУ)

Сопственик на кумановската телевизија К три е фирмата НВСП од Скопје која бележи резултати и во бизнисот со радијата. Имено, НВСП е сопственик и на Радио Слободна Македонија. За само една година постоење Слободна Македонија успеа да се најде на второто место по приход од националните радија со заработени 22,69 милиони денари од рекламирање.

Сепак и покрај одличната заработка, дел од овие медиуми тешко се откажуваат од профитот за да одвојат данок на државата.

Иако најбогата ТВ „Ултра“ од Тетово ѝ должи на државава милион и 262.000 денари за ДДВ. И охридската „О2“ има долг кон државата од 581.000 денари за неплатен ДДВ, според објавената „Листа на срамот“ на Управата за јавни приходи (УЈП) од мај годинава. Сопственикот на двете телевизии, Драган Митковски, е газда и на книговодствената фирма „Митковски ММ“ и претседател на Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.

Претстојат предвремени избори. Начинот на следењето на изборите ќе ја покаже улогата на овие ребрендирани регионални телевизии и причината поради која се купени, дали е тоа бизнис или, пак, политика.