Регион

Регрутирање за „Нова Русија“

Српски доброволци одговараат на повикот за борба во Украина

Еден ден пред Русија да ја нападне Украина, на 24 февруари, самонаречениот српски четнички воен лидер Братислав Живковиќ, за веб-страницата RuSerbia.com изјави дека „многу српски доброволци се подготвени да одат во Доњецк“ –  проруското упориште во источна Украина, регион што руските националисти го нарекоа Новоросија, или Нова Русија.

„Многу луѓе што сакаат да ја бранат Новоросија ми испраќаат пораки. Не се сомневајте во тоа… Ќе има Срби [таму], како и секогаш“, вели Живковиќ.

Седум дена подоцна, на 2 март, Живковиќ за БИРН изјави дека српски доброволци веќе пристигнале во Украина за да се борат за Русија и за двете самопрогласени држави во источна Украина, поддржани од Русија, Луганската и Доњецката народна република, познати како ЛДНР.

„Меѓу волонтерите што се борат за ЛДНР има Срби што претходно беа таму, а некои штотуку пристигнаа, иако не многу, поради тешкотиите со транспортот“, рече Живковиќ.

„Но, интересот е огромен“.

Живковиќ наводно живеел во ЛДНР осум години.

Зборувајќи за Србите што веќе стигнале до украинскиот фронт, тој рече дека не може да понуди поконкретни информации за нив, ниту за рутите што ги користеле, бидејќи „луѓето директно ќе бидат обвинети за кривично дело“.

Борбата во странска војна е нелегална во Србија.

Вишото јавно обвинителство во Крушевац отвори, а потоа ја прекина истрагата против Живковиќ за организирање учество во првиот круг војување во Украина, во 2014 година.

Откако избија борбите во Украина, во 2014 година, Базата на податоци за пресуди за тероризам и борби на странски фронтови на БИРН идентификуваше 16 лица од вкупно 29 што Србија ги осуди за злосторството. Сите добиле условни казни.

Црна Гора осудила едно лице за учество во борбите.

Полицијата во Босна и Херцеговина проценува дека околу 10 или повеќе доброволци се бореле во Украина. Судовите во Босна судеа само едно лице и тоа беше ослободено.

Гаврило Стевиќ беше обвинет дека заминал од Белград во Москва, а потоа во источна Украина, каде што како волонтер се приклучил на паравоената формација „Јован Севиќ“. Според пресудата на босанскиот суд, тој беше ослободен од обвиненијата за приклучување кон странски паравоени или параполициски формации и борби во Украина.

БИРН не можеше да ги потврди наводите на Живковиќ за пристигнувањето на борците од Србија и босанските Срби во Украина.

Патувањата во Русија и во Украина се намалени откако голем број европски земји ги прекинаа летовите за Русија поради инвазијата.

Но, Србија не е една од тие земји, а „Ер Србија“ сè уште има летови меѓу Белград и Москва.

И, иако приклучувањето во странска борба е нелегално во Босна и во Србија, благите казни изречени минатиот пат можеби нема да влијаат врз одлуките на многу волонтери.

Како и во Србија, нема официјални податоци за заминувањето на босанските државјани во Украина, во последните неколку дена.

Во двете земји, многу корисници на социјалните мрежи изразуваат подготвеност да одат таму, но експертите велат дека е невозможно да се процени дали мислењата искажани на социјалните мрежи ја одразуваат фактичката состојба.

Волонтерите се испраќаат во Донбас на „организиран начин“

Нема сомнение дека отцепените држави во источна Украина, често наречени Донбас, и нивните поддржувачи сакаат странски доброволци.

Александар Бородај, водач на таканаречениот Сојуз на доброволци од Донбас и прв „премиер“ на отцепената република Доњецк, неодамна на локална телевизија изјави дека „дојде време“ за регрутирање.

„Сојузот на доброволци во Донбас, особено јас, сме зафатени со мобилизација“, се вели во транскриптот од неговата изјава објавена на профилот на здружението на апликацијата Телеграм, на 18 февруари.

„Мобилизираме доброволци да ги испратиме на организиран начин да им помогнат на републиките во Донбас и на руското население во Донбас“, додаде тој.

Истиот ден, ова здружение најави формирање резервни сили од волонтери, порачувајќи дека заинтересираните треба да се обратат во неговиот штаб за да се приклучат.

Волонтери и од Србија и од ентитетот на босанските Срби, Република Српска, се бореа на руската страна во Донбас, во првиот воен конфликт во Украина, во 2014 година.

Каспер Рекавик, од Центарот за истражување на екстремизмот на Универзитетот во Осло, вели дека на повиците за заминување во Украина претходно одговарале Србите што патувале во Донбас.

За разлика од повиците за волонтери во 2014 година, кои беа повеќе скриени, сега тие се видливи на сите социјални мрежи и вклучуваат совети како да се дојде до борбениот фронт, вели тој.

„Ова овозможува мобилизација на поединци… Ќе видиме колку луѓе ќе одат, сигурен сум дека ќе има повеќе отколку во 2014 година“, рече Рекавик.

Но, Предраг Петровиќ, од белградскиот Центар за безбедносна политика, вели дека заминувањата денес, во споредба со 2014 година, имаат поголема политичка отколку воена тежина.

„Тие доброволци не можат да направат значителна разлика сега како што направија во 2014 или во 2015 година. Воената операција сега е пообемна. Тие се само мала капка во океанот“, рече Петровиќ.

Сепак, има политичка тежина што таквите организации се подготвени да учествуваат во воени операции, што може да има последици за Србија и другите земји од Западен Балкан, бидејќи учеството во конфликтот е важно, рече Петровиќ.

Повикот објавен од Здружението на волонтери од Донбас е проследен со упатства за апликантите.

Волонтерите мора да го наведат своето полно име, датум на раѓање, воена специјалност, искуство во воени операции и телефонски број за контакт.

Здружението не одговори на прашањата на БИРН за тоа како тече целиот процесот.

Тоа собира поранешни доброволци, а претходно одликуваше некои борци од Босна и Србија.

Еден од овие поранешни борци за БИРН изјави дека, според неговите сознанија, ниту еден доброволец сè уште не заминал од Босна или Србија во Украина.

Козачките здруженија собираат и доброволци од Балканот и од други места, да се борат за Русија во Украина.

Никола Ѓаконов, поранешен член на Управниот одбор на Здружението на доброволци од Донбас, сега врховен командант, или Атаман, на Здружението на козачки војници од Русија и странство, има врски со Кремљ.

Претседателот Путин го одликуваше.

Ѓаконов има врски и со босанските Срби. Тој во 2014 година ја посети Бања Лука, што некои го протолкуваа како знак на поддршка за кандидатурата на лидерот на босанските Срби Милорад Додик за функцијата претседател на Република Српска.

Тој на својот фејсбук-профил објави апели за волонтери од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Џаконов напиша дека ова е важен и решавачки момент во руската историја. Време е да се „заштитат граѓаните на независните републики Доњецк и Луганск од крвопролевањето на неонацистите“.

Козаците отсекогаш биле клучни за заштита на руските граници и тој се надевал дека нема да ја изневерат славата на козаците сега, рече тој.

„Нашата задача во овие тешки и решавачки денови од светската историја е да го поддржиме претседателот [Путин] и нашите вооружени сили, кои ги решаваат најважните геополитички задачи. Ако е потребна помош, не останувајте настрана“, напиша Ѓаконов.

Другата козачка организација, Балканската козачка армија, чии членови претходно повикаа на заминување во војната во Украина, не се огласила од почетокот на руската инвазија. БИРН не беше во можност да стапи во контакт ниту со Ѓаконов, ниту со балканската козачка армија.

Покрај козаците, други проруски организации во регионот претходно повикаа и го поздравија заминувањето на доброволците на борбениот фронт во Украина.

Петровиќ вели дека охрабрувајќи ги заминувањата во Украина, десничарските организации во Србија ја поткопуваат официјалната политика на Србија за воена неутралност.

„Според нашето истражување, организациите што пропагираат заминувања на украинскиот фронт… имаат голем успех кај српските граѓани“, рече тој.

Тој вели дека многу Срби го слават она што рускиот режим го прави во Украина, бидејќи тоа претставува некаква правда за нив, наспроти западната поддршка за југословенските отцепени републики и Косово во 1990-тите.

Западот, со други зборови, „сега се соочува со она што ѝ го направи на Србија во 1990-тите“.

Нови поаѓања со стари рути

Дејан Бериќ, втор од десно и Дејан Вујиќ, втор од лево, Украина во 2021 година. Фото: Facebook.com/Screenshot

Дејан Бериќ, српски доброволец, кој пред неколку години им се придружи на проруските сили во самопрогласената ЛДНР како снајперист, на социјалните мрежи ги поддржа повиците за вклучување во војната.

„Мислам дека по ова видео, нема да бидам онлајн некое време… Војната почна, почна жестоко“, рече тој во видеото објавено на Јутјуб на 21 февруари.

На крајот од видеото, Бериќ рече дека повторно ќе стапи во контакт кога ќе има пристап до интернет, можеби од некоја друга територија.

Два дена подоцна, на својот фејсбук-профил објави фотографија од снајпер, велејќи дека ќе отсуствува одредено време.

Бериќ не одговори на прашањата испратени од БИРН до моментот на објавувањето на овој текст.

Претходно напиша дека веќе има ЛДНР пасош, па смета дека е обврска да се приклучи на проруските сили.

Дејан Вулиќ од Шабац и Момир Симиќ, кои претходно споделуваа фотографии во воена униформа со Бериќ, неодамна објавија нови фотографии на кои се во воена униформа.

На 24 февруари, првиот ден од руската инвазија, Вулиќ објави фотографија на која е во униформа со пушка, која стои покрај таблата на која пишува: „Русија“.

Коментарот подолу гласи: „Вујко, чувај се“.

Сепак, тој за БИРН изјави дека всушност не е во Украина во моментов, бидејќи го дал својот придонес и претходно.

„Јас го завршив мојот дел, така да се каже, и сега редовната [руска] армија ќе го заврши остатокот“, рече тој за БИРН.

Сепак, разни пријатели коментираа на објавата како тој да е во Украина, посакувајќи му среќа и „да се врати жив и здрав“.

„Јави ми се ако си таму [Украина]“, напиша Милан Ѓорѓевиќ.

Симиќ не одговори на прашањето на новинарите на БИРН дали е на борбениот фронт.

Дејан Шешум од Белград објави фотографија на која е во воена опрема со пушка в рака, изразувајќи поддршка за Русија. Судејќи според неговите објави, Шешум е член на тимот на Airsoft Club.

Под објавата, Милан Стојковиќ напиша: „Брате, ќе одиме ако треба“.

Стојковиќ не одговори на прашањата на БИРН.

Петровиќ, за БИРН, изјави дека рутите за поаѓање до борбените фронтови нема да се разликуваат од тие што се користат за патување од Србија до Украина во 2014 година.

„Србија не воведе санкции против Русија и зголемен е бројот на летови од Србија до Русија“, рече Петровиќ.

Граничната полиција на Србија и авиокомпанијата „Ер Србија“ не одговорија на прашањата на БИРН за бројот на босански државјани што патувале во Москва во изминатиот период до моментот на објавувањето.

Обвинителството на Босна и Херцеговина соопшти дека работи на неколку наводи за босански државјани што патувале на боиштата во Украина во минатото и ги проверува со помош на полицијата и безбедносните агенции.

„Секој Србин е руски брат“

Во меѓувреме, екстремно десничарската српска организација, Народни патроли, одржа протестен митинг за поддршка на Русија во Белград на 4 март, тврдејќи дека Путин се бори против украинската „нацистичка прозападна влада“.

Дамњан Кнежевиќ, претставник на организацијата, со знак Z на јакната, изрази несогласување со балансирањето на српското политичко раководство.

„Секој Србин е руски брат“, рече тој.

Србите би протестирале за Русија „без разлика колку сме под притисок“, рече Кнежевиќ, познат по тоа што изразува ставови против имигрантите и против вакцинацијата.

Како што беше најавено, присуствуваше и шефот на друга екстремно десничарска организација Образ, Младен Обрадовиќ.

Уставниот суд на Србија ја забрани неговата организација во 2012 година, но таа продолжи да постои со делумно менување на името. Потоа таа беше официјално регистрирана во 2019 година.

Борко Рајиќ, кој рече дека би бил среќен да оди како волонтер во Украина, во делот за коментари под објавата на Дејан Бериќ, споменат претходно, за БИРН изјави дека се смета себеси за должен да им помогне на своите руски браќа што доброволно им помагале на Србите во Босна и Косово.

„Но, ова не е единствената причина“, рече тој.

„Најголемата причина е што некој конечно се крена против новиот светски поредок, кој има за цел да го намали човештвото“, рече тој, додавајќи дека ја гледа војната како борба против најтемните сили што почнаа да го истребуваат или да го намалуваат бројот на луѓе на земјата.