Анализи

Реконструкција на случај: Од „Бехтел и Енка“ до ИРД

Проектот почна како споредна информација, а заврши со обвинувања за „хистерија“

Видео од 20 секунди е првата информација за изградбата на коридорот 8. На 26 јануари 2021 година, тоа го објави вицепремиерот Артан Груби на својот фејсбук-профил, веднаш по седницата на владата. Видеото со мотото „ветувањата се исполнуваат“ до сега доби вкупно 337 лајка. Во тоа време, јавноста е оптоварена со ковид-пандемијата, мерките за заштита, броењето починати и со неизвесната вакцинација.

Практично, најголемиот инфраструктурен и воопшто инвестициски проект, за кој се предвидени милијарда и триста милиони евра, почна речиси незабележано. 

Всушност, на датумот на фејсбук-објавата на Груби, на седница на владата се носи одлука коридорите 8 и 10 Д  да се изземат од ИПА 3 програмата за претпристапна помош од Европската Унија. Оваа информација е содржана во записникот на седницата, но не е вклучена во соопштението што владата го испрати до јавноста, ниту во изјавата на вицепремиерот, кој набргу ќе се профилира како главен лик на проектот.

Одлуката за изземање на коридорите од ИПА 3 програмата, на 26 јануари 2021 година е, всушност, првиот чекор во реализацијата на овој потфат. Тој може да се објасни како желба за брза реализација затоа што градењето со европски пари значи дека мора да се почитуваат многу построги правила.

Воедно моќта на одлучувањето немаше да може да се сконцентрира во владата и во нејзиниот управувачки комитет предводен од Груби.

Во такви услови, многу потешко би се прифатило, наместо со тендер, автопатиштата да се градат со специјален закон по често споменуваниот принцип од властите – „клуч на рака“ (проектирање и градење од истата фирма).

Меморандумот го открива стратегискиот партнер

Меморандумот за соработка меѓу владата и Бехтел и Енка | Извор: 360 Степени

Во обид да се реконструира двегодишниот процес на одлучување, односно како дојде од идејата да се градат овие патишта до најавувањето камен-темелник (кој беше придружен со скандали, сомнежи за корупција, оспорувања пред Уставниот суд и други спорни елементи што власта успешно ги заобиколуваше), седницата на 26 јануари 2021 е најстариот податок до кој може да се дојде преку јавно достапните документи. Прапочетокот.

Но, кога таа одлука се донесе, не се ни приближи до темите што ја окупираа јавноста. Информативната ковид-монотонија во зимата и пролетта 2021 година, повремено ја разбиваа теми како кампањата за бојкот на пописот, судењето за случајот „Рекет“, па дури и одморите на високите владини функционери Драги Рашковски во Мексико и Љупчо Николовски во Дубаи.

Првата конкретна информација во која се навестува можноста коридорите да се градат во партнерство со познатиот американско-турски конзорциум на Балканот „Бехтел и Енка“ дојде преку Меморандум за соработка.

Тој е усвоен на седница на владата на 30 март 2021 година и веднаш се формираше комитет за негово потпишување. Во него влегоа првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Тројцата, веќе следниот ден, на 31 март 2021 го потпишуваат на свечен настан во Владата.

Кога тој меморандум е преговаран, останува енигма. Од власта велат дека „Бехтел и Енка“ им се понудиле да изградат патишта со нов пристап „клуч на рака“, но кога и каде се случувале контактите, разговорите и понудите – останува неодговорено.

„Беше разговарано на неколку состаноци и во Транспорт, но и во другите институции на државата, во Владата секако, заедно и со претседателот на Владата и со нашите пријатели од амбасадата на САД“, рече во интервју за емисијата „360 степени“, министерот за транспорт Бочварски во првата половина од април 2021.

Граѓанските организации што ја следат состојбата со корупцијата веднаш реагираа.

Македонија веќе има (лошо) искуство со градење патишта со специјален закон. За двата кинески автопатишта, Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ склучи директен договор со кинеската компанија „Синохидро“, заобиколувајќи ја процедурата за јавни набавки.

Тој случај заврши како еден од најголемите предмети на Специјалното јавно обвинителство – „Траекторија“, кое уште се суди. Десетина години по договорот, патот Кичево – Охрид сѐ уште не е изграден.

Невладините, во намерата на власта, ги препознаа истите ризици од корупција како во случајот со „Синохидро“.

Платформата против корупција во која се антикорупциски граѓански организации побара од владата да го напушти концептот на директно договарање и процесот да го спроведува јавно во конкурентна и транспарентна постапка.

Владата, во своја одбрана, велеше дека двата случаи воопшто не се исти. Прв владин претставник што излезе да ја брани одлуката јавно беше министерот за транспорт, Бочварски.

Тврдеше дека нема да има преговарање во четири очи и дека ќе бидат „…вклучени многу институции, многу експерти, консултантски компании, меѓународни реномирани компании, кои ќе работат на креирање, најпрвин на закон, а потоа и на договор и тие двата потоа треба да завршат во Собранието, каде што повторно ќе се отворат пред пратениците, пред опозицијата, ќе се разговара со сите страни и апсолутно нема да има ништо скриено“.

Петнаесет дена од предлог до потпишан закон

Претседателот Стево Пендаровски веднаш го потпиша указот за законот | Фото: претседател на РСМ

Меморандумот е необврзувачки документ, но дека работите се далеку од необврзувачки стана јасно само два месеца по неговото потпишување, кога законот за „Бехтел и Енка“ се најде во Собранието.

Многуте експерти, консултантски компании што ги најави Бочварски дека ќе работат на законот, со заложбата за транспарентност, јавноста не ги виде.  

И вториот дел од ветувањето на ресорниот министер за некаква инклузивност не се исполни. На 30 јуни, четворица пратеници од владејачкото мнозинство Јован Митревски од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Кастриот Реџепи од Беса и Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците го поднесоа предлог-законот, кој официјално има долго име:

„Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија“.

Процедурата се водeше по скратена постапка за што опозицијата имаше критики, а власта не одговори конкретно зошто беше потребно брзањето.

„Тоа се закони со високи ризици од корупција и му укажуваме на Собранието да не го прифаќа понатаму како таков“, велеше пред да се изгласа претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Меѓутоа, сѐ заврши за две недели. Пратениците на 15 јули го донесоа законот. На седницата беа присутни 101 пратеник, за законот гласаа 55. Немаше воздржани, ниту против. ВМРО-ДПМНЕ одлучи воопшто да не гласа.

Законот се применува како посебен и со него се исклучува примената на други закони во целост или делумно, а се предвидува и одредбите од Законот за јавните набавки да не се  применуваат за доделување на договорите поврзани со подготовката и реализацијата на Проектот.

Во тој период, вицепремиерот Груби веќе се профилира како главен застапник на проектот, но ниту тој не даде одговори на клучните прашања, зошто токму „Бехтел и Енка“ и како ќе се избегне ризикот од корупција во договорот во четири очи.

Наместо тоа, одговорите беа и сѐ уште се претежно насочени кон неспорната потреба од изградба на пат и брзината да се дојде до тоа.

„Сакам да возам сега, а не кога ќе имам 80 години“, одговори Груби на критиките за нетранспарентност.

Антикорупциската комисија и невладините организации се обратија до претседателот Стево Пендаровски, барајќи да не го потпишува указот.

Но, тој не ги послуша.

„Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против“ беше образложението на Пендаровски, кој посоветува „сите институции и поединци што имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд“.

Уставен го аминува законот

Додека се чекаше одлуката на Уставен суд претставниците на Бехтел и Енка беа примени во Владата | Фото: Влада на РСМ

Со образложение дека постои висок ризик за корупција и судир на интереси и дека се суспендира правниот систем во државата на 26 јули 2021, Антикорупциската комисија го оспори законот пред Уставниот суд.

Не се чекаше судот да се произнесе. На 29 септември, во владата веќе пристигнаа претставниците на „Бехтел и Енка“ како што беше речено во „интерес на времето“.

„…постојат одредби од меморандумот, кои овозможуваат работа и прецизирање на нацрт-договорот“, соопштија од владата.

На деветти декември, Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на законот, па така за проектот со „Бехтел и Енка“ веќе немаше никаква пречка. Судиите заклучија дека законот не е противуставен, освен  Дарко Костадиновски кој имаше издвоено мислење.

Вицепремиерот Груби, ваквата одлука веднаш ја прогласи за вест на годината.

„Последната правна пречка што ја поттикна Антикорупциската комисија падна и сега веќе нема правни пречки да се оствари сонот на нашите граѓани, а тоа е поврзувањето со автопат од Ќафасан со Албанија до Блаце со Косово“.

Комитет за преговори и оглас за надзор

Артан Груби, Благој Бочварски и Ејуп Рустеми на седница на Комитетот за преговори со Бехтел и Енка | Фото: Влада на РСМ

Пет дена од одлуката на Уставен, на 14 декември, владата формира Комитет за преговори и Преговарачки тим за имплементација на проектот.

За членови на Комитетот за преговори беа назначени: вицепремиерот Груби, тогашниот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски, вицепремиерот за економски прашања, министрите за финансии, за животна средина, за труд и социјална политика, за економија, за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие.

Во таа владина одлука стои и дека член на комитетот е претставник од најголемата опозициска партија во Собранието, нешто што не се случи во реалноста.

Водач на комитетот е Артан Груби.

Веќе на 28 декември, Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за избор на надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор 8 и Коридор 10-д.

На 17 мај 2022 година, Јавното претпријатие донесе одлука за избор на најповолна понуда – Институт ИГХ од Загреб како лидер на група, заедно со Институт за патишта од Велес, во сопственост на Сотир Ампов.

На трети август, хрватските медиуми, повикувајќи се на вест од државната агенција ХИНА, објавуваат дека хрватскиот ИГХ го потпишал договорот вреден 22,6 милиони евра.

Но, наскоро по ваквата вест, на 12 август, Јавното претпријатие за патишта соопшти дека го поништија тендерот оти ИГХ не доставил банкарска гаранција.

„Кога го проверивме, излезе дека хрватската компанија е во сопственост на Руси и во управниот одбор има  Руси. Сите средства на оваа компанија беа [блокирани н.з.] во руска банка“, изјави тогаш Груби.

Институт ИГХ се жали на поништувањето до Комисијата за жалби по јавните набавки на 19 август, но таа е одбиена како неоснована.

На први септември, Груби најави нов оглас за надзор, а процесот за изборот, како што рече тогаш, очекувал да трае недела или две по што би почнале преговорите со „Бехтел и Енка“.

Јавното претпријатие за државни патишта, на 15 септември распишa нов тендер за надзор и консултант. Заинтересираните можеa да се пријават до 25 октомври.

На новиот оглас, елементите за бодување се сменети. На првиот тендер како услов за докажување на својата економска и финансиска состојба од понудувачите се барал минимален годишен приход од 20.000.000 евра во последните три години, а во вториот тендер овој износ е зголемен на 40.000.000 евра

Во делот критериум за квалитет во земјите во кои е потребно да имаат искуство е исфрлена Хрватска. Понатаму, намалена е потребната вредност на претходно спроведените тендери и годините искуство во регионот, а наместо претходно спроведени тендери од целиот Западен Балкан, се бара само од Македонија.

На тендерот со вакви услови се пријавуваат три конзорциуми. Во јавното претпријатие за патишта, на 25 октомври се отвораат пристигнатите понуди.

„Инжероп“ со понуда од околу 17,9  милиони евра, друштвото ИРД со понуда од 22,3 милиони евра и „Хил“ со понуда од 24,9 милиони евра.

Комисијата за јавни набавки на претпријатието за патишта, на 7 декември ја избира понудата на ИРД Инженеринг како најдобра. Другите две компании „Инжероп“ и „Хил“ две недели подоцна поднесуваат жалби.

Инжероп“, во жалбата, меѓу другото, наведува дека била прекршена законската одредба  за „нивоата на стабилност, ликвидност и успешност“, затоа што ИРД „во последните три години работел со загуба“.

„Хил“ се жали на повеќе точки, како на пример, дека има поврзаност на „Електра солушн“ со Институт за патишта, кој, пак, има негативна референца, дека нема искуство со надзор, дека ИРД не доставиле комплетна понуда, а конзорциумот прашува и дали сите четири правни лица имаат сертификат за акредитирана лабораторија.

Комисијата за жалби, по јавните набавки, ги отфрла како неосновани жалбите на двата конзорциума.

На втори февруари годинава, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и првиот човек на ИРД, Паоло Орсини, во зградата на Владата потпишаа договор за надзор вреден, со ДДВ, 26,3 милион евра со италијанскиот конзорциум во кој се и шпанската компанија „Ептиса“, како и домашните „Евро консалтинг“ и „Електра солушнс“.

Од шепот до „хистерија“

Паоло Орсини и Ејуп Рустеми во зградата на Владата го потпишаа договорот за надзор | фото: Влада на РСМ

Ако се следи траекторијата на проектот и како тој беше комунициран со јавноста може да се види дека тој почна како споредна информација што се губеше меѓу поважните теми, а две години подоцна еруптираше во скандал и причина за дневни прес-конференции, брифинзи, деманти, етикетирања и постојани обвинувања.

По потпишувањето на договорот за надзор и по едномесечно истражување, на 2 март, БИРН открива дека сосопственик на една од партнерските фирми што ќе го контролира градењето на коридорите – „Евро консалтинг“, е Бранислав Димитријевиќ, човек што бил обвинет за измама додека работел како надзор на изградба на патишта во Ерменија од 2009 до 2018. Тој во кавкаската земја работел како тим лидер на заедничкото вложување на „Савеж – Ептиса“.

Димитријевиќ избегал од Ерменија во 2019 со, како што тврди, за БИРН, ерменското обвинителство, помош на македонски дипломати, а македонската јавност за случајот дозна во 2021, кога еден од дипломатите што бил присутен беше уапсен во Србија по ерменска потерница.

Соочени со наодите од јавното претпријатие за државни патишта, за БИРН, рекоа дека „изборот поминал и на Управна контрола, а до Државната комисија за жалби по јавни набавки биле поднесени две жалби, кои биле отфрлени“.

„Постапката и изборот беа согласно сите законски и подзаконски акти за јавни набавки и транспарентни од самиот почеток“, одговараат од претпријатието на сите прашања околу изборот на надзорот.

Истиот ден и телевизијата Алсат, повикувајќи се на два документа во кои имаат увид, објавува дека владата во 2020 година имала донесено заклучок ниту една државна институција да не ја ангажира „Ептиса“ поради „незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на железницата Куманово – Белаковце“.

Владата го укина својот заклучок десет недели подоцна, односно на 9 февруари 2021 година.

И додека во јавноста се отвораа нови спорни моменти за фирмите што треба да бидат гарант за транспарентноста при изградбата на коридорите, во свечена атмосфера, на 8 март во Владата се потпиша и договорот со „Бехтел и Енка“.

Конзорциумот ќе ги гради патиштата за 1,3 милијарда евра, сума која и според надлежните може да биде повисока. Проектот за изградба на четирите патни делници од коридорите 8 и 10-д сега ќе се прави, а сумата од 1,3 милијарда евра е добиена врз основа на физибилити студија изработена од Градежниот факултет.

Но, свечениот тон во владата се задржа само додека стигнаа на ред новинарските прашања, во кои доминираа спорните наоди околу фирмите за надзор.

Владините претставници, на сите наводи во јавноста главно одговараа дека сè е според законот и дека процесот за избор бил транспарентен. Отидоа и подалеку, па премиерот обвини „за хистерија“ безмалку за ништо.

„Не е вршена евалуација на лица, туку на фирми. Фирмите немаат негативни референци“ e објаснувањето од владините претставници.

Но, не е само Димитријевиќ контроверзно лице од „Евро консалтинг“. Поранешниот сосопственик и управител Марјан Иванов веќе една година е осомничен во случај во Македонија за фасадата на Владата.

Тој, заедно со главниот надзорен инженер биле задолжени да прават стручен надзор над тоа дали се користат соодветни материјали при лепењето на „фасадата“, но, како што наведуваат од обвинителството, потврдувале дека сѐ е во ред, иако при изработката биле користени други материјали.

„360 степени“, пак, открива низа неправилности, меѓу кои и дека една од партнерските компании, „Електра солушнс“, немала искуство со вршење надзор на патишта.

Таа фирма од 2013 до 2020 била регистрирана под шифра за „производство на долна облека“, од 2020 година се регистрира со шифра „останати услуги во врска со информатичката технологија и компјутерите“, а од минатата година ја додава шифрата „други градежно инсталатерски работи“. Лиценцата ја добива откако е отворен тендерот за надзор.

Поставувањето на камен-темелникот на проектот е закажано за 22 април.

Потоа ќе следува проектирањето, експропријацијата, градењето, па ќе се види како ангажираните фирми ќе ја извршат работата, но и дали процесот ќе продолжат да го следат помали и поголеми скандали.