Регион

Република Српска го одликува Петер Хандке

Петер Хандке го прима Орденот на Република Српска. Фото: БИРН

Претседателот на РС, Жељка Цвијановиќ, во Бања Лука го одликуваше контроверзниот австриски писател, Петер Хандке, со Орден на Република Српска за „извонредна работа и заслуги во областа на духовниот и културниот развој“.

Австрискиот добитник на Нобеловата награда за литература за 2019 година, кој беше критикуван заради минимизирање на воените злосторства извршени од српските сили, во зградата на Владата на РС беше пречекан од членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и премиерот на РС, Радован Вишковиќ.

„Среќен сум што сум тука. Ова е голем момент за мене“, изјави Хандке по состанокот, објави новинската агенција на РС, СРНА.

Хандке потоа го посети споменикот што беше направен во негова чест во дворот на хотелот „Интеграл“ во центарот на Бања Лука.

Хандке дојде на доделувањето на одликувањето, во придружба на режисерот, Емир Кустурица, кој предизвика збунетост на состанокот со претставниците на РС, ставајќи ја својата хируршка маска над очите, наместо преку носот и устата.

Емир Кустурица (во средина) со официјални претставници на РС. Фотографија: Н1

Одлуката за доделување на Нобеловата награда за литература за 2019 година на Хандке, предизвика спорови и протести на организациите на жртвите на војната во БиХ, бидејќи тој изрази сомневање во злосторствата извршени од силите на босанските Срби, за време на опсадата на Сараево и во Сребреница.

Хандке ја напиша, како што беше оценето, и просрпската книга за балканските војни, насловена како „Патување до реките: правда за Србија“.

Тој, во 2006 година, откако Слободан Милошевиќ почина за време на неговото судење во Хашкиот трибунал, одржа говор на неговиот погреб во Пожаревац.

Хандке, за време на владеењето на Милошевиќ, доби и југословенски пасош.

Сепак, шведската академија ја бранеше својата контроверзна одлука, да му ја додели наградата на Хандке. Матс Малм, секретар на академијата, соопшти дека Хандке дал „провокативни, несоодветни и нејасни коментари“, но не го величел насилството, ниту ги поддржувал масакрите во Сребреница.

Оваа одлука беше топло поздравена од официјалните претставници на Србија и на Република Српска.