Emina Dizdarevic БИРН
Ревидираната стратегија за работа на предметите на воени злосторства, за која во февруари минатата година, Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) даде согласност, никогаш не се најде на дневен ред на Советот на министри, дознава БИРН.
Оваа стратегија, која предвидува сите предмети на воени злосторства да бидат обработени до 2023 година, беше, на предлог на Министерството за правда на БиХ, вклучена во агендата на Советот на министрите, што се одржа на 3 јули 2018 година, но по барање на министерката за човекови права и бегалци, Семиха Боровац, точката беше отстранета од дневниот ред.
Министерот за правда на БиХ, Јосип Грубеша, истакнува дека никогаш не добил објаснување зошто неговата колешка, Боровац, ја тргнала ревидираната стратегија од агендата.
Грубеша додава дека е малку веројатно оти Советот на министри ќе разговара за стратегијата додека не бидат избрани новите членови на ова тело, кои досега, по изборите во октомври минатата година, требаше да бидат именувани, а што, поради политичките спорови во земјата, не се случи.
„Тешко е да се очекува дека ревидираната стратегија сега ќе се најде на нашиот дневен ред, иако во неколку наврати во изминатиот период, испраќав ургенција да се стави оваа точка на расправа. Нејзиното усвојување и евентуалната промена на роковите поради доцнење во усвојувањето, ќе биде задача на новиот состав на Советот на министри“, објасни Грубеша.
Од кабинетот на министерката Боровац, за БИРН изјавија оти тие не сакаат да навлегуваат во оваа тематика, бидејќи е ова прашање за Министерството за правда на БиХ.
Правните експерти сметаат дека неусвојувањето на ревидираната стратегија може да доведе до забавување на процесирањето на овие злосторства, како и до создавање на меѓуетнички тензии. Од друга страна, претставниците на жртвите веруваат дека судството треба да продолжи со стратегијата, што е донесена во 2008 година.
Со неа се предвидува, на државно ниво, да се процесираат најсложените предмети во рок од 7 години, а сите други да се пренесат на ентитетско ниво и да бидат завршени за 15 години, односно до 2023 година.
Со оглед дека кон крајот на 2015 година истече рокот од 7 години, а предметите на државно ниво не беа завршени, подготвена беше ревидирана стратегија, која предвидува, на ентитетско ниво, да бидат префрлени повеќе предмети.
Немањето стратегија „ја успорува правдата”
Како што стои во ревидираната стратегија, во Обвинителството на БиХ има повеќе од 550 нерешени случаи на воени злосторства, во кои се именувани повеќе од 4.500 познати сторители и ист број на случаи во кои не е познат сторителот.
Во ентитетските судови и во Судот на Дистриктот Брчко, не се решени околу 200 случаи во кои се познати сторителите на воените злосторства.
Од Мисијата на ОБСЕ, која ја надгледува работата на судските институции, за БИРН велат дека ревидираната стратегија е најдобар начин да се завршат сите предмети на воени злосторства, „што е предуслов за постигнување на помирување”.
„Со ревидираната стратегија се предлагаат конкретни мерки за подобрување на распределбата на останатите предмети, така што најсложени ќе бидат кривично гонети на државно ниво, додека другите ќе бидат префрлени во надлежност на судовите на ентитетите и на Дистриктот Брчко. Секое доцнење со усвојувањето, го забавува постигнувањето на правдата“, велат од ОБСЕ.
Потпретседателката на ВСОС, Ружица Јукиќ, смета дека е очигледно оти Советот на министри на БиХ не си ја врши својата работа.
Таа додава дека не е сигурна оти со процесирањето на воените злосторства ќе се заврши во предвидениот рок, поради изгубеното време, и дека „тогаш е сигурно оти ќе дојде до одреден застој”.
Претседателот на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот, Мурат Тахировиќ, вели дека забелешките на ревидираната стратегија, на претставниците на жртвите и на академската заедница, не се вклучени во подготовката на документот.
Тој нагласува дека напорите на здружението да ги изрази своите ставови биле игнорирани, „поради што побаравме од Советот на министри да не ја прифати стратегијата”, вели Тахировиќ.
„Што се однесува до ВСОС, до судот, а особено до обвинителството, господата нека работат по веќе постоечката стратегија и нема да има штета ниту за жртвите, ниту за злосторниците. Само нека се држат до стратегијата што ја имаат на располагање од 2008 година“, заклучува Тахировиќ.