Гојко Кнежевиќ, го поминал најголемиот дел од својата новинарска кариера, истражувајќи го масакрот што се случил уште пред тој да биде роден.
Убиствата на луѓето извршени пред повеќе од 70 години во селото Велика, северна Црна Гора, каде денес живее и самиот Кнежевиќ, го прогонуваат долго време.
Според историчарите, околу 550 српски жители на селото Велика, биле масакрирани за време на нацистичката СС операција Драуфгенгер, спроведена на 28 јули 1944 година, против партизанските сили.
„За само два часа, СС дивизиите, поддржани од соработници од Бихор, Плав и Косово, убија скоро половина од населението на Велика, на најсуров начин. Цели семејства беа убиени, а многу беа и истребени“, вели Кнежевиќ за БИРН.
Во заедничката операција на СС дивизијата „Принц Еуген“ и албанската дивизија „Скендербег“, со поддршка на локалните борци од соседните градови и села, биле убиени скоро половина од жителите на Велика, меѓу кои имало и 120 деца. Некои локални жители успеале да избегаат, криејќи се во блиските шуми.
Масакрот во Велика, заедно со уште еден извршен во 1944 година во западниот црногорски регион Пива, стана политичко прашање на 17 јули оваа година, кога партијата, Демократска Црна Гора, дел од владејачкиот сојуз на земјата, предложи парламентарна резолуција со која двата масакри се класифицираат како геноцид.
Предлогот уследи откако блокот, Мирот е наша нација, и коалицијата, Црно на бело, кои, исто така, се дел од владејачкиот сојуз, заедно со пратениците од опозицијата, изгласаа резолуција за признавање на злосторството во Сребреница, извршено во 1995 година од силите на босанските Срби, како геноцид.
Во Црна Гора, каде што луѓето, во голема мерка, се поделени околу резолуцијата за Сребреница, резолуциите за злосторствата во Пива и Велика, се сметаат за „компензација“ насочена кон релаксирање на критиките на големата српска заедница во земјата.
Пратеникот од Демократска Црна Гора, Момо Копривица, истакна дека масакрите во Велика и Пива може да се окарактеризираат како геноцид, затоа што биле извршени со намера да се истреби цела група луѓе на тоа подрачје – Србите.
„Нема помирување без соочување со ужасите од минатото“, рече Копривица на 17 јули.
„Ние мора да најдеме сила да се соочиме со злосторствата од минатото. Ако вистината се открие и прифати, подобро ќе се разбираме“, додаде тој.
Иако повеќето од владејачките партии јавно ја поддржаа резолуцијата, некои членови на коалицијата Црно на бело, не се согласуваат со ова.
Црно на бело на Демократска Црна Гора ѝ порача, во резолуцијата да ги вклучи и злосторствата извршени од четниците врз Бошњаците во северна Црна Гора во Втората светска војна, предупредувајќи дека сегашната верзија, фокусирана исклучиво на српските жртви, може да предизвика уште поголеми поделби во општеството.
Просрпската партија, Демократски фронт, која, исто така, е дел од владејачката коалиција, предложи слична резолуција минатиот декември, со која масакрот во Велика се прогласува за геноцид.
Сепак, Веселин Матовиќ, кој режираше документарен филм за убиствата во Пива, смета дека соодветните истраги на злосторствата од Втората светска војна, се поважни од резолуциите.
„Барањата за резолуциите се бесмислени и цинични“, нагласи Матовиќ.
„Тоа е едноставно бесмислена злоупотреба на жртвите од страна на луѓе кои дури и не се заинтересирани за тие злосторства“, додаде тој.
Црногорскиот историчар, Милош Вукановиќ, наведе дека општеството мора да постигне консензус за своето минато од Втората светска војна, врз основа на научно утврдени факти.
„Предложените резолуции се целосно спротивни на ова. Создадени се за да ги задоволат националистичките страсти, што се разбудија по усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница“, рече Вукановиќ.
За време на Втората светска војна, откако силите на Оската ја нападнаа и ја поделија Југославија во април 1941 година, Црна Гора беше окупирана од фашистичка Италија. Италијанската окупација траеше до септември 1943 година, а до декември 1944 година, Црна Гора беше под германска окупација.
Италијанците и Германците во Црна Гора соработуваа со монархистичкото просрпско четничко движење. Во северните делови на земјата, некои локални Албанци и Бошњаци соработуваа со германските сили, како дел од албанското националистичко паравоено движење, Бали Комбетар, или како дел од единиците на локалната муслиманска милиција. Ним им се спротивставија југословенските партизани, предводени од Јосип Броз Тито.
Вукановиќ посочи дека и локалните жители и Германците, извршиле тешки воени злосторства, но дека југословенскиот режим, по Втората светска војна, во обид да ги спречи националните тензии, молчел за злосторствата што не можеле директно да им се припишат на нацистите.
„Речиси ниту едно од овие злосторства не е обележано, очигледно поради одлуката на југословенските власти да се обидат на тој начин да воспостават мир меѓу сите народи“, нагласи тој.
За време на Втората светска војна, околу 1,2 милиони луѓе беа убиени во Југославија, од кои 581.000 беа цивили.
Југословенската Државна комисија за утврдување на злосторствата на окупаторите и нивните помагачи, ги гонеше повеќето од извршените воени злосторства, но убиствата во Велика никогаш не беа истражени.
Повеќедецениски молк
Злосторството во Велика, за првпат беше споменато во јавноста во април 1945 година, кога единствениот дневен весник во Црна Гора, „Побједа“, објави сведочења на партизани од Петтата пролетерска бригада на Црна Гора, за погребувањето на жртвите. Тоа беше единствениот таков текст, сè до објавувањето на првите сведоштва на преживеаните во 1989 година, непосредно пред распадот на југословенскиот комунистички режим.
„Жителите на Велика биле убивани на најужасни начини. На пример, 11-годишната Душанка Вучетиќ, гледала како злосторниците, кои пцуеле на српски јазик, ја убиваат нејзината мајка и нејзините двајца браќа“, вели Кнежевиќ.
„Деветгодишниот Томислав бил жив одран, додека го држеле двајца мажи. Бремени жени биле убивани и луѓе живи палени“, додава тој.
За време на Втората светска војна, 7-та СС доброволна брдска дивизија „Принц Еуген“, била позната по својата бруталност во борбата против силите на отпорот во Србија, Црна Гора, БиХ и во Хрватска, кои биле под окупација на Германија. Ја формирале Германците и германските доброволци од Југославија, Унгарија и Романија, во 1941 година.
Еден од нејзините команданти, Карл фон Оберкамп, бил еден од офицерите на дивизијата, на кои им се судело во Југославија; повеќето од нејзините припадници, кои биле заробени од партизаните, биле убиени без судење.
Вукановиќ посочува дека партизаните ги убиле главните извршители на сите масакри во Втората светска војна во Црна Гора, како и припадниците на нацистичките единици и нивните локални соработници.
„Според историски извори, муслиманските и албанските колаборационистички единици биле целосно уништени во последните месеци од војната“, објаснува тој.
Во јули 2015 година, жителите на Велика побараа од Владата да формира државна комисија, што ќе го утврди точниот број на убиени лица и кои воени единици го извршиле злосторството, како и да се постави споменик за жртвите на, како што тврдат, геноцидот во Велика.
„Никој од надлежните не одговори на нашето барање. Побаравме од општина Плав да го прогласи 28 јули за Ден на геноцидот во Велика, но тие никогаш не одговорија“, наведува Кнежевиќ.
Во меѓувреме, локалното население подигна сопствен споменик во Велика, а Српската православна црква (СПЦ), во мај 2017 година, ги прогласи жртвите на масакрот, за маченици. Минатиот месец, поглаварот на СПЦ во Црна Гора, митрополитот Јоаникије, ги обвини властите дека со децении молчат за масакрот.
„Повеќето пратеници во црногорскиот парламент не ги осудија овие злосторства, ниту пак дојдоа да им оддадат почит на жртвите“, рече Јоаникије.
Цели семејства беа истребени
И СПЦ ги повика властите да прогласат Ден на сеќавање на 522 цивили убиени од припадниците на СС и нивните локални соработници, на 7 јуни 1943 година во областа Пива, во близина на границата со Босна и Херцеговина.
За време на офанзивната операција Шварц, дивизијата „Принц Еуген“, заедно со хрватските усташи и СС дивизијата „Ханџар“, која се состоела од Бошњаци, заробила 522 жители на селата Дуб, Буковац, Миљковац, Дуба и Рудинци.
Потоа ги убиле во селото Дола пивска, пукајќи во нив или палејќи ги живи во куќи. Некои семејства биле целосно истребени.
Матовиќ објаснува дека 109 од нив биле деца.
„Иако комунистичките власти се обидоа да ги прикријат овие злосторства, постоела пресуда против командантот и некои припадници на СС дивизијата, кои учествувале во нив. Комисијата која ги истражувала злосторствата, сослушала голем број сведоци и тој материјал е зачуван, но за жал не и објавен“, додаде тој.
Во 1977 година, југословенските власти изградија спомен-комплекс во Доли пивска, а во 2004 година беше изградена и православна црква. СПЦ ги прогласи жртвите на убиствата во Пива во 2017 година за маченици, а девојката која втрчала во запалена куќа, за да умре заедно со своето семејство, беше прогласена за света маченица, Јаглика пивска.
Црногорскиот парламент сега мора да одлучи дали пратениците ќе дискутираат и ќе гласаат за која било од предложените резолуции за класифицирање на масакрите во Велика и Пива како геноцид.
Сепак, Вукановиќ смета дека резолуциите се донесуваат само затоа што локалните соработници биле Бошњаци и Албанци, а жртвите биле Срби.
Тоа „ќе создаде слика за постојана неправда“ кон Србите, со цел спротивставување на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, „со злоупотреба на жртвите на овие злосторства, за секојдневни политички цели“, нагласува тој.