Мерката за ублажување на цените на основните продукти, наречена новогодишна кошничка, заврши минатата недела. Со неа, повеќе од 1.000 производи поевтинија меѓу 15 декември и 15 јануари.
Меѓутоа, за време на овој период, синдикатите алармираа дека трговците ги злоупотребувале мерките, ги зголемувале цените на производите што не биле вклучени во кошничката, резултирајќи со зголемени наместо со намалени вкупни трошоци за граѓаните.
Дискусијата за ефективноста на кошничката ја поттикнаа податоците од Заводот за статистика. Според Заводот, цените на храната и безалкохолните пијалаци, во декември поевтиниле за 0,3 отсто, во споредба со претходниот месец. Со оглед на тоа што во претходниот период постојано растеа цените, граѓаните не го почувствуваа минималното намалување.
Сепак, за претставниците на власта, новогодишната кошничка е успешна затоа што ги сопрела понатамошните покачувања на цените на основните производи. Токму на оваа тема, но и за Законот за нефер трговски практики, кој во иднина ќе игра голема улога при формирањето на цените, разговаравме со заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
БИРН: Сега со новогодишната кошничка и порано со замрзнувањето на цените на основните производи, трговците наоѓаа начини да ги заобиколат мерките во своја корист. Што конкретно планирате да преземете за во иднина ефективно да ги спречите овие заобиколувања и граѓаните конечно да добијат фер цени од трговците?
Ристески: Мерките што ги спроведе оваа влада во однос на ограничување на цените на производите се многу поразлични од претходните мерки. Претходно сме имале замрзнување на цените, каде што економската логика не е многу голема, бидејќи според економските експерти, сепак, цените треба да се формулираат според понудата и побарувачката.
Одлучивме да не ги ограничуваме цените, туку да дадеме шанса на бизнис-секторот сам да направи мерка. Како општествено одговорна акција да ги намали цените за 10 отсто за време на ногодишните празници.
Навистина, општествената одговорност не е на многу развиен степен.
Кошничката опфати рекорден број – 1.170 производи, учествуваа 96 компании, 59 маркети на 750 локации низ цела територија на Македонија.
Но, кога почна мерката, граѓаните увидоа дека одредени основни производи, кои најмногу од нив се берзански и не зависат од пазарот во Македонија, имаа одредено покачување. Така беше со маслото, со шеќерот, кафето, какаото итн.
Нормална беше реакцијата на граѓаните. Од една страна, имаше намалување на 1.170 производи, а од друга малку поскапеле неколку клучни производи за преживување на едно просечно семејство.
Имаше реакција на премиерот и на министерот за економија со која и тие производи, по неколку дена од објавувањето на мерките, влегоа во новогодишната кошничка.
Според она што го гледаме како податоци од статистика, сме го задржале нивото на инфлација. А, од друга страна, иако има мало поскапување на продуктите во однос на претходниот месец, во однос на прехранбените производи, трошоците се намалени за 0,3 проценти. Ќе речат дека е мал процент?!
Не беа некои големи намалувања, по производ тоа значеше по 5-10 денари. Меѓутоа, од вкупно 1.170 понудени производи, иако можеби едно семејство не ги користи сите производи, сепак, користи меѓу 100 и 150 од нив.
Затоа сметаме дека заштедата била поголема од тоа што го прикажа Статистика.
Преку пазарната инспекција вршиме контроли. Она што се обидоа трговците да го изиграат во првата есенска кошничка резултираше со голем број казни. Казните изнесуваа преку 200.000 евра во текот на еден месец.
Државниот инспекторат беше на терен да ги контролира цените и таму каде што утврдија одредени неправилности, на почетокот беа опоменати трговците и по опомените и апелите на владата комплетно ги средија цените.
БИРН: Со Законот на нефер трговски практики, кој беше донесен лани во март, се утврдени 26 нефер трговски практики. Кои се најчестите видови нефер практики и какви регулации предвидува законот?
Ристески: Ова е прв закон од таков вид, кој се спроведува во државата и во Западен Балкан. Транспониран е од европските закони за нефер трговски практики во Словенија, Хрватска и во Бугарија. Не е наменет за цените или продажбата на производите, туку е наменет за регулирање на односите меѓу производителите/набавувачите и трговците на мало и големо.
На пример, порано им било дозволено на трговците да направат повраток на стока што калирала, се расипала или е пред истекот на рокот. Тоа трговците го правеле на трошок на производителите, но со овој закон, таквата практика се забранува.
А во други случаи, трговците, за да може да го надоместат тоа што го изгубиле во договорот со производителот/набавувачот, тие најчесто го покривале преку цените на производите.
На крајот, фактички најоштетени биле купувачите.
Утврдени се вкупно 26 нефер трговски практики, кои не треба да се практикуваат. Сега постои можност да се казнуваат правните субјекти доколку го прекршиле овој закон. Казните се големи, најголемата казна е 20.000 евра и ќе бидат ригорозни во тој поглед.
Иако овој закон не е поврзан со цените и со купувачите, индиректно влијае врз цените и врз купувачите. Затоа треба да посветиме големо внимание на овој закон за да може комплетно добро да функционира.
На еден долг рок ќе имаме комплетно стабилизирање на цените на производите и одреден степен на намалување на цените што ќе влијае врз крајниот исход: стабилно ниво на инфлација и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Затоа овој закон е клучен за граѓаните и затоа е поддржан од сите политички актери во државата.
БИРН: Најавивте дека Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) ќе ги казнува трговците кај кои се утврдени неправилности по 20.000 евра. Со оглед на тоа што комисијата има вкупно 23 вработени, дали оваа институција ќе има капацитет да се соочи со ситуацијата на терен?
Ристески: Законот е донесен претходно и комисијата сега е комплетирана. Да дадеме шанса да видиме дали тој број на луѓе е доволен да се исконтролира сè. Ако не е доволно, предвидено е во систематизација дека во текот на оваа година ќе има и нови вработувања во КЗК, кои ќе им ја олеснат работата на овие луѓе што се вклучени во контролата на Законот за нефер трговски практики.
Да напоменам дека таа комисија нема да работи само по допрен глас или по дојава, туку членовите ќе можат да ги побараат договорите од деловните субјекти и доколку заклучат дека има одредени прекршувања потенцирано во Законот на нефер трговски практики, имаат целосно право да ги казнуваат.
Јас сакам да упатам апел до сите да не го прекршуваат законот. Ако се утврдат неправилности, ќе бидат и казнети од КЗК.