Oбвинителството да внимава како ќе се трошат државните пари за изборни реклами кај порталите, предупреди денеска Зоран Трајчевски, првиот човек на медиумскиот регулатор, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Истиот ризик го препознава и Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи не е регулирано како ќе се трошат околу 2,5 милиони евра наменети за партиско рекламирање на интернет.
Тие денеска учествуваа на дискусијата „Зајакнување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните ризици“ организирана од Институт Охрид во Скопје.
Трајчевски смета дека Јавното обвинителство треба да обрне внимание на онлајн-медиумите, кои добиваат по 15.000 евра државни пари за партиски реклами за време на изборите.
„Оваа година се пријавени 251 интернет-портал. Многу од тие портали се партиски и ги снемува по изборите“, рече тој.
Загрижена за ова прашање беше и претседателката Димитровска на ДКСК. Таа предупредува дека со последните измени на регулативата не се решил овој проблем, а дека онлајн-медиумите земаат значителни средства од државниот буџет.
„Два и пол милиони евра се трансферираат на електронските медиуми, кои како инструмент за рекламирање не се уредени со ниту еден закон и не се контролира нивното рекламирање“, потенцираше таа.
Димитровска, исто така, соопшти дека ДКСК следи како државните институции ги користат службените возила. Меѓутоа, таа предупредува дека од 1.500 институции, само 300 доставиле податоци за возилата до Антикорупциската комисија.
На панелот се дискутираа и други ризици, како партиски притисоци, сајбер-напади и дезинформации. Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски стави акцент на шестата изборна единица каде што, како што рече тој, се случувале нерегуларности во минатото. Тошковски ја критикуваше актуелната влада зашто не дозволува да биде променет првиот човек на полицијата во градовите во шестата изборна единица.
Тој дополнително ја насочи вината за потенцијалните ризици кон владејачката коалиција поради проблемите со личните документи.
„Измените на Изборниот законик, кои ги усвои Собранието овој месец, се само ад хок, а не системско решение“, рече Тошковски.
Со овие измени, околу 100.000 граѓани ќе можат да гласаат со лична карта или пасош, чија важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржувањето на изборите. Мирјана Бошкоска-Тасевска од Државниот завод за ревизија напомена дека ваквите измени создаваат несигурност во изборниот процес.
„Според препораките на ОБСЕ, Изборниот законик не треба да се менува подоцна од една година пред да се одржат изборите“, рече таа.
Иако беа најавени на денешниот настан, не присуствуваа вицепремиерката Славица Грковска и техничкиот министер за правда, Кренар Лога.