Регион

РС и Србија најавија усвојување на заеднички наставен план и програма

Даниел Ковачевиќ, Бања Лука

Фото: Пиксабеј

Република Српска ќе усвои заеднички наставен план и програма со Србија, кои ќе важи од следната учебна година, а кои се однесуваат на четирите клучни предмети, што предизвика негативни реакции на бошњачките политичари во овој ентитет.

Заедничкиот наставен план ќе се применува за т.н. национална група предмети – мајчин јазик, историја, географија и познавање на природата и општеството. Овие национални предмети во училиштата во БиХ се изучуваат на различен начин, во зависност од националната припадност на учениците.

„Мислам дека усогласувањето е многу добро и ќе бидеме на услуга, заедно со Србија, да направиме многу работи, особено такви кои се однесуваат на заштитата на националните интереси на српскиот народ”, изјави, Предраг Дамјановиќ, директор на Педагошкиот завод на РС.

Дамјановиќ додаде дека следниот чекор ќе биде усогласување на наставниот план и програма за средните училишта. Но, оваа иницијатива ја критикуваа бошњачките политичари во РС.

„Ние експлицитно сме против тоа. Ќе гласаме против таквата одлука “, изјави за БИРН, Адмир Чавка, шеф на коалицијата Татковина, во Народното собрание на РС (НСРС), во која членови се пратениците на бошњачките политички партии.

Чавка предупреди дека „доколку е потребно, ќе побараат и оценување на уставноста на оваа одлука пред Уставниот суд”.

Енвер Казаз, професор на Филозофскиот факултет во Сараево, смета дека се работи за жестока, агресивна, националистичка идеологија.

„Таа има за цел да создаде хомоген српски идентитет, без оглед на неговата регионална условеност. Би било идеално кога Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска, би потпишале валидни договори за образовниот систем и кога тие две држави (Србија и Хрватска) во образованието не би делувале идеолошки, обидувајќи се босанските Срби и босанските Хрвати да ги вклучат во своите идеолошки систем“, рече Казаз за Радио Слободна Европа.

Од Педагошкиот завод соопштија дека учебниците во Србија и во РС се веќе слични и дека треба да се надополни само дел од нивната содржина.

„Ние немаме намера да повредиме никого, бидејќи водиме сметка за заштитата на идентитетот на српскиот народ, не забранувајќи им на другите да го направат истото тоа. Од 2002 година, учениците од бошњачка нацоиналност во РС имаат национална група предмети, а исто и учениците од хрватска националност“, изјави Дамјановиќ за агенцијата СРНА.

Сепак, на учениците од бошњачка националност во РС, со години официјално им се негираа правото, јазикот што го изучуваат да го нарекуваат “босански јазик”.

Министерството за образование на овој ентитет им наложи на училиштата да го именуваат босанскиот јазик како „бошњачки”, со образложение дека Уставот на РС не го познава терминот „босански јазик”.

И последниот обид ова да се смени, на седницата на НСРС во четвртокот, не успеа. Имено, српските пратеници ги одбија амандманите на бошњачките пратеници од коалицијата Татковина, во Законот за средно образование, јазикот да се именува како “босански”.

Родителите повратници во РС од бошњачка националност, неколку пати досега протестираа против ваквата политика, нагласувајќи дека станува збор за дискриминација. Во знак на несогласување, некои од нив ги повлекоа своите деца од училиштата.

„Како последица на таквиот процес на ентитетската власт, многу родители повратници не им дозволуваат на децата да одат на училиште, сѐ додека им се оспорува правото да учат на босански јазик”, потенцира Чавка.

Педагошкиот завод на РС соопшти дека воведувањето на заеднички план и програма, е дел од Декларацијата за опстанок на српскиот народ, која Србија и РС, според најавите, треба да ја потпишат во блиска иднина.

Текстот на Декларацијата, која како идеја во август минатата година ја предложија претседателите на Србија и на РС, Александар Вучиќ и Милорад Додик, допрва треба да се финализира и објави.

Најавено беше дека Декларацијата ќе биде потпишана на 15 февруари на Денот на државноста на Србија, но тоа не се случи.