Balkan Insight

Санкциите на Западен Балкан може да останат само формалност

Нов извештај на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал (GI-TOC)

Меѓународните санкции можат да бидат ефикасна алатка што ги држи одговорни моќните личности за своите постапки, но доколку не бидат проследени со конкретни чекори во своите земји, нивното дејство може да остане ограничено.

Санкциите насочени кон влијателни личности и нивните компании на Западен Балкан се редовна појава повеќе од една деценија. Само во октомври, Обединетото Кралство воведе нови мерки против девет лица поврзани со криминална група од Косово, вклучена во голем случај со фалсификување документи. Истовремено, САД, како ретко досега, укинаа санкции за четворица функционери од Република Српска, ентитетот предводен од Србите во Босна и Херцеговина.

Овој спој на нови и укинати санкции ја нагласува променливата природа на режимите за санкции, како и потребата од постојана ревизија на нивната релевантност, кредибилитет и ефект.

Од 2014 година, меѓународни тела и поединечни држави воведоа санкции што вклучуваат забрани за патување, финансиски ограничувања, трговски рестрикции и замрзнување имот. Меѓу 2014 и 2025 година се регистрирани 213 санкции, со најголем раст по 2019 година. Најмногу санкции имаше во 2021 година (50) по што следеше 2025 (40).

Повеќе од 60 отсто од санкциите се однесуваат на наводи за корупција и организиран криминал. Најмногу беа погодени Босна и Херцеговина (40%), потоа Србија (26%), Косово (18%), Северна Македонија (9%), Црна Гора (4%) и Албанија (3%).

Иако меѓународните организации, како ЕУ и ОН, ретко воведуваат санкции, поединечни држави стануваат сѐ поактивни. Во 2025 година, неколку членки на ЕУ – Австрија, Германија, Полска, Литванија и Словенија – се приклучија на САД и Британија, кои остануваат најактивни, со 83 отсто и 11 отсто од сите санкции. Трендот укажува на растечка коалиција против корупцијата и организираниот криминал, иако многу акции се преземаат надвор од рамките на меѓународните тела, што ги одразува различните пристапи меѓу земјите-членки.

Но, новиот извештај на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал (GITOC), чиј коавтор е авторот на овој текст, предупредува дека санкциите имаат ограничен ефект.

Истражувањето, засновано на седум студии на случај – Сали Бериша, Том Доши, Милорад Додик, таканаречената група од Северно Косово, Светозар Маровиќ, Никола Груевски и Слободан Тешиќ – покажува дека санкциите можат да го нарушат бизнисот, особено кога локалните компании имаат финансиски врски со САД или со Британија. Тие можат да ја оштетат репутацијата и да поттикнат јавна дебата, но не се магично решение.

Извештајот не зазема став во однос на вината или невиноста на санкционираните лица или организации. Неговиот фокус е насочен кон тоа како тие реагираат на санкциите.

Различен успех низ регионот

Босанскиот српски лидер Милорад Додик беше санкциониран од САД заедно со неколку негови соработници | Фото: Predsednik Republike Srpske

Ефектите од санкциите значително се разликуваат меѓу земјите од Западен Балкан. Во Босна и Херцеговина, тие имаа ограничено влијание, сè до март 2024 година, кога американските власти ги предупредија локалните банки да ги прекинат врските со лицата ставени на списокот. Овој потег доведе до затворање банкарски сметки и натера дел од засегнатите да ја променат сопственичката структура за да ја вратат контролата. Дополнително, во Босна, санкциите сè почесто се користат како политичка алатка со пренасочување на наративите од криминал и корупција кон национализам и геополитички игри.

Во Србија, лицата под санкции не се предмет на домашни истраги, а компаниите поврзани со нив продолжуваат да функционираат под нови имиња или преку подружници. Санкциите ја направија нивната активност попозната за јавноста, но системот што им овозможил да напредуваат остана недопрен.

Во Косово, санкционирани лица поддржани од Србија сѐ уште имаат влијание во политиката и во економијата – главно во Србија, но и во Косово и во Албанија.

Во Македонија, санкциите поттикнаа јавна дебата и новинарски истражувања, но без значајни правни последици. Во Албанија, пак, политичкиот притисок врз партиите да се дистанцираат од санкционираните личности даде мешани резултати.

Во суштина, вистинското влијание на санкциите зависи од тоа дали локалните власти или регулаторните тела во земјите ќе покренат истраги или постапки за наводите за организиран криминал и корупција или ќе постапат по сомнежите што ги изразиле странските влади.

Со други зборови, санкциите можат да привлечат внимание и силни наслови во медиумите или во дипломатски реакции, но кога станува збор за демонтирање на криминално-политичките мрежи или, пак, запирање на незаконските активности, резултатите се многу неизвесни.

Причината лежи во двете стратегии што ги користат санкционираните за да ги избегнат или дури и да ги искористат овие мерки.

Економското избегнување вклучува напори да се заштити богатството, да се задржи бизнисот и пристапот до јавни ресурси. Тактиките вклучуваат пренос на имот на доверливи лица, основање нови правни субјекти, учество во јавни набавки преку ребрендирани компании и користење неформални или државно толерирани пазари.

Политичкото избегнување се користи од санкционираните актери за да се спротивстават на изолација во јавноста и во институциите. Санкционираните лица лобираат кај странски влади за укинување на санкциите и ги претставуваат како форма на странско мешање, со цел да го зајакнат својот домашен легитимитет. Некои од нив иницираат и законски измени за да се заштитат од одговорност.

Зад именувањето и засрамувањето

Поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша кој се најде на црната листа на САД | Фото: Фликр

Санкциите можат да бидат почетна точка, но не се замена за домашната одговорност. Без судски постапки или одземање имот во земјите од Западен Балкан, тие ризикуваат да останат само симболични мерки – или уште полошо, да се претворат во политички алатки што домашните актери ги користат против своите противници.

Расте загриженоста дека црните листи сè почесто се гледаат низ политичка наместо низ правна призма. Некои од санкционираните ја претставуваат својата состојба како знак на отпор, обидувајќи се да се прикажат како жртви на геополитички игри. Таквите наративи често наоѓаат одек во поларизирани општества чувствителни на надворешен притисок, што наместо изолација, создава уште поголема приврзаност кон санкционираните.

Тоа, сепак, не значи дека санкциите треба да се напуштат. Напротив – тие се една од ретките алатки што остануваат кога локалните институции не реагираат. Но, нивната вистинска ефикасност зависи од тоа како се користат и што следува потоа.

Кога санкциите се проследени со домашни истраги, одземање имот или медиумски истражувања, можат да доведат до вистинска одговорност. Ако се остане само на нив, тие се сведуваат на обичен список со имиња.

Западните влади, особено САД и Обединетото Кралство мора да размислуваат за неколку клучни промени. Прво, неопходна е поголема координација со институциите на Европската Унија. Недостигот од усогласеност меѓу западните партнери на санкционираните им овозможува да ја искористат разликата меѓу различните јурисдикции.

Второ, финансиското разузнавање мора да биде поефикасно за да ја следи примената на санкциите. Замрзнувањето на имотот има смисла само ако знаете каде се наоѓа.

Трето, поддршката за истражувачкото новинарство и антикорупциските организации мора да продолжи. Во многу случаи, токму локалните новинари и граѓански активисти ги разоткриваат мрежите што санкциите само ги покажуваат.

Најважно е политиката за санкционирање да оди зад именувањето и засрамувањето. Вистинската цел треба да биде демонтирање на мрежите што им овозможуваат на криминалните актери да го прикријат своето влијание преку јавни институции, приватни компании и политички партии.

Тоа подразбира насочување, не само кон главните фигури, туку и кон нивните помагачи, параван-компании и прикриени партнери. Во моментов, 71 отсто од санкциите се воведени против поединци, а 29 отсто против компании.

Западен Балкан останува регион каде што политиката, криминалот и бизнисот често се преплетуваат. Иако санкциите можат да го нарушат овој спој, нивниот ефект зависи од сеопфатна и координирана акција. Без тоа, црните листи може да се прошират, но вистинскиот импакт ќе остане ограничен. Вистинската одговорност бара повеќе од надворешен притисок – таа бара внатрешна решителност.

*Саша Ѓорѓевиќ е аналитичар во Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал (GI-TOC). Мислењата изразени во текстот се лични ставови на авторот и не го отсликуваат нужно мислењето на БИРН.