Адвокатката, Васвија Видовиќ, која пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и пред Судот на БиХ застапувала обвинети припадници на АБиХ, вели дека обвинетите можат да се најдат во тешка финансиска ситуација, бидејќи судењата траат долго и се многу скапи.
„Малкумина би имале доволно пари за одбрана, дури и кога би биле финансиски добро ситуирани”, вели Видовиќ.
Таа додава дека Хрватска и Србија, но и босанскиот ентитет, Република Српска, со години издвојуваат средства за одбрана на своите војници.
„Се разбира, државата треба да помогне на начин на кој може да помогне”, додава Видовиќ.
Владата на Република Српска, за време на постапката против Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, издвојувала по 5.100 евра годишно за нивна одбрана, а и Србија и Хрватска, делумно финансирале дел од обвинетите.
Поранешниот судија, Вехид Шехиќ, од Форумот на граѓани Тузла, нагласува дека не гледа ништо спорно во одлуката за финансирање на одбраната на обвинетите за воени злосторства, бидејќи тоа, исто така, го прават и Хрватска, и Србија, и Република Српска.
„Од човечка страна е потребно да се помогне, е сега, со колкав износ и во кои случаи, тоа, сепак, треба да се регулира со одредени одлуки и на законодавната, и на извршната власт, бидејќи ние сме сведоци дека постапките многу долго траат”, додава Шехиќ.
Александра Летиќ, од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Српска, укажува дека одлуката на кантоналните власти е спорна, бидејќи помошта е наменета исклучиво за припадниците на АБиХ. Таа смета дека би било подобро со овие средства да бидат поддржани општествено неопходни проекти.
„Тоа е нешто што дефинитивно треба да се разгледа уште еднаш. Постојат голем број други активности што владите треба да ги платат и кои, во моментов, им се многу попотребни на граѓаните, отколку одбраната или правното застапување на лицата кои биле припадници на одредени воени формации“, вели Летиќ.
Постапки против 50 осомничени лица
Од Министерството за боречки прашања, информираат дека од буџетот за 2018 година, биле издвоени средства во износ од 289.000 евра, за вкупно 41 лице, на кое му се суди за воени злосторства.
Помош, во 2017 и 2018 година, како што велат од министерството, била дадена и преку фондации регистрирани за давање на правна и друга помош на осомничените и обвинетите поранешни припадници на вооружените сили на РБиХ, во предметите на воени злосторства, како и на членовите на нивните семејства. За овие цели, во 2017 година, биле издвоени 138.000 евра, а во 2018 вкупно 128.000 евра.
Од министерството нагласуваат дека конкретните корисници не се знаат однапред и оти бројот и обемот на помошта, зависат од бројот на примени барања, но и од обемот на обвинителниот акт. Исто така, предвид се зема и прашањето дали станува збор на командна или лична одговорност, како и социјалниот статус на обвинетиот.
Моментално, пред Судот на БиХ, течат судски постапки против повеќе од 50 поранешни припадници на АБиХ и МВР на РБиХ, меѓу кои се и поранешните генерали и командантите како Атиф Дудаковиќ, Рамиз Дрековиќ, Ахмет Сејдиќ, Сакиб Махмуљин, Химзо Селимовиќ и Драган Викиќ.
Од министерството велат дека издвојувањето на средства за помош е значајно и поради „зголемениот број на обвиненија“ против припадници на АБиХ и на МВР на РБиХ.
Како што велат, судските власти прават „очигледни напори за постигнување на рамнотежа“ на бројот на обвиненија против Бошњаците и против Србите, преку поднесување на обвиненија против Бошњаците за злосторства од помал обем.
Како пример, од министерството наведуваат дека минатата година е поднесено обвинение против поранешниот генерал, Рамиз Дрековиќ, за гранатирање кое резултирало со смрт на едно лице, но дека пред Судот на БиХ никогаш не е поднесено обвинение за долготрајното гранатирање на Сараево, од страна на силите на босанските Срби.
Минатата година беа потврдени 24 обвиненија за 92 лица. Повеќе од 50 се поранешни припадници на АБиХ и МВР РБиХ.