На 19 мај 1993 година, американскиот фоторепортер, Марк Х. Милстајн, заедно со двајца негови колеги, еден јапонски снимател и еден американски новинар, тргнал кон борбената линија во близина на мостот Врбања во Сараево, кое, во тоа време, била под опсада на српските сили повеќе од една година.
„Одеднаш, српски тенк се појави на 200 метри пред нас и пукаше над нашите глави. Се стрчавме кон една блиска станбена зграда и се скривме таму со група босански војници“, се присетува Милстајн.
„Еден од војниците ми викна да погледнам низ прозорецот, покажувајќи на една млада девојка и едно момче, што трчаа од другата страна на мостот. Ја зграпчив камерата, но беше доцна. Момчето и девојката веќе беа погодени“.
Фотографијата на нивните мртви тела на мостот, што ја направи Милстајн, ќе стане позната низ целиот свет, особено откако, Курт Шорк, американски дописник на Ројтерс, четири дена подоцна ќе ја објави приказната со наслов, „Ромео и Јулија во Сараево“.
„Двајца заљубени лежат мртви на брегот на сараевската река Миљацка, споени во последна прегратка. Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ, двајцата на 25-годишна возраст, беа убиени во средата во обид да избегаат од босанскиот главен град кој е под опсада, во Србија“, напиша Шорк.
„Тие беа заедно уште од средно училиште, тој беше Србин, а таа муслиманка. Владината страна вели дека српските војници пукале во нив, а српските сили тврдат дека за тоа се одговорни силите на Владата на босанските муслимани“.
Медиумите ширум светот веднаш ја објавија приказната за вљубениот пар од различна националност, чија смрт се чинеше како симбол на трагедијата на војната во Босна и Херцеговина, во која насилно се распадна повеќенационалното општество.
„Заедно во живот и во смрт“
Жанета Орешковиќ и Алма Вејзовиќ, биле пријатели со Бошко и Адмира, уште од средно училиште. Тие две беа сведоци на нивната љубов, долго пред остатокот од светот да прочита за нејзиниот трагичен крај.
„Адмира беше скромна, интелигентна и успешна средношколка. Бошко секогаш беше насмеан, подготвен да се пошегува, многу весел тинејџер. Тие беа убава млада двојка, беа многу заљубени“, се сеќава Орешковиќ.
Вејзовиќ вели дека ја запознала Адмира во основно училиште.
„Се запознавме преку заеднички пријатели и заедно се запишавме во Третата гимназија во 1982 година. Тогаш го запознав и Бошко. Адмира и Бошко беа најсреќната и највљубената двојка што ја познавав. Тие беа заедно во животот, а сега и во смртта“, вели Вејзовиќ.
Наградуваниот документарен филм, „Ромео и Јулија во Сараево“, на авторот и режисер, Џон Заритски, снимен во 1994 година, детално ја раскажува приказната за Бошко и Адмира.
Во филмот, нивните семејства зборуваат за тоа колку тие двајца биле вљубени еден во друг и покрај различните верски убедувања.
„Не ја гледав како муслиманка, не ја гледав како различна, не гледав поинаку. Ја гледав само како девојка на мојот син, која тој ја сака и во која и јас се заљубив“, вели Рада, мајката на Бошко.
„На луѓето гледавме како на луѓе, не по националност. Тоа не ни значеше ништо. Но, луѓето кои размислуваа поинаку, ја направија оваа војна“, додава мајката на Адмира, Недрета.
Како што објаснува филмот, Рада Бркиќ, која веќе била вдовица, го напуштила Сараево на почетокот на војната и му се придружила на својот постар син во Крушевац.
Сепак, Бошко сакал да остане со својата девојка, Адмира, и со неговиот пријател, Мишо Ќук, Србин, кој бил припадник на Армијата на БиХ (АБиХ). Сите тројца живееле заедно во станот на Бошко.
Во пролетта 1993 година, Мишо го напуштил Сараево, дезертирал од АБиХ и се префрлил на територијата контролирана од Војската на Република Српска (ВРС). Тој не им кажал на Бошко и на Адмира, за неговите планови да замине.
„Ќук го напуштил градот носејќи пиштол, двонасочно радио и тајни воени шифри од неговата единица на босанската армија. Бошко останал зад него, за да се соочи со последиците од дезертирањето на неговиот пријател“, се вели во документарниот филм на Заритски.
„На почетокот на мај (1993 година), Бошко добил покана да се јави на сослушување во муслиманска полициска станица. Тој се плашел од најлошото. Бошко имал 72 часа да се јави, пред да биде уапсен“.
„Сè што ќе се случи, е божја волја“
На 19 мај 1993 година, Бошко и Адмира решиле да побегнат во делот на Сараево кој бил по српска контрола, а оттаму да заминат во Србија. Адмира ѝ оставила писмо на својата мајка.
„Драга мајко. Ние заминуваме вечерва и сè што ќе се случи, е божја волја. Ќе те побарам, веднаш штом ќе стигнеме таму“, стои во писмото што Недрета го чита во документарниот филм.
„Разговаравме (со Бошко), кога ќе заврши војната, ќе се вратиме и сè ќе биде како порано. Како да немало војна. Не грижи се за мене, грижи се за себе, ќе ми биде полесно. Те сакам многу“, напишала Адмира на крајот од писмото.
Во документарецот се објаснува дека двајца српски војници од населбата Кошевско Брдо во Сараево, инаку пријатели на Бошко, го организирале нивното бегство, заедно со Исмет Бајрамовиќ Ќело, припадник на АБиХ, позната фигура во круговите на организираниот криминал и пријател на братот на Бошко.
Подрачјето околу мостот Врбања, што тие морале да го поминат за да избегаат, не било на ничија територија. Само што го преминале мостот, започнало пукање. Бошко починал веднаш, а Адмира залелекала, паднала ранета, доползела до Бошко, го прегрнала и починала.
Осум дена нивните тела лежеле покрај мостот, додека српската и бошњачката страна меѓусебно се обвинувале за убиството. На крајот, ВРС им наредила на муслимански затвореници, да ги извлечат телата.
Кантоналниот суд во Сараево, неодамна го осуди Вељко Папиќ, воен командант на третата чета на првиот баталјон на Сараевско-романскиот корпус на ВРС, за давање наредби со кои несрпски цивили, членови на работен вод, биле принудени да извршуваат тешки задачи, при што тие биле изложени на животна опасност на првите борбени линии во опколено Сараево.
Во пресудата се вели и дека Папиќ им наредил на четворица припадници на работниот вод да ги отстранат телата на Бошко и Адмира, заканувајќи им се дека ќе ги убијат нивните семејства, доколку се обидат да избегаат.
Семејствата Бркиќ и Исмиќ сакале нивните деца да бидат погребани во Сараево, но ВРС не го дозволила тоа. Тие биле погребани еден до друг, на гробиштата под контрола на српските сили, во Источно Сараево.
„Дури и сега, во моите мисли, можам да ги видам како се гушкаат“, вели, Рада Бркиќ, на крајот од филмот, „Ромео и Јулија во Сараево“.
„Сè уште не можам да ја прифатам реалноста дека ги нема. Ветија дека ќе се вратат. Кога се збогував со Адмира, ѝ реков: ‘Мама ќе ги брои деновите до твоето враќање’. Јас сè уште ги бројам деновите, еден по еден, но знам дека нема крај на тоа“, вели, Недрета Исмиќ.
Таткото на Адмира, Зијад, се заколна дека ќе ја бара правдата.
„Остатокот од мојот живот ќе го поминам во настојување убијците на Бошко и Адмира да се доведат пред суд и да се казнат по заслуга“, истакна тој.
За жал, тој не доживеа да ги види убијците на неговата ќерка и нејзиното момче на суд. Никој сè уште не одговарал за нивната смрт.
„Тоа беше најголемата љубовна приказна“
„Мешаните бракови на Балканот сè уште се табу-тема“, е насловот на студијата објавена во март 2020 година, од Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии, која се базира на истражување спроведено во Босна и Херцеговина и во Северна Македонија.
Истражувањето покажа дека сè уште има бројни бракови меѓу припадници на различни етнички и религиозни групи во БиХ, но оти овие заедници се многу стигматизирани.
„Во урбаните области, браковите меѓу припадниците на различни етнички или религиозни групи не се невообичаени, додека во малите рурални области, постоеше страв од јавно изнесување на мислења, ставови и искуства на оваа тема, поради отсуство на такви бракови, или апсолутно одбивање да се зборува за тоа“, се вели во студијата.
Социологот, Славо Кукиќ, истакнува дека Босна и Херцеговина некогаш била позната како пример за живеење во различност и дека приказната за Бошко и Адмира, сè уште може да биде инспирација.
„Денес, приказната за Бошко и Адмира е мелем на рана за младите луѓе, кои ја ставаат својата љубов на тест, заради стереотипите што им ги наметнуваат постарите. А Бошко и Адмира им велат, ако се сакате, игнорирајте ги сите ‘добронамерни совети’, дека вашата љубов е невозможна и дека мора да се вратите на ‘корените’, на својата вера и нација и да ја барате својата среќа во нив“, наведува Кукиќ.
Фоторепортерот, Марк Х. Милстајн, и Зоран Стевановиќ, продуцент на телевизијата Ројтерс за време на војната во БиХ и копродуцент на документарниот филм „Ромео и Јулија во Сараево“, не замислувале дека оваа приказна ќе добие подлабоко значење.
„Секој можеше да препознае нешто од љубовта на овие двајца млади, кои беа подготвени да ризикуваат сè за да бидат заедно. Нивната смрт ја симболизира силата на љубовта во очајот, безнадежноста и несреќата“, наведува Милстајн.
„Трагично, никој никогаш нема да биде гонет за нивната смрт. Некој знае кој е виновен“, нагласува тој.
„Тоа беше најголемата љубовна приказна, иако трагична, која, на толку многу нивоа, зборува за бруталноста, трагедијата и ужасите на војната во БиХ“, изјави Стевановиќ.
Дваесет и осум години подоцна, Жанета Орешковиќ и Алма Вејзовиќ, велат дека никогаш нема да ги заборават своите пријатели.
„Ја поминав војната во Сараево. За смртта на моите соученици дознав читајќи напис во дотогаш ретко достапниот весник ‘Ослобоѓење’. Бев во целосен шок и не можев да верувам“, се сеќава Вејзовиќ.
„Таа тага ме обзема дури и денес, кога некој ќе ги спомене“, додава таа.
„Ми беше тешко кога слушнав за нивната смрт. Нивните животи завршија на таков тажен начин. Тие беа целосно неоптоварени со религијата и не им беше гајле како некој се вика или која вера е“, со воодушевување вели Орешковиќ.
По завршувањето на војната во Босна и Херцеговина, посмртните останки на Бошко и Адмира, беа преместени на гробиштата „Лав“ во Сараево.
Курт Шорк беше убиен во заседа во 2000 година, додека работеше за Ројтерс во Сиера Леоне. Тој сакаше половина од неговата пепел да биде погребана покрај неговата мајка во Вашингтон, додека другиот дел сега почива покрај Бошко и Адмира.