Зурли и тапани, мачни стихови за народни херои во зандани и оловни рефрени со востанички повици, пенести строфи за сини езера и цветни ливади, по некој риф од „Архангел“, најпознатиот исечок од Бетовеновата Деветта симфонија и конфекциски изборни химни што партиите ги снимиле во евровизиски стил.
Вака звучи плеј-листата на еклектичниот саундтрак за актуелново предизборие.
Впрочем, песните и музиката што партиите и кандидатите ги користат во кампањите внимателно се одбрани за да го засилат волуменот на политичките пораки или да го украсат имиџот на политичарите во ловот на гласови.
Шпиони, зандани и природни убавини
Музичари и музика може да си дозволат само големите партии поради трошоците за изведувачи и за озвучување. Очекувано, поради улогата на предизвикувач, опозицијата најдиректно праќа пораки преку стихови.
Репертоарот на ВМРO-ДПМНЕ, партијата што стои зад кандидатурата на Гордана Сиљановска и ги организира нејзините митинзи, најчесто се сведува на револуционерни песни, кои доколку мора жанровски да ги определиме, би ги нарекле црно-црвен комитски фолк. Речиси на сите изборни циклуси се вртат истите три-четири нумери.
Стиховите што се слушнаа на почетниот митинг во Скопје се во тоналитетот на поплаките дека опозицијата е „судена и затворана“ и дека современите судски процеси против нејзини членови се резултат на политички прогон.
„Слобода немавме, правдини никакви, кога ги баравме, в затвор се најдовме“, ова е стихот од народната песна „И ние сме деца на Македонија“, позната по изведбите на Васка Илиева и Јонче Христовски, со која ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска го отворија првиот митинг.
На истиот собир ја пуштија и народната „Послушајте патриоти“. Специфичниве стихови се во хармонија со дел од денешниот наратив на десничарската опција во Македонија:
„Во зандани бев предаден од проклети шпиони, од проклети шпиони – неразбрани трговци.“
Сентиментот на неправда, ВМРО-ДПМНЕ го надополнува и во тикток-видеа, користејќи ја песната „They Don’t Care About Us“ на Мајкл Џексон.
Во првите денови од предизборието, револуционерната енергија од бините се прели во сообраќајот. Како што објавија медиумите, полицијата го сопрела пејачот Спасен Силјаноски, кој возел во алкохолизирана состојба.
Силјаноски е дел од квартетот што на собирите ја исполнува песната компонирана конкретно за оваа кампања.
„Македонија повторно твоја, Македонија повторно своја. Тој што има минато, тој ќе има иднина.“
Изборната музичка листа на ВМРО-ДПМНЕ и овојпат ги содржи „Нешто ќе те питам бабо“, песната за контроверзниот водач на историското ВМРО, Тодор Александров, како и двете химни – државната и партиската.
Лесни рифови и прстофат андерграунд
Седумте години власт ја смирија енергијата што СДСМ и коалицијата ја емитираат на митинзите. Тоа се одразува и врз музичкиот репертоар во кампањата на нивниот кандидат Стево Пендаровски.
Наместо партизанската „Bella Ciao“ и стиховите „I got a soul, but I’m not a soldier“ – со кои се повикуваше на масовен гандиевски протест пред Владата водена од ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, сега на собирите доминираат рок и поп-песни што немаат врска со конкретна политичка порака. Служат повеќе за забава.
Онлајн-преносите од посетите на Пендаровски низ републиката почнуваат и завршуваат со музика од алтернативниот рок-состав „Архангел“ и тоа често е песната „Вина невина“:
„Страст за младост и љубов за старост, копнеж за живот во тебе. Овде си ко небо спокоен.“
Вклучувањето на „Архангел“ и на фронтменот Ристо Вртев e пиар-обид да се наштима имиџот на Пендаровски во очите на граѓаните од урбаните средини на чии гласови традиционално се надевал актуелниот шеф на државата, и како двократен кандидат за претседател, и како носител во првата изборна единица во 2016 година.
И на овие митинзи се застапени „Денес над Македонија“ и песни за татковината, меѓутоа тие не се револуционерни – во нив преовладуваат теми за убавините и за природните богатства.
„Гледај прекрасно сино езеро, овде љубовта нема граници. Гледај ливада, цветна рамнина, овде бре песната е одамнина“, гласи стихот од песната „Љубов голема – За многу години Македонци“, која на митинзите ја исполнуваат Кристина Арнаудова и Владо Јаневски.
На митинзите на Пендаровски може да се слушне и победничката песна на Евровизија од 1992 – „Insieme“ на Тото Котуњо, препеана на македонски.
Од Адем Јашари до Бетовен
Европскиот фронт на ДУИ има наменска химна за овие избори.
Таа, пак, звучи како одвај да победила на нечиј национален избор за песна за Евровизија, а спотот е снимен во духот на филантропската „We Are The World“. Исполнувачите се во добро познатиот сетинг, зад стаклото во студио пред микрофони со слушалки на ушите.
Содржината, пак, ги следи политичките пораки на ДУИ и на нејзиниот кандидат Бујар Османи.
„Заедно ѝ велиме не на Русија, ние сме европски народ. Сонцето на надежта сјае рамо до рамо со САД во секој чекор.“
Текстот по неколку рефрена од албански преминува на англиски јазик, во манирот на евросонг-изведувач, кој цели да освои гласови вон националните граници.
И музиката од митинзите ги рефлектира политичките пораки на Мала Речица.
Собирот на Османи во Сарај почна со песната „Букет цвеќе“ посветена на загинатиот припадник на УЧК од Косово, Адем Јашари, во изведба на еден од најпопуларните косовски пејачи Илир Шаќири – музичар често виден гостин на раководството на ДУИ.
И доколку митинзите на Османи почнуваат со запалени навивачки факели и револуционерни песни, тие завршуваат со Бетовеновата „Ода на радоста“, која од 1985 година е официјална химна на Европската Унија.
Коалицијата „Вреди“ и претендентот Арбен Таравари го следат трендот на противниците. Имаат наменска песна со стихови симнати од нивните билборди.
„Вреди, даваме беса [збор], во срце ни е аманетот. Вреди, за промена за Албанците“, порачува песната што се користи за подлога на видеата во кои се пласираат говорите на коалициските лидери.
Партизански мотиви
Преку музиката порака испраќа и претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. На неговата промоција, во моментите кога тој се појави пред преполната сала, свиреше инструменталната верзија на „А, бре Македонче“, песна што се смета за неофицијална химна на партизанското движење.
„Нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине“, е најпрепознатливиот стих на една од верзиите на песнава.
Овој историски период е линијата на раздвојување меѓу СДСМ и поранешниот член Димитриевски, кој е прв човек на Куманово, градот симболички важен за почетокот на НОБ.
Димитриевски падна во немилост на Бихаќка зашто ги критикуваше попустливите ставови на експремиерот Зоран Заев во врска со бугарските барања, кои предвидуваа историски ревизионизам и бришење на фразата „бугарски фашизам“ од спомениците на НОБ.
Очекувано, партизански мотиви користи и Левица, зашто и оваа партија силно полага врз оставштината на НОБ. Тие на митинзите на кои ја презентираат кандидатката Билјана Ванковска, покрај државната химна, ја свират и „Во борба, македонски народе!“
Како што ѝ личи на партија што се претставува како застапник на левичарските идеали, Левица, на своите собири ја свири и најпознатата работничка химна „Интернационалата“.
Кандидатот Стевче Јакимовски по изборните победи често земал микрофон и денес Јутјуб е сведок дека градоначалникот на Карпош се снаоѓа на сцена.
Пред деценија ја пееше „Не може нам нико ништа“, а на последните избори со видоизменет текст ја препеа „Постела од рози“ на дуото „Куку леле“. Ремиксот на Јакимовски е содржина за чија консумација, сепак, е потребен надзор на родители или старатели.
Врз база на минатиот труд можеби најмногу разочара Јакимовски. Сега на неговите собири ја слушаме само партиската химна, која е синхронизирана со изборниот слоган.
„Одиме храбро ко еден сме ние. Македонијо, ГРОМ е со тебе!“
Саундтракот на предизборието како целина, поради разновидноста на жанровската понуда веројатно би го збунил кој било стриминг-сервис како Спотифај или Епл-музик, меѓутоа музиката од кампањите обично е во совршена хармонија со политичките пораки.
Понекогаш стиховите и мелодиите го кажуваат и она што кандидатите се воздржуваат да го изустат придржувајќи се до некоја минимум политичка коректност.