Ако порано пред избори политичарите одеа од кафуле до кафуле и со неприродни насмевки и непријатна присност ги убедуваа младите да гласаат, делејќи им флаери, сега, за да дојдат до младите гласачи, потребни им се сериозно помалку време, напор и ресурси.
Рецептот е навидум едноставен. Доволен е мобилен со пристојна камера и добар пиар-советник, и за помалку од половина час може да склопат видео што ќе го објават на Тик-ток.
Речиси сите претенденти за претседател се закачиле на мрежава баш со идејата да „украдат“ дел од вниманието на младите, кое денес е скапоцено. Младите со часови скролаат низ видеата, без да ја поткренат главата, додека паралелно прават нешто друго – зборуваат со другарите или јадат. Нивното просечно внимание е ограничено на секунди.
Тикток-профили имаат Стево Пендаровски, Гордана Сиљановска-Давкова, Бујар Османи, Арбен Таравари, Стевчо Јакимовски и Билјана Ванковска. Исклучок е кандидатот Максим Димитриевски.
Но, ретко кој од претседателските кандидати знае како да се претстави на оваа мрежа. Тик-ток, за разлика од другите социјални мрежи, бара поинаков пристап, личен израз, хумор и она што е најважно во предизборието – непосредна, директна комуникација.
Се чини дека само Бујар Османи сфатил како да го извлече максимумот од оваа мрежа, додека неговите противкандидати на Тик-ток гледаат како на уште еден Фејсбук или Инстаграм, па споделуваат главно исечоци од митинзи и од интервјуа.
Бујар Османи – главен инфлуенсер меѓу кандидатите
Османи, уште од 2020 година ја спуштил тикток-апликацијата и отворил личен профил, тоа е периодот кога стана министер за надворешни. Оттогаш секојдневно е активен.
Објавува и по неколку видеа дневно, а има и редовна рубрика – ги води своите следачи со видеоколаж низ различни часови од денот, од моментот кога излегува од дома и ги носи децата во училиште преку посети и митинзи, до по полноќ кога се прибира. Ги информира каде бил во улога на министер и на кое место и во колку часот се презентирал како претседателски кандидат.
Актуелниот шеф на дипломатијата го користи Тик-ток за да се претстави како човек од „крв и месо“, кој, како и сите други, најнормално јаде сендвич и пие кафе со пријателите.
Повеќе од 150.000 прегледи има неговото тикток-видео, во кое во домашна атмосфера со децата отпакува релаксатор за најмладиот член на фамилијата Османи.
Тик-ток во светот, политичарите го користат и за да имаат директен контакт со гласачите. Следејќи го тој пример, и Османи преку селфи-камерата сам се снима и ги одговара прашањата што му ги поставуваат следачите.
Во видеата употребува и случки од неговите школски денови, сакајќи да ги мотивира младите, објаснувајќи им дека ги надминал дискриминацијата и предрасудите со кои се соочувал во средното медицинско училиште во Скопје.
„Учев во првата паралелка на албански јазик, иако повеќето наставници беа Македонци. Директорот, кога ќе се налутеше, ни викаше што барате тука, одете на Бит-пазар“, тврди Османи.
Тоа што Османи одамна има профил, но и речиси секојдневната активност придонесува тој да има и повеќе следачи. Неговиот тикток-профил го следат повеќе од 14.000 луѓе, со што е рекордер во споредба со противкандидатите.
Сиљановска веќе не танцува, Пендаровски заигра оро
„Професорка по Уставно право и пратеничка која вети дека ќе биде субверзивна“, ова е описот што ги дочекува посетителите на тикток-профилот „gogatiktoks“, официјалниот канал на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова.
Нејзиниот профил е истиот од претходните избори, но, за разлика од 2019 година, кога на оваа мрежа објавуваше видеа како танцува, вежба јога, готви и сади цвеќиња во домот, сега содржината ѝ е поформална.
Споделува видеа од јавни личности или од партиски членови што ја поддржуваат во претседателската трка, или, пак, парчиња од нејзините говори на митинзите или на телевизиските гостувања.
Сиљановска има околу 5.000 следачи, но нема обиди директно да ја ангажира својата публика.
Нејзиниот главен ривал, кандидатот поддржан од СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски го следат помалку луѓе, нешто повеќе од 4.000.
Содржински и неговиот профил не се разликува многу од оној на Сиљановска. Нема видеа со поддршка од јавни личности, но има обраќања од митинзи и средби со граѓани. Единствено различно видео што тимот на Пендаровски го споделил на Тик-ток е она каде што тој игра оро со симпатизерите во Кавадарци.
Младите тиктокери незаинтересирани за политика
На околу четири илјади следбеници на Тик-ток, секојдневно им се обраќа и Арбен Таравари, кандидат за претседател од албанската опозиција „Вреди“.
Тој има свој профил од 2021 година, но, ако за време на кампањата за локалните избори имаше вклучено и поддржувачи Македонци, сега претседателската кампања ја тера само со поддржувачи Албанци. И Таравари се снима сам додека е во автомобил и им се обраќа директно на поддржувачите, а во еден од спотовите го начнува и проблемот со иселувањето на младите, за што ја обвинува ДУИ.
Кандидатот Стевчo Јакимовски нема долга кариера на оваа видеоплатформа.
Профилот му е отворен пред пет месеци, има околу сто следачи, а најчести содржини се од неговите гостувања во емисијата „Тешки муабети“, која оди на јутјуб-каналот на Инфомакс.
На неговиот Тик-ток, само еден клип привлекува посебно внимание, кога повозрасна жена му пее во знак на благодарност зашто ѝ помогнал да дојде до лекар.
Најнов е профилот на Биљана Ванковска, кандидатката на Левица. Отворен е во февруари годинава, веднаш откако беше објавено дека ќе учествува во трката за претседател. Има над сто следачи. Таа споделила дваесетина видеа од нејзини интервјуа. Ванковска има скромен број следачи на Тик-ток, за разлика од партијата што ја поддржува, која со години преку неколку канали е активна на оваа мрежа.
Тик-ток секаде во светот е поле за лов на младите гласачи. Секој што е некој, е на мрежата – од американскиот претседател, и актуелниот и поранешниот, Џо Бајден и Доналд Трамп, до германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Нема да танцувам. Ветувам“, вака, на шега, Шолц го најави својот Тик-ток, алудирајќи на содржините што најчесто се споделуваат на оваа мрежа.
Можеби германскиот канцелар нема да танцува на Тик-ток, меѓутоа српскиот претседател Александар Вучиќ знае да шизи во автомобилот, а неговиот сопартиец и министер за транспорт, Горан Весиќ – сериозно „гази“ на мрежава и ги прифаќа сите таканаречени тикток-предизвици.
Со оглед дека речиси сите кандидати за претседател на Македонија сè уште не го препознале потенцијалот што Тик-ток го има во делот на мобилизирање на младите, не изненадува што младите се рамнодушни кога се во прашање претстојните избори.
Барем такви беа оние десетина со кои разговаравме минатата недела во скопскиот градски парк. Тие веднаш одговорија дека имаат Тик-ток, меѓутоа само тројца застанаа да одговорат на второто прашање:
Дали ги следите кампањите на претседателските кандидати?
Нивниот одговор беше едно отсечно: „Не“.
„Се обидувам да ги избегнам, не ме интересира политика“, одговори една девојка, што беше меѓу ретките кои застанаа кога го слушнаа прашањето.