Ги фрлаат во борба како во ринг. Победува посилниот. Со него се сликаат како со трофеј. Послабиот завршува со рани и лузни или умира.
Борбите со кучиња се организираат за профит и за забава.
Социјалните мрежи кај нас се преплавени од фотографии и видеа од борби со кучиња. Дека има борби алармираат и активистите за правата на животните.
Но, и покрај очигледните борби, казни за страдањата на кучињата има само на хартија.
БИРН анализираше 70-тина пресуди за мачење животни во изминатите пет години. Само една е борба со кучиња. Во тој период нема ниеден изречен прекршок.
Борба со кучиња за забава
„Машина за мелење месо“.
Овие зборови, заедно со слика од питбул, ги објавил скопјанец на својот профил на Фејсбук, пред речиси седум години. Во коментарите под фотографијата дообјаснил дека неговото куче е „малку повеќе“ борбено.
Активист од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, фотографиите и објавите од скопјанецот ги испратил до Агенцијата за храна и ветеринарство. Истата година до АХВ испратил и други слични претставки.
Во една од нив пишува дека тројца пробиштипјани тренираат за борби куче од расата питбул „терајќи го да го влече автомобилот марка „ауди А6“…“.
Заедничко за сите случаи е што се пријавени во иста година, 2017 година. Разликите се само во деновите.
Борби со кучиња има и денес, a има и пријави.
Пред само два месеца, полицијата објави дека уапсила тетовец од селото Лавце, затоа што организирал борби со кучиња. Првин алармираше локалното здружение за бездомни животни, кое објави фотографии од борби со кучиња облеани со крв.
Од полицијата, за БИРН, рекоа дека за тој случај уапсиле четворица, од кои тројца малолетници. Пријавените признале дека борбата ја организирале за забава, а по разговорот, во истиот ден полицијата ги пуштила дома. Уште собираат докази.
Два месеца по настанот, до Обвинителството не стигнало ништо.
Кучето го однеле во АХВ, а потоа на ветеринар. Тоа било и неговата последна борба. Поради сериозните повреди, по два дена починало.
Крвавите „шампиони“ од социјалните мрежи
Лани во ноември, јавноста ја вознемирија фотографии од кучиња облеани во крв. Ги објави охридската „Лајка“. Ја напишаа и точната локација: излезот од Охрид на патот кон Струга. „Сценографијата“ е заграден простор на земјиште со палети зад објект што наликува на ринг и десетина луѓе гордо фотографирани со куче со крвава грива.
Три месеци подоцна, Обвинителството ја отфрли кривичната пријава. Пријавените негирале сè. Еден од нив кажал дека не знаел кој го заградил просторот. Другите пријавени тврделе дека тоа се постари слики од изложби на кучиња во Албанија. За крвта на крзното рекле дека e од тоа што кучињата јаделе месо како награда.
Рингот од фотографиите бил урнат откако се обелодени случајот, ни кажаа локални активисти. Но, велат дека борби има на други локации, најчесто во руралните средини, на поизолирани подрачја.
„Обама“, „Амабо“, „Султан“… Кучињата што ги спремаат за борби носат имиња на светски политичари. Некогаш им прават и посебни профили на социјалните мрежи. „Славата“ ја стекнуваат преку крв, видни повреди, но и со „свечени“ околувратници и трофеи.
БИРН анализираше десетина такви фан-страници. Во описите и коментарите на ваквите објави има т.н. стикери со аплаузи, честитки и пофални зборови. Поретко се случуваат и договарања и ценкања за цената на кучињата.
На фотографиите со раскрвавените кучиња неретко позираат деца.
Здруженијата за заштита на животни будно ги следат ваквите објави на социјалните мрежи. Велат дека објави за борби има еднаш неделно или во две недели. Дел од фотографиите сугерираат и дека постојат организирани т.н. шампионати во борби со кучиња во државата.
Објави на кои пишува „каков татко, таков син“, кои го споредуваат кучето што се бори со фотографија кога било малечко, го отвораат сомнежот дека дел од овие кучиња се тренираат од самото нивно раѓање.
Борбите ги има и на Тик-ток. Некои кучињата за борби имаат профили. Таму се слават и романтизираат нивните „успеси“. Наидовме на видео на кое има повеќе „познати“ кучиња, кои често учествуваат во борби.
Суровоста како единствено „образование“ на кучињата-борци
Воислав Димитровски е ветеринар во „Лајка“.
Меѓу 200-те кучиња за кои се грижи, посебна нега ѝ дава на Блеки, како што вели, мило куче, кое го стави на масата во ветеринарната амбуланта. Рече дека Блеки е куче за кое се сомневаат дека било дел од борби зашто има лузни на телото и покажува агресија кон други животни.
„Кога станува збор за борби со кучиња, кучето може да е од мало воведено во оваа дисциплина или, пак, да е внесено како спаринг-партнер. Во првиот случај, борбата и суровоста му се основното образование и кучето постојано ќе ја бара таа активност. Блеки нема проблем со луѓето, но го чуваме од контакт со други кучиња“, објаснува Димитровски.
Ни предочи дека организаторите на борби најчесто користат определени раси за борбите, како пит бул, стафорд, кангал или шарпланинци. Организаторите земаат и други помали и понемоќни раси како спаринг-партнери или плен за кучињата што се борат.
Според Димитровски, организаторите на борби на кучиња не бараат помош од ветеринари. Сами ги лекуваат кучињата по борбите, што уште повеќе им наштетува и им ја скратува шансата за преживување.
Токму поради ваквите услови, често се случува кучињата сами да избегаат од сопствениците, кои ги користат за борби, вели тој. А некогаш, доколку не се покажат како добри „борци“, организаторите ги напуштаат и ги оставаат да талкаат по улиците.
Димитровски вели дека Блеки, или избегала, или била оставена на милост и немилост.
Кога ќе се затекне куче во ринг со борби, како што налагаат прописите, мора да помине т.н. тест за социјализација.
„Куче заловено во тек на борба со кучиња или што паднало на тест за социјализација, мора да се објави на социјалните мрежи 20 дена за да се вдоми. А ако не се вдоми, треба да се евтанизира. За среќа, овие не се затекнати во борби, иако имаат траги. Тие и го поминаа тестот на социјализација“, објаснува тој.
Ветеринарите не се должни да пријават кога некој ќе им донесе за лекување куче од борби, но Димитровски апелира да се пријавуваат таквите случаи.
„Нашата чест кон професијата би требало тоа да го побуди и навистина да се пријават овие дејства“.
Сомнежи за корупција и закани
Од 2019 до 2023 година, полицијата регистрирала пет случаи на борби со кучиња, во Охрид, Кичево, Тетово, Битола и во Свети Николе. Два случаи завршиле како прекршок, еден е отфрлен, за еден завршил го известиле Обвинителството, а најскорешниот се расчистува.
На прашањата колку сторители идентификувале и колку прекршочни постапки отвориле, одговори не добивме.
Полицијата може да ги истражува овие случаи, не само по пријава, туку и по допрен глас. Но, и на прашањето колку такви случаи истражило МВР во последните пет години, одговори немаше.
„Гледаме борби со кучиња на Фејсбук, Тик-ток… Секојдневно сведочиме за нив. Тие можат сами да постапат без каква било пријава од страна на граѓанин и здружение“, објаснува Елена Пипонска, раководителка во ЈП Лајка.
Активистите со кои разговаравме, а што сакаат да останат анонимни поради страв од закани, се сомневаат дека во организацијата на борби со кучиња има вклучено вработени во државни институции, како МВР и АХВ. Доказ за тоа, како што велат, се изјавите што ги собрале од учесници во различни случаи.
Во еден случај, кога граѓанка посведочила и пријавила борба со кучиња, неколку минути по нејзиниот разговор со МВР, светлата на локацијата за борби се изгаснале и борбата прекинала.
Незаинтересирани институции
Од Агенцијата за храна и ветеринарство, за БИРН, велат дека од 2019 до 2023 година добиле само една пријава за борби со кучиња од здруженијата за заштита на животни.
Тие, пак, за истиот период тврдат дека десетпати го известиле МВР за борби со кучиња. На прашањето дали Агенцијата самоиницијативно почнала истрага за борби со кучиња во истиот период, рекоа дека немаат такви податоци.
Инспекторите од Агенцијата не изрекле ниеден прекршок за организирање борби со кучиња, немаат ниту податок на евтаназирани кучиња што учествувале во борби со кучиња, а не го поминале тестот на социјализација.
„Сериозно се потфрла во санкционирањето на овие незаконски дејствија“, вели активистката за права на животните, Милка Докузова.
Тоа што институциите не реагираат, се отсликува и во пресудите. Анализата на БИРН, на објавените пресуди за мачење животни, дело под кое припаѓаат и борбите со кучиња, покажа дека има 70-тина.
Речиси сите се за мачење или труење кучиња, мачки, коњи… Само еден случај е за борби со кучиња. Во 2019 година, прилепскиот суд осудил човек на условна казна затвор. Требало да плати 2.000 денари судски трошоци. И тоа е сè. Во оваа пресуда нема податоци дали осудениот заработил пари од борбата со кучиња.
Траума и повреди
Повредите и промените кај кучињата се од физичка, но и длабока психолошка природа, длабоки рани, особено во пределот на вратот, обилни крвавења, траги од повреди, вознемиреност, страв, покорност и желба за напад, објаснуваат од Анима мунди.
Но, јавна тајна е дека од овие организирани борби се профитира.
„Заработката варира од тоа кој е организатор, може да биде илјадници евра од борба, по куче. Постојат и такви на кои ваквите борби, ваквата криминална дејност им е основен извор за приходи“, велат од Анима мунди.
Во минатото, Кривичниот законик пропишуваше парична казна или затворска казна до шест месеци за мачење и убивање животни. Со новите измени, казните се повисоки. Организаторите на борби можат да добијат до три години затвор или пет години ако делото го прават за пари.
Во последните пет години, никој не добил затворска казна. Паричната казна, пак, e 500 евра, а доколку се плати во првите 8 дена, прекршокот е 250 евра.
„Дури и да се изврши парична санкција, во границите определени со закон, сметам дека заработката од борењето на кучиња е поголема од санкцијата што би ја добил сторителот, дури и ако биде санкциониран што како што кажавме до сега, не е случај“, појаснува Пипонска.
Решението, според неа, е едукација на вработените во надлежните институции и поголеми санкции.
„Ако кај нас се од 200 до 300 евра, во соседна Грција се од 30 до 50 илјади евра“, појаснува таа.
Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2023-24 година