Анализи

Брзи и снимени: Сообраќајно дивеење на социјалните мрежи

Полицијата има право да казнува врз основа на видео, но не добивме одговор дали активно бара прекршители на интернет

Видео од возач како развива 238 километри на час на автопатот покрај скопскиот аеродром може да се најде на социјалната мрежа Тик-ток. Во друго видео, совозач снима претекнување со голема брзина на скопската обиколница. Има и објава во која македонски корисник на Тик-ток сам се снимал како на пат, кој според формата и теренот изгледа како делницата меѓу Велес и Штип, развива брзина од 201 километар на час.

Со кратко пребарување на оваа и на други социјални мрежи може да се најдат видеа од несовесно возење во урбани средини – претекнување од недозволени сообраќајни ленти, возење во спротивна насока и други. Ги нема многу, бидејќи, според корисниците на Тик-ток, таквите содржини почесто се пуштаат во живо и потоа исчезнуваат, за да не остават траги.

Во многу земји во светот е забележано дека со популаризацијата на социјалните мрежи е зголемен бројот на прекршувања на сообраќајните правила, особено за користење мобилен телефон при возењето. Во Англија и во Велс, на пример, бројот на регистрирани такви случаи се зголемил од нешто над 9.000 во 2021, на речиси 18.000 во 2022 година. Според изјавите од полицијата, телефоните сѐ помалку се користат за зборување, а сѐ повеќе за снимање додека се прават прекршоци.

Дел од нив завршувале фатално. Во јули минатата година, возач од Манчестер бил осуден на 12 години затвор бидејќи додека се снимал како вози 123 милји на час на автопат (речиси 200 километри на час), удрил во друго возило и усмртил бремена жена, а ги повредил и нејзините две деца што биле во автомобилот.

И во земјава се појавија информации, засега непотврдени, дека тешката сообраќајна несреќа што се случи во Кичево на 29 март рано наутро, во која загинаа три лица, а четворица беа повредени, била предизвикана поради снимање видео. Како што објави порталот МКД, станува збор за т.н. „ча-ча слајд“ предизвик на Тик-ток, кој стана популарен пред четири години, а во кој возачите се снимаат како возат во спротивната насока со голема брзина.

Бидејќи се загинати двете лица од возилото, што според полициските информации ја предизвикало сообраќајката, нема потврда на овие информации. Од Јавното обвинителство, за БИРН, потврдија дека на снимка од камера за видеонадзор е утврдено дека едното возило со голема брзина навлегло во спротивната лента.

Снимките охрабруваат прекршување на правилата

возење 240 км/ч

Со години се популаризираат снимки со брзо возење | Фото: принтскрин

Дека објавувањето ризично однесување на социјалните мрежи поттикнува почесто такво однесување од повеќе корисници, покажале многу студии во светот. Со едно такво истражување спроведено од психолози од Шкотска и објавено во 2023 година било утврдено дека поминувањето повеќе од два часа дневно на мрежите го зголемува ризикот од многу видови антисоцијално однесување – алкохолизам, користење дроги и друго.

„Се работи за т.н. „предизвици“, кои преку хаштагови и споделувања бргу се шират на социјалните мрежи. Креаторите на овие видеа сакаат да привлечат внимание и да добијат брза популарност и видливост од страна на другите онлајн-корисници. Предизвиците најчесто преминуваат во натпревари со многу ризици и опасности, а адреналинот и трката за брза слава, како и лесната монетизација, секојдневно привлекуваат сѐ поголем број млади корисници, што е навистина загрижувачки“, вели за БИРН, комуникологот Сеад Џигал.

Како што додава, обидувајќи се да бидат што „похрабри“, овие предизвици стануваат сѐ поекстремни и поопасни за безбедноста, не само на изведувачите, туку и за околината.

Од многу експерти, возењето е препознаено како посебен ризик. Професорот Апунам Јена од Медицинскиот факултет на универзитетот „Харвард“ забележал дека појавата на филмови како „Брзи и бесни“, во комбинација со засиленото користење социјални мрежи, значително го поттикнува брзото возење. Споредувајќи ги податоците за издадени казни за возење над дозволената брзина, три недели пред и три недели по излегувањето на секој нов филм од оваа франшиза, тој утврдил дека бројот на казнети возачи се зголемувал за 20 отсто меѓу двата периода.

Во студија од 2021 година, австралиската професорка Кајла Стефанидис утврдила дека со развојот на социјалните мрежи се случува глорификација на брзото и опасно возење.

„Многу луѓе веруваат дека редовно се изложени на онлајн-содржини со брзо возење, што може да го зголеми ризикот и тие да ги пречекоруваат брзините во реалниот свет“, вели таа за „Брајтмајл“, глобална онлајн-платформа за безбедно возење.

Стефанидис, која анализирала повеќе од 80 илјади објави на Твитер, вели дека, како што повеќе се објавувале содржини со брзо возење, така растел и бројот на искажани негативни ставови за сообраќајните правила, како и кон луѓето што ги почитуваат. Дополнителен проблем е што многу содржини се објавувале во возење, зголемувајќи го ризикот од невнимание.

Џигал вели дека, за жал, оваа појава не е доволно истражена ниту во регионот, ниту во Македонија, а има само попатни и парцијални анализи, како и неколку евидентирани случаи од страна на институциите.

„Во реалноста, бројот на овие предизвици постојано расте, овие видеа инстантно стануваат вирални и потребно е посистематски и поенергично да се реагира на нив“ , додава тој.

Тик-ток, во своите услови за користење, објавува дека не е дозволено емитување видеа во живо при возење или промоција на опасно однесување во сообраќајот. Сепак, такви видеа може да се најдат на мрежата.

Видеата како доказ и во Македонија

Возачот што во 2020 година влезе со автомобил на плоштадот беше казнет со 45 евра | Фото: принтскрин

Виралниот тренд со опасно однесување во сообраќајот заради снимање и објавување на социјалните мрежи веќе ги натера полициските служби низ целиот свет да го сменат пристапот и да ги казнуваат корисниците само врз основа на видеата што самите ги постирале, без да мора да ги фатат лично како прават прекршок. Такви примери има од САД до Обединетите Арапски Емирати.

Во Македонија имаше пример во 2020 година, кога возач беше казнет врз основа на видеоснимка со 45 евра, затоа што со луксузен автомобил влезе на плоштадот Македонија во Скопје, кој беше предновогодишно украсен и полн со луѓе. Не се снимаше сам, туку минувачи објавија видеа од него на социјалните мрежи, кои подоцна беа искористени од полицијата да го идентификува и да му испрати казна за сообраќаен прекршок, дека возел на место што не е дозволено за автомобили.

Тоа значи дека законска основа за казнување има, но случаите се ретки. Од Обвинителството, за БИРН, објаснија дека од средината на март годинава почнаа да важат законските измени со кои безобѕирното управување со моторно возило се смета за кривично дело, што значи дека возачи што управуваат автомобили со поголеми концентрации на алкохол или дроги, возат во забранет правец, претекнуваат на непрегледни места или развиваат брзини од 50 километри на час над дозволените во населени места или 70 километри на час надвор од нив, ќе се гонат кривично, а не прекршочно.

Тоа ќе важи дури и ако тие не предизвикале сообраќајна несреќа. Доволно е што директно ја загрозиле безбедноста и ги довеле во опасност животите на другите учесници или имотите.

„Во докажување на кривичните дела, Јавното обвинителство ги користи и ќе продолжи да ги користи сите докази што му се на располагање“, рекоа од Обвинителството, одговарајќи на прашањето дали видеа објавени на социјалните мрежи од несовесно возење може да се искористат за постапки против тие што ги снимиле.

Полициски сајтови за пријавување видеа

Несовесни возачи се снимаат и во урбани средини | Фото: БИРН

Полициските служби во некои земји поминуваат од реактивно во проактивно дејствување, кога се во прашање објавите на социјалните мрежи, односно, наместо да чекаат некое видео од несовесно однесување во сообраќајот да стане вирално, па да го прегледаат и да го казнат сторителот, самите бараат такви содржини. Велшката полиција има и посебна страница, каде што секој корисник на социјалните платформи може да сподели видео што случајно го нашол.

Од Министерството за внатрешни работи не добивме одговор како тие постапуваат со социјалните мрежи, односно дали активно ги бараат или реагираат само по пријава.

Институциите, објаснува Џигал, покрај експедитивноста и ефикасноста во реагирањето на вакви случаи, треба да преземаат редица проактивни мерки за да се спречат овие опасни појави и трендови. Најдобар приод, според него, е преку едукативни кампањи да се подигне свеста и разбирањето за опасноста на овие појави, како и да се поттикне пријавувањето на ваквите случаи од страна на корисниците.

„Треба да бидат подобро вклучени и во следењето вакви и слични содржини за навремено да реагираат и да ги санкционираат соодветно. Исто така, препорачливо е преку образовниот систем и од страна на медиумскиот регулатор, ваквите штетни употреби на социјалните мрежи да се вклучат во едукативните содржини за да се влијае што е можно поефикасно врз младите и да се спречат овие сѐ поопасни трендови“, вели Џигал.

Некои полициски служби низ светот сметаат дека одговорот на популаризирањето на несовесното возење преку социјалните мрежи треба да биде вклучување на полицијата на истите платформи со популаризација на безбедноста во сообраќајот. Сол Јегер, полициски поручник од Калифорнија, препорачува одредени полицајци да станат видеоблогери што ќе зборуваат за конкретни опасности во сообраќајот, директно ќе комуницираат со граѓаните, ќе излегуваат на терен, односно на некој начин да го прават она што го прават и инфлуенсерите, но да се задржат во професионалните рамки.

„Бидете духовити, но останете професионални. Ако нешто не може да се каже на ручек со децата, тогаш не треба да се каже ни во видеото. Комуникацијата мора да биде двонасочна. Одговарајте на прашањата и на коментарите како што доаѓаат. Нема да биде од корист ако само вие зборувате“, пишува Јегер во својот блог објавен на страницата на Меѓународната асоцијација на полициски началници, најголемата професионална полициска организација во светот.