Извештај

Се чека цена за бесплатниот јавен превоз во Скопје

Градоначалничката е убедена дека ќе го воведе, а трошокот допрва ќе го пресмета

Има уште само едно празно место на ѕидот со портрети од поранешните градоначалници во салата за состаноци во бараките на Град Скопје. Дали тоа ќе биде пополнето само за четири или можеби за повеќе години со сликата на новата градоначалничка Данела Арсовска, во добар дел ќе зависи од јавниот превоз. Тоа е големата тема што Арсовска ја донесе со себе на функцијата – бесплатен јавен превоз со нови еколошки автобуси и без „бас рапид транзит“ (БРТ) системот што го почна нејзиниот претходник Петре Шилегов.

„Луѓето гласаа помеѓу два концепта, едниот беше за БРТ, другиот беше мојот. Победи мојот, и БРТ нема да има“, рече таа.

На третиот ден откако дојде на новото работно место, Арсовска ја имаше својата прва средба со новинарите. Дојде сама, без никаква придружба, само со еден голем брендиран тефтер, и седна пред двете паноа со грбот на градот. Се најде наспроти триесетина новинари, од кои повеќемина ја следат работата на локалната самоуправа уште од времето на Ристо Пенов во 1990-тите. Имаа многу прашања, таа имаше малку одговори, и една молба.

„Ве молам за малку човечност и разбирање, бидејќи дадов ветувања што треба да ги реализирам во првите 82 дена, па прво ќе се фокусирам на тоа, а со другите теми ќе продолжиме потоа“, побара Арсовска.

На третиот ден од мандатот, градоначалничката го имаше првото соочување со новинарите | Фото: БИРН

Зазеде дефанзивен став уште од почетокот. На повеќето прашања во врска со чистењето депонии, огласот за нова градска куќа откако претходната се продаде на ЕВН, почнатите проекти, изработката на новиот Генерален урбанистички план и за други почнати и тековни постапки, одговараше дека ѝ е само трет ден на работа, сè уште не ги разгледала сите документи и не може да одговори.

„Ако постапките не се надвор од законот и ако не се спротивни на интересот на скопјани, секако дека ќе продолжат“, одговори градоначалничката.

Во врска со поголемите ветувања, како справување со загадувањето, управување со отпадот и други, најави дека ќе ги решава со експерти.

„Има луѓе што подобро ги познаваат тие теми од нас овде, и ќе се консултираме со нив“, додаде Арсовска, посочувајќи ја нејзината противкандидатка од „Зелен хуман град“, Ана Петровска, како еден од експертите што треба да помогнат.

По неколку други теми, разговорот повторно се врати на главната – градскиот превоз. Откако цврсто најави дека нема да има БРТ, рече дека ќе има состаноци со претставниците на Европската банка за обнова и развој за да ги разгледа опциите како да се продолжи понатаму, по можност без да се раскине договорот за кредитот од 70 милиони евра.

За БРТ системот е веќе распишан тендер и неговата изградба треба да се финансира со тие пари. Не кажа директно дали сака со тие пари да го покрие финансирањето на нејзиното ветување за 250 нови автобуси, само рече дека ќе треба да се почека прво да помине состанокот.

Проектот за БРТ повлекуваше многу други промени, како на пример затворање на дел од улиците во центарот и нивно претворање во пешачки зони, реорганизација на другите линии итн. Сето тоа сега се става на чекање.

Ќе почека и реализацијата на клучното ветување за бесплатен јавен превоз за сите. Оваа идеја беше остро критикувана и од Шилегов како противник на Арсовска, и од дел од експертската јавност, со тврдења дека тоа би чинело над 30, 50, па дури и до 100 милиони евра, пари што градот не може да си дозволи да ги покрие со буџет од околу 80 милиони годишно. Арсовска нема одговор за тоа колку изнесува нејзината проценка на трошоците. Допрва ќе се прави.

„Јавното сообраќајно претпријатие е загубар. Градот веќе плаќа по 12 милиони евра годишно за бесплатниот превоз на повеќе категории, како студенти, пензионери и други. Прво ќе треба да го доведеме ЈСП во ред, да ги прегледаме таму набавките. Има набавки што се вршеле по цени шестпати над пазарната. Кога сето тоа ќе се реши, можеби нема да бидат толкави трошоците колку што се денес“, додаде таа.

И покрај непрецизните одговори, цврсто остана на ставот дека дефинитивно ќе го реализира ветувањето за бесплатен јавен превоз до крајот на мандатот, и тоа со нови автобуси, со подолги линии и со зголемена фреквенција, за да не се чека на станиците по половина час. На инсистирањата да каже некаква проценка за трошоците, рече:

„Прашајте ги тие што процениле дека ќе чини 100 милиони да ви ги образложат пресметките“.

Портретот на Шилегов веќе стои на ѕидот на поранешните градоначалници | Фото: БИРН

Тука за момент се затвори главната тема и разговорот продолжи за првата одлука што ја донесе Арсовска како градоначалничка, да го раскине договорот за новогодишно украсување на градот за 250 илјади евра. Можно е да има рестрикции на струја, па зошто да се плаќаат светилки за Нова година, нагласи градоначалничката.

Се продолжи со галиите во Вардар. За едната веќе има извршно решение да се урне, а за другите две, градоначалничката прво ќе види до каде е постапката, па потоа ќе одлучи што ќе прави. Не би ги урнала ако не мора. „Не би урнала ништо“, нагласи.

Големата тема кога Петре Шилегов ја презеде функцијата во 2017 година, заедно со уште 10 општински градоначалници од неговата владејачка коалиција (единствен мандат во кој градот бил целосно еднопартиски), беше сè уште свежиот проект „Скопје 2014“.

 Големите најави и од него, и од централната власт, и од првите луѓе на општините за справување со наследството од овој проект заврши со отстранување на споменикот на Ќосето од пред Судската палата и со запирање на неколку градби во центарот на градот. Новата градоначалничка на оваа тема има поинаков пристап.

„Скопје 2014 веќе стана историја и научивме да живееме со него“, рече таа.