Има најмалку три причини што го отежнуваат очекуваното ревидирање на деталните урбанистички планови за да запре масовното градење во Скопје. Првата се законските одредби според кои стекнатото градежно право не може да се укине, туку само да се надгради. Втората е притисокот за градење од инвеститорите, и како градежни фирми, но и како граѓани и сопственици на имоти. И третата е зависноста на општините од парите што ги добиваат за комуналии.
Сепак тоа не ги спречи дел од новите скопски градоначалници пред локалните избори да ветуваат дека ќе ги ревидираат ДУП-овите за да го запрат урбанистичиот хаос. Откако низ главниот град продолжија да „никнуваат“ згради и по изборите, локалните власти се соочуваат со сѐ погласни критики дека не промениле ништо и дека стануваат исти како и нивните претходници.
Во 2013 година, Андреј Жерновски беше единствениот градоначалник што мораше да се правда дека му биле „врзани рацете“ и дека не може да го спречи ширењето на проектот „Скопје 2014“, иако во кампањата го напаѓаше тој проект. Сега има повеќемина градоначалници во таква положба. Саша Богдановиќ, Стефан Богоев, Филип Темелковски, Златко Марин, сите тие во кампањата ветуваа ревизија на деталните урбанистички планови, со цел да се запре градежната експанзија во урбаните јадра, а дел од градбите да се намалат или да се избришат.
„Ги ревидираме плановите, но тоа не значи дека можеме да ги смениме. Само можеме да испитаме дали се направени законски и ако некаде има прекршувања, да интервенираме“, вели за БИРН градоначалникот на Аеродром, Златко Марин.
Правило од 2015: „Нема враќање назад“
„Јажето“ што им ги врзува рацете на локалните власти и ги спречува да си ги исполнат ветувањата за борба против градежната експанзија е Правилникот за стандарди и нормативи во урбанистичкото планирање, донесен во 2015 година од тогашниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Една од неговите одредби е дека кога со еден урбанистички план ќе се одредадт димензиите на една градба или градежна маркичка, со наредните планови тие не можат да се намалуваат, туку само да останат исти или да се зголемуваат.
Владата подготвува поголеми измени во законите што го уредуваат градењето, но не се знае кога ќе бидат готови. Од општината Карпош очекуваат да се смени и ова правило и потоа да можат да интервенираат во постојните ДУП-ови.
Засега нема план да се укине правилото според кое димензиите на една градба предвидени со ДУП не смеат да се намалуваат, туку само да се задржат или да се зголемуваат
„Во меѓувреме чекаме одговор од Уставниот суд во врска со четири урбанистички планови. Поднесени се иницијативи од граѓаните и тоа ќе ни даде малку време. Откако ќе се смени ова правило, сериозно сме решени да пристапиме кон хуманизација на просторот за живеење, а тоа ќе значи и намалување на површините за градба и на висините“, вели Владимир Кироски, советник за урбанизам на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
И градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, има слични амбиции. Општината прогласи мораториум за градење за да ги преиспита ДУП-овите. Богдановиќ во интервју за БИРН најави дека ќе ги испитаат и градежните дозволи што сѐ уште не се реализирале, за да се спречи понатамошна узурпација на јавниот простор. Ревизија на плановите донесени последниве пет години се врши и во Кисела Вода. Засега од никаде нема информации какви измени се планираат за да се спречи задушувањето на градот во бетон, како што беше ветено пред изборите.
Сепак, се проверува само дали постапките за донесување на плановите биле правилни и дали биле поминати сите законски утврдени чекори. Кога станува збор за нивната содржина, односно за бројот на зградите и нивните димензии, тука важи правилникот според кој за сѐ што е вцртано досега нема враќање назад. Општинарите од Аеродром се скептични дека би можеле законски да се бришат градежни маркички дури и да се укинат овие одредби во правилникот, бидејќи, како што велат, правата се загарантирани и со Уставот, а евентуалните нови одредби не би важеле ретроактивно. Од Министерството за транспорт и врски ни изјавија дека не се планира брза промена на овие правила.
Јавен интерес ако приватниот не е засегнат
Според Кироски, кој е архитект по образование, Карпош изминатите години бил жртва на т.н. таргетирана планска урбанизација. Планска, бидејќи градежната експанзија била соодветно регулирана со детални урбанистички планови, но таргетирана, бидејќи целта на тие планови биле потесни бизнис интереси спротивни на заедничкиот интерес на граѓаните.
Но, потесните интереси не се поврзуваат само со поголемите градежни фирми од кои секоја направи десетици нови згради во Скопје изминативе години. Тука се земаат и барањата на локалните жители, особено во населбите што доживуваат големи трансформации, каква што е Тафталиџе во Карпош, Маџир маало во Центар и Стар Аеродром во општината Аеродром.
„Граѓаните различно се однесуваат кога некој ДУП ги засега лично или не. Во едниот случај можат да се бунат против прекумерната изградба, а во другиот да бараат поголеми димензии за да можат да заработат повеќе од својот имот“, вели Кироски.
Градежни маркички има и на државно земјиште што сега е зеленило или некој друг јавен простор, како на пример паркот пред Олимписки базен, каде што е предвидена изградба на хотел, или делови од Карпош покрај булеварот Илинден. Кироски смета дека дури и во таквите случаи им се ограничени можностите да интервенираат, бидејќи е можно земјиштето да е во постапка за денационализација, или, пак, едно мало парче од маркичката да биде во приватна сопственост, и тука веќе има приватен интерес и права што не можат да се нарушат.
На општините им одговара да се гради
Сепак, и да се сменат законите, и општините цврсто да решат дека нема да подлегнат под притисоците на инвеститорите, ќе им остане третиот проблем. Ако ништо не се гради, ќе немаат пари. Над 50 отсто од вкупниот буџет на општината Карпош за оваа година е планирано да се собере од надоместоците за уредување на градежното земјиште, давачката што популарно е наречена комуналии.
„Мора да се најдат различни начини на финансирање за општините, бидејќи сегашниот ја поттикнува постојаната градба, што е неодржливо, бидејќи просторот е ограничен ресурс“, вели Кироски.
Аеродром е исто така општина зависна од градењето. Ако се земе само општинскиот основен буџет, без блок-дотациите што државата ги префрла за образованието, тогаш две третини од него треба да се наполнат од комуналиите. Планираните средства од комуналии на годишно ниво изнесуваат речиси 400 милиони денари, а во првите три месеци од годинава се собрани над 77 милиони.
Со сегашната зависност од парите за комуналии, општините не можат да го дестимулираат градењето, бидејќи би останале без пари
„Годинава набавуваме дрвја за осум милиони денари, израснати дрвја од три-четири метри, за да ги засадиме во општината. Следната година планираме да ја удвоиме таа сума. Како ќе ги платиме ако никој не изгради нешто и не уплати комуналии? Јас знам дека просторот е ограничен и дека еден ден може да се потроши. Можеби не во овој мандат, но за петнаесетина години. Затоа државата треба да размисли како ќе се финансираат општините во иднина, без разлика што тогаш тие би имале помали трошоци“, објаснува Марин.
Тој планира да продолжи да ја развива општината како место за домување, но нови ДУП-ови најавува за деловите што сега не се урбанизирани и за нив вели дека ќе бидат направени по повисоки стандарди, со повеќе простор меѓу објектите и зеленило.
Во својата програма Владата предвидува висок степен на децентрализација и политика на зголемување на капацитетите на општините, со пренесување на нови надлежности и на многу повеќе пари за нив. Засега овие заложби се општи и не се гледа крајот на зависноста на општините од постојаната градба.