Регион

Се очекува потпишување на договорот за формирање на РЕКОМ

Од панел дискусијата на Форумот за транзициска правда во Сараево | Фото: БИРН/Свен Милекиќ

Коалицијата, која води кампања за формирање на регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства во поранешна Југославија (РЕКОМ), најави дека очекува, поранешните југословенски републики, да потпишат договор, со кој оваа иницијатива ќе биде поддржана.

Коалицијата за РЕКОМ, во понеделникот соопшти дека пет држави од Западен Балкан, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, најверојатно во јули, во Лондон, ќе потпишат договор за формирање на РЕКОМ.

Целта на оваа регионална комисија е утврдување на фактите за воените злосторства и другите тешки повреди на човековите права, извршени во поранешна Југославија, од 1991 до 2001 година.

Ана Марјановиќ Рудан, од РЕКОМ, на Форумот за транзициска правда, што се одржува во Сараево, рече дека формирањето на оваа комисија е важно, бидејќи „утврдувањето на фактите е предуслов за спречување на манипулацијата” со војните во деведесеттите години, за политички цели.

Се очекува договорот да биде потпишан на самитот на Берлинскиот процес, германска дипломатска иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан, во процесот на пристапување во ЕУ.

„Идејата е на следниот состанок во Лондон, во јули, државите потписнички да се обврзат дека ќе формираат регионална коалиција за утврдување на фактите”, рече Марјановиќ Рудан.

Како што истакна, претседателите на Косово, Македонија, Црна Гора и на Србија „веќе именувале свои лични претставници за подготовка на овој договор помеѓу државите”, потег кој ќе придонесе за остварување на целта на Коалицијата, иницијативата, од нивото на граѓанското општество, да се крене на институционално, државно ниво.

Што се однесува до БиХ, досега само бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, назначил свој претставник. Хрватскиот и српскиот член на Претседателството, сѐ уште не го сториле тоа. Не е јасно ниту дали Хрватска и Словенија ќе ѝ се приклучат на Иницијативата РЕКОМ.

Иако Берлинскиот процес главно се фокусира на економската соработка, тој се осврнува и на политичките прашања, но и на оние кои произлегуваат од конфликтот во поранешна Југославија.

На последниот самит на Берлинскиот процес во Трст, во јули 2017 година, РЕКОМ беше експлицитно спомнат како важен механизам за регионално помирување.

За време на панел дискусијата на Форумот за транзициска правда, Дејвид Хадсон, виш експерт во Генералниот директорат на Европската комисија за соседска политика и преговори за проширување, истакна дека помирувањето е „индекс на политичката зрелост”.

„Можеме ли да бидеме сигурни дека ќе се согласуваме меѓусебно? Дали сте возрасни, дали се однесувате како возрасни?“, рече Хадсон, упатувајќи им го ова свое прашање на политичките лидери во регионот.

Тој додаде дека Европската комисија нема да бара помирување на лично, туку на политичко и институционално ниво.

РЕКОМ треба да изготви список на сите загинати, исчезнати, затворени и мачени лица, во сите конфликти во поранешна Југославија.

Првата кампањата за собирање на потписи за поддршка на РЕКОМ, беше реализирана во 2011 година, во сите поголеми градови на поранешна Југославија, но и по електронски пат.

Иницијативата за РЕКОМ има намера да собере еден милион потписи за поддршка, а досега има добиено околу 600.000.

ЗАБЕЛЕШКА: Свој придонес има и новинарот на БИРН, Свен Милекиќ, со својот текст „РЕКОМ, како услов за ефикасна соработка на младите луѓе што води кон помирување”, објавен во публикацијата на Коалицијата за РЕКОМ, „Помирување низ Берлинскиот процес: Улогата на РЕКОМ”.