Регион

Сеќавања на фашистичкиот логор на Раб

Идиличен хрватски остров, не може да ја избрише мрачната историја од Втората светска војна

Херман Јанеж бил дете кога во 1942 година, италијанските фашистички трупи го запалиле неговото село, Стари Кот, во Словенија, и ги однеле него и неговото семејство во Кампор, италијански концентрационен логор, на хрватскиот остров Раб.

„Јас на 16 јули 1942 година наполнив седум години и на есен требаше да тргнам во прво одделение, тогаш тоа се нарекуваше државно училиште. Со моите врсници, мислам дека бевме седум, наместо во државно училиште, отидовме на Раб“, раскажува Херман за БИРН.

Тој и неговото семејство поминале четири месеци во логорот на Раб, а потоа беа префрлени во логорот Гонарс, во североисточна Италија, каде поминале десет месеци.

Јанеж денес има 85 години и живее во Словенија. Тој целиот свој живот ја истражувал историјата на Кампор. По Втората светска војна, тој често се враќал на Раб, истражувал наоколу и барал документи. Тој вели дека бил на Раб 70 пати.

„Прв пат отпатував на Раб во 1953 година, во деветтиот месец. Човек мора да биде дораснат, и физички, и психички, за да го разбере сето тоа“, ни вели тој.

Денес, Раб е популарен туристички остров и граѓаните на Хрватска, Словенија и на Италија, малку знаат за поранешниот концентрационен логор, што се наоѓал таму. Но, историчарите се обидуваат да го зачуваат сеќавањето на она што се случувало на ова место.

Италијанска организација „Топографија за историја“, која ги истражува местата на притвор во Втората светска војна, што ги воделе италијанските фашисти, неодамна започна кампања за собирање средства за понатамошни истражувања на историјата на Кампор.

Ова вклучува истражување на италијанските, словенечките и хрватските архиви, креирање на веб-страница посветена на историјата на логорот, како и база на податоци со имиња на сите логорски затвореници.

„Како може човекот да стане sвер?“

Поглед на концентрациониот логор Кампор, на островот Раб, со шатори за затворениците. Фото: Викимедија комонс/непознат фотограф.

Кампор е формиран во Втората светска војна, откако Италија анексира дел од територијата на Словенија, области од јадранскиот брег и острови кои денес се дел од хрватската и црногорската територија. Тој бил еден од најстрогите италијански концентрациони логори

Се проценува дека во овој логор биле затворени помеѓу 10.000 и 15.000 луѓе – Словенци, Хрвати и Евреи.

Херман се сеќава дека во овој логор искусил и глад, и жед, како момче. „Ако добиете една чаша ориз, тоа беше ужасно голема работа … Немаше вода, (но) треба да се знае дека островот Раб во тоа време имаше 376 бунари (со природна вода)“, нагласува тој.

„Се прашувам како човек може да стане ѕвер, животно, да има таков однос кон човек, кон деца“, истакнува тој.

Пред да се изградат бараките во логорот, затворениците спиеле во шатори.

„Беше страшно кога врнеше, дожд паѓаше во шаторот“, раскажува Херман.

На крајот, во блискиот хотел, била поставена импровизирана болница, но дотогаш затвореничките морале да пораѓаат во шатори, во лоши хигиенски услови и без доволно вода.

Херман, со помош на поранешна медицинска сестра, која работела во логорот, открил дека во Кампор се родиле околу 55 деца, од кои само осум или девет преживеале.

Логорот бил поделен на таканаречен „машки логор“ и „женскиот логор“, во кој биле затворени жени, деца и стари лица. Во пролетта 1943 година, кога првите групи Евреи почнале да пристигнуваат во логорот, бил изграден и „еврејски логор“.

Во Кампор, Херман бил одвоен од татко му, кој се наоѓал во машкиот логор, додека Херман бил со децата. И неговиот татко и дедо му починале во логорот. Неговата мајка, вели тој, „за среќа“ починала една година претходно.

„За мене, сè за што вредеше да се живее, остана на Раб“, вели Херман.

Тој многупати ги посетил гробиштата на кои се закопани затворениците кои починаа во логорот, но никогаш не го нашол местото каде што се погребани неговиот татко и дедо.

„Пред да ги напуштам гробиштата, секогаш се вртев назад … ќе речев: ‘Тука сте, а јас не знам каде сте’“, вели тој.

„Логорот е италијанска приказна“

Спомен-плоча на жртвите од логорот Кампор, поставена во 1998 година, на која текстот е напишан на словенечки, италијански и на хрватски јазик. Фото: Кабинет на претседателот на Хрватска/Дражен Волариќ.

Италијанскиот историчар, Ерик Гобети, за БИРН нагласува дека „генерално, фашистичките злосторства не се познати во Италија“, како што не е позната ниту историјата на Кампор.

„Италијанците во својата глава имаат визија за ‘добар Италијанец’“, вели Гобети, појаснувајќи дека е раширено мислењето дека за време на Втората светска војна, Италијанците, предводени од фашистичкиот диктатор, Бенито Мусолини, не биле толку брутални, како нивните германски сојузници.

Гобети додава дека луѓето во Италија поимот концентрационен логор го поврзуваат со нацистичка Германија, но не и со фашистичка Италија.

„Кога зборуваме за фашистичките логори и логорот на Раб, луѓето се изненадени, не само студентите, туку и возрасните“, нагласува тој.

Затоа Гобети му се приклучил на проектот „Логорот на Раб: италијанска приказна“, на организацијата „Топографија за историја“, со цел да поддржи повеќе истражувања и да создаде јавни ресурси за логорот.

Учесниците во овој проект планираат да реализираат комеморативно патување на Раб следната година, во пресрет на 80-годишнината од отворањето на логорот.

Гобети објаснува дека документите во врска со логорот се чуваат на разни места – некои се наоѓаат во воените архиви во Рим, а други во словенечката или хрватската државна архива.

„Точниот број на луѓе кои починале во логорот и вкупниот број на оние кои влегле во него, не се познати, и затоа го започнуваме овој проект“, објаснува тој, додавајќи дека е особено тешко да се дојде до документи во Италија, бидејќи властите „не сакаат истраги за тоа“.

Според него, проценките велат дека околу 1.400 луѓе починале во Кампор, главно од глад или поради болести.

„Постојат бројни документи кои сугерираат дека италијанските генерали знаеле за условите во кои живееле луѓето, но не сториле ништо во врска со тоа“, вели тој.

Гобети наведува дека 100.000 „Југословени“ биле интернирани во фашистичките логори. Места како Кампор биле отворени и во Италија, Албанија и на други локации во Хрватска.

Италијанскиот фашистички водач, Бенито Мусолини, на власт дојде во 1922 година, но и предходно, во Италија, постоела антисловенска пропаганда. Во 1920 година, за време на неговиот говор во Пула, Мусолини изјавил дека словенската раса е „инфериорна и варварска“.

Фашистичките логори поставени во близина на Јадранот, требало да ги прекинат контактите меѓу словенечкото и хрватското население и локалните партизани, предводени од Јосип Броз Тито.

Првично, во логорот биле носени цивили, за да се спречи тие да им помагаат на партизаните, а подоцна, во 1943 година, околу 3.000 Евреи биле уапсени и интернирани на ова место, нагласува Гобети.

По капитулацијата на Италија, стражарите во логорот и италијанските војници го напуштиле островот Раб. Затворениците во Кампор биле ослободени во септември 1943 година, со здружени сили на локалните партизани и партизанските затвореници.

Логорот некое време бил слободна територија, но потоа го презеле Германците. Евреите кои останале во логорот, затоа што биле премногу слаби за да заминат или да им се приклучат на партизаните, Германците ги префрлиле во концентрациониот логор Аушвиц.

Туризмот во сенка на историјата

Претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Зоран Милановиќ, на прославата на 77-годишнината од ослободувањето на логорот Кампор. Фото: Кабинет на претседателот на Хрватска/Дражен Волариќ

Покрај окупацијата на Кралството Југославија и анексијата на делови од Словенија и некои области на јадранскиот брег, силите на Оската, вклучувајќи ја и Италија, во 1941 година ја основале Независната Држава Хрватска (НДХ), со помош на нивниот хрватски соработник – усташкото движење.

Главниот усташки концентрационен логор, Јасеновац, во кој животот го загубиле над 83.000 Срби, Роми, Евреи и антифашисти, ѝ е добро познат на хрватската јавност, но не и логорот Кампор на островот Раб.

Иво Бариќ, пензиониран професор по педагогија и познат антифашистички активист од Раб, кој посветил добар дел од животот на истражување на логорот, вели дека иако овој остров е позната летна туристичка дестинација, неговата мрачна историја не е заборавена.

„Интересно е што децата на Раб никогаш не слушнале за тој логор, ниту пак нивните родители некогаш им кажале нешто за него“, вели Бариќ за БИРН, кој, на местото на поранешниот логор, донел околу 300 групи ученици, студенти и туристи.

Секоја година во септември, на годишнината од ослободувањето на затворениците, на островот се одржува комеморација. Во септември 2020 година, словенечкиот претседател, Борут Пахор, и неговиот хрватски колега, Зоран Милановиќ, заедно присуствуваа на одбележувањето на годишнината. Тоа беше прв пат, официјални лица од двете соседни земји, да присуствуваат заедно на комеморацијата.

„Секогаш, на денот на ослободувањето на логорот, тука доаѓаат многу Словенци, а помалку Хрвати – интересно е што Хрватите немаат голем интерес за логорот“, истакнува Бариќ.

И неговото семејство страдало за време на Втората светска војна. Имено, неговата семејна куќа на островот Иж, била запалена од нацистите во 1944 година, а потоа неговото семејство побегнало во бегалски камп во ослободениот дел на Италија.

Првпат го посетил логорот на Раб, по завршувањето на студиите, и таа посета имала значајно влијание врз неговиот живот.

„Оттогаш, јас сум приврзан за тој дел од историјата … Сакам што повеќе луѓе да знаат за него“, нагласува Бариќ.