Извештај

Сексуалната ориентација и родовиот идентитет се бришат од законот за основно образование

Во предлог-законот „родовата еднаквост“ се заменува со „еднакви можности“

Во последната верзија на Законот за основно образование која веќе е стигната во Владата се избришани зборовите „род, сексуална ориентација и родов идентитет“ како основи за дискриминација. 

Ова беше соопштено денеска на брифинг за новинари на организацијата „Коалиција Маргини“. Од таму, алармираа дека со измените се обесхрабруваат жртвите на ваков вид дискриминација да пријавуваат. 

Тие нагласуваат дека со овие категории Законот за основно образование беше усогласен со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тој, пак, во себе ги инкорпорираше Директивите на ЕУ за оваа тематика.

Во септември Министерството за образование и наука отвори јавна дебата за предложените измени на Законот за основно образование. Дел од промените се однесуваа на вклучувањето на децата со атипичен развој, забрана на физичкото разделување на децата Роми, но и отстранувањето на сексуалното образование за основците. 

Анти-родовите групи, кои лани силно се противеа на предлог-законите за родовата еднаквост и матична евиденција, активно го следеа процесот на овие измени и ги повикуваа нивните поддржувачи да праќаат коментари до МОН со барање да се отстранат термините род, родов идентитет и родова еднаквост. 

Доколку Владата го усвои овој предлог-закон, тој потоа би бил пратен во Собранието со ревидираниот текст кој јавноста немала можност да го коментира.  

Ваквите постапки им даваат сигнал на агресорите, од коишто жените, девојчињата и ЛГБТИ+ учениците трпат постојано насилство, дека нивните постапки се само продолжеток на тоа како институциите ги третираат овие групи, нормализирајќи го нивното насилство“, реагираа од Платформата за родова еднаквост на први ноември. 

Правничката Маја Атанасова од „Македонското здружение на млади правници“ вели дека ваквите измени ги смета за уназадување бидејќи категориите кои се отстрануваат се дел актуелниот закон за основно образование кој беше донесен во 2019. 

Според Атанасова во законот само требало да се инкорпорира пресудата од Европскиот суд за човекови права со која се утврдила сегрегација на деца Роми во Штип и Битола и ѝ наложило на државата да го реши овој проблем во образованието. 

„Наместо тоа, од законот за основно образование се отстранети постоечките основи кои гарантираа препознавање и заштита од дискриминација, а отстранети се и сите елементи кои можеа да гарантираат ефективен напредок кон постигнување на еднаквост помеѓу мажите и жените, односно момчињата и девојчињата“, изјави таа за БИРН. 

Весна Јаневска, министерката за образование и наука, во вчерашното интервју за „Радио Слободна Европа“ рече дека е против дискриминација, но смета дека не треба да се оптоварува законот. 

Нашето население смета и тоа е составен дел на една традиција, на една духовна состојба итн., дека децата треба да учат тоа што треба на соодветна возраст. За да немаме револт, за да немаме недоразбирања, малку ги прилагодуваме нашите изрази и зборови за тоа што го нудиме да биде прифатливо за сите“, рече министерката во интервјуто. 

Исто така терминот „родова еднаквост“ се заменува со зборовите „еднакви можности“. 

Терминот „пол“ реферира на биолошките карактеристики, а „родот“ подразбира општествените улоги кои им се доделени мажите/момчињата и жените/девојчињата.

„Да не се отвореа ваквите прашања, на пример, фудбалот засекогаш ќе останеше машки спорт и немаше да имаме клубови за женски фудбал во училиштата. Родова еднаквост го гледа општеството какво што е, ги забележува разликите што постојат и креира мерки како тие разлики да се надминат“, заклучува правничката Атанасова.