Ретко се казнува онлајн родово-базираното насилство, иако постојат закони преку кои може да се гонат насилниците. Како вид на насилство е релативно нов, институциите често не се подготвени да постапуваат во дигиталниот простор.
Ова е еден од заклучоците од денешната промоција на новиот поимник на оваа тема што го финансирал Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.
Поради интернетот, жртвата може да се наоѓа во една држава, а насилникот во друга, додека насилството се случува на платформи менаџирани од меѓународни компании.
Во такви ситуации е нејасно кој е надлежен и кој треба да постапи.
Активистките што беа присутни на настанот сметаат дека проблем е и недостигот од специфични термини, кои прецизно го опишуваат насилството. Немањето на овие термини на мајчин јазик значи дека често овие злоупотреби се непрепознаени од надлежните.
„Вмрежено вознемирување“ (англ. cyber mobbing), „тролање“ (англ. trolling) и „курвоклетството или сексуалното посрамување на интернет“ (англ. slutshaming online) се дел од термините во поимникот.
Повеќе говорнички зборуваа за терминот „bodyright“. Идејата зад овој термин е да наликува на „copyright“ или авторски права. Односно, секоја личност да има право врз своето тело во реалниот и во интернет-светот.
„Последиците за прекршувањето на авторските права, кога е во прашање песна, филм или нешто слично, се често поголеми од повредување на телесниот интегритет онлајн“, објасни Афродита Шаља, раководителка на Канцеларијата на УНФПА во Скопје.
Настанот го отвори Елизабета Георгиевска, сопругата на претседателот Стево Пендаровски, која потенцираше дека дискусијата што се одржа е дел од глобалното движење на УНФПА.
„Моето тело е мое во физичкиот и во дигиталниот свет“, рече Георгиевска.
На настанот се обрати и Џон Кенеди Мосоти, директорот на УНФПА за Македонија, кој ја илустрираше комплексноста на проблемот, објаснувајќи дека е важна одговорноста на големите технолошки компании и легислативните тела.
„Сакам да искажам солидарност со вашата борба“, потенцираше Мосоти.
Освен формални обраќања, неколку говорнички споделија и лични искуства со дигитално сексуално насилство и вознемирување. Рита Бехадини од граѓанската организација Бубамара кажа дека првпат била сексуално вознемирувана на интернет на свои 16 години.
„Лесно е да бидам глас на други жени, но тешко е да зборуваш за своите искуства“, кажа Бехадини.
Беа споделени лични искуства и за време на панел дискусијата, која беше модерирана од Ана Василева.
Панелистки беа Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Марија Ѓошевска-Крстески, началничка од МВР, Афродита Шаља, раководителка на Канцеларијата на УНФПА во Скопје, Ана Мартиноска, феминистка и активистка, професорка на Институтот за македонска литература, и Сара Миленковска, феминистка и истражувачка за родови прашања.
Министерката Тренчевска, која се идентификуваше како феминистка, зборуваше за сексистички говор на омраза на кој е изложена. За да се заштити себеси и своето семејство, таа го исклучила својот инбокс откога станала министерка.
Проф. Мартиноска раскажа за онлајн-заканите што ги добивала кога почнала да пишува колумни за сексуални и родови теми до степен каде што ѝ било страв да го носи синот до градинка.
Началничката Ѓошевска-Крстески објасни дека онлајн сексуално насилство може да се пријави преку апликацијата „Црвено копче“. Сепак, таа нагласи дека тоа тешко се гони кривично бидејќи често долго време се чекаат одговори од меѓународните технолошки компании со кои се комуницира на англиски.
Сите говорнички ја нагласија сериозноста на овој вид насилство, објаснувајќи дека тоа ретко останува само во интернет-просторот.
„Две клучни работи се тоа дека насилството во дигиталниот простор веќе директно влијае врз личноста ментално, емоционално и физички, а второ, насилството што се случува онлајн се прелева во реалниот свет со директно насилство“, рече Миленковска, една од авторките на поимникот.