Регион

Семејства на воени жртви во БиХ, огорчени поради 15-годишната истрага

Иако од убиството на шест лица во Западна Босна поминаа 15 години, истрагата сè уште трае

Неколку обвинители на Судот на БиХ и на Кантоналното обвинителство во Бихаќ, водеа истрага за убиствата на четворица воени затвореници и двајца цивили, кои исчезнаа откако беа заробени во Велика Кладуша, во ноември 1994 година.

Кантоналното обвинителство водеше истрагата за овој предмет седум години, а толку траеше и последователната истрага на Обвинителството на БиХ, за во 2019 година предметот повторно се врати во Обвинителството во Бихаќ.

Ова долгогодишно траење на истрагата, без ниту едно досега поднесено обвинение, за семејствата на жртвите, кои се надеваа дека ќе биде преземена акција, е поразителен факт.

Жртвите биле уапсени од припадници на Народната одбрана на Aвтономната покраина Западна Босна (НО АПЗБ), мала непризнаена територијално-административна единица која постоеше помеѓу 1993 и 1995 година, на чие чело беше бизнисменот и политичар, Фикрет Абдиќ.

Абдиќ во тоа време војуваше против Бошњаците лојални на Владата во Сараево. Тој подоцна беше осуден за воено злосторство и во 2016 година, откако беше ослободен од затвор, беше избран за градоначалник на Велика Кладуша.

Нихада Хорозовиќ е сестра на еден од воените затвореници, наводно убиени од силите на Абдиќ – Елфад Хорозовиќ, поранешен член на воената полиција на 506-тата бригада на петтиот корпус на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ).

Таа вели дека заробениците од групата, во која бил нејзиниот брат, прво биле мачени.

Врз основа на изјавите на сведоците и наодите од обдукцијата, беше утврдено дека мачењето било екстремно и долготрајно.

Хорозовиќ вели дека ова вклучувало „претепување, сечење на делови од телото, поливање со киселина, изгладнување и оставање на жртвите во таква остојба одредено време“.

„Па тие повторно доаѓале и повторно го правеле истото, сѐ со цел да извлечат одредени информации за воената активност и котите на петтиот корпус“, потенцира таа.

Според сведоците, жртвите потоа биле фрлени во поле со пченка во Маљевац.

„За на крајот од тортурата и голготата да бидат убиени од непосредна близина со пиштол, со два куршуми, а тоа го покажа обдукцијата, и оној што ги убил, кој го истрелал последниот куршум во нивното чело, всушност, на крајот им ги скратил маките, што може да се види и на фотографиите (од обдукцијата)“, вели Хорозовиќ.

Семејствата на убиените се огорчени поради, како што велат, неактивноста на обвинителите во овој случај. Тие тврдат дека обвинителот, Назиф Фелиќ, кој првично ја водел истрагата која траела со години, им рекол дека нивниот случај ќе биде приоритет. Но, потоа, од обвинителот кој го наследил случајот, откако Фелиќ заминал во пензија, тие добиле поинаква порака.

„Не им кажав на семејствата на оштетените дека случајот не е приоритет, им реков дека случајот не е во планот за решавање на предметите за 2019 година – тоа е терминолошка разлика, но во суштина сè менува“, вели обвинителот Капиќ.

Две децении од кривичната пријава

Членови на семејствата на жртвите: Сенита Абдиќ-Ќехиќ, Нурфет Салкиќ, Нихада Хорозовиќ и Себина Кулупчиќ-Салкиќ. Фото: БИРН

Во 1998 година, Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон (УСК), во врска со убиството на затворениците, поднело кривична пријава до Обвинителството во Бихаќ. По ексхумацијата на нивните посмртни останки во Хрватска, Кантоналното обвинителство, во 2005 година, дало наредба за спроведување на истрага.

Во 2012 година, случајот бил префрлен во Обвинителството на БиХ, а во 2019 година, повторно вратен во Обвинителството на УСК.

Денес тој е кај обвинителот Капиќ, кој нагласува дека случајот е приоритет, како и сите други предмети на кои работи.

„На првиот повик на семејствата на оштетените, организирав состанок со нив“, вели Капиќ, кој додава дека „ќе преземе истражни дејствија и ќе сослуша сведоци“.

Тој нагласува дека се надева оти ќе разговара и со осомничените.

„Еден осомничен е достапен (се наоѓа во БиХ) и наскоро ќе му биде испратена покана за сослушување, додека двајца се во Соединетите Американски Држави (САД)“, објаснува Капиќ, додавајќи дека до едно од лицата, чија адреса ја знае, веќе испратил покана преку меѓународна правна помош.

„На ист начин ќе постапам и за второто лице, за кое имам сознанија дека се наоѓа во САД, кога ќе ја добијам неговата точна адреса“, вели Капиќ

Во извештајот од 1998 година на МВР на УСК, се наведува дека на 17 и 18 ноември 1994 година, силите на т.н. Народна одбрана на АПЗБ, ги заробиле припадниците на полициската станица Велика Кладуша, Изет Салкиќ, Фикрет Салкиќ и Хусо Чехиќ, припадникот на 506-тата бригада, Илфад Хорозовиќ и цивилите, Дамир Шишиќ и Сенад Прошиќ, кои биле дел од поголема група заробени цивили и полицајци.

„Откако биле заробени, сите биле однесени во регионот Пашин поток (во Хрватска), каде им биле одземени униформите, часовниците, парите и другите вредни предмети“, се вели во пријавата на МВР на УСК, од 12 февруари 1998 година.

Во неа се додава дека тие „потоа биле пренесени во Маљевац (Хрватска), каде биле затворени во гаража, сопственост на С.Е., во која ѕверски биле мачени. Сите заробени, со автобус биле префрлени во Цетинтрад (Хрватска), каде биле одвоени шест лица“.

Според информациите до кои дошла полицијата, лицето со иницијали, Р.С., од НО на АПЗБ, наредило, браќата Салкиќ, Чехиќ, Хорозовиќ, Шишиќ и Прошиќ, да се одвојат од другите.

Потоа тие биле вратени во Маљевац, каде биле убиени. Десет дена подоцна, нивните тела биле вратени во Цетинград и биле погребани.

Од Обвинителството на УСК за БИРН изјавија дека се води истрага против тројца осомничени со иницијалите К.С., К.Ф. и М.Ф., и дека нивните целосни имиња и презимиња не можат да бидат откриени, во интерес на истрагата.

Според документите кои семејствата ни ги покажаа, истрагата против лицето Џ.К. е стопирана, бидејќи тоа починало.

Обвинителот Капиќ информира дека хрватските институции во 2003 година извршиле ексхумација на останките на жртвите. Државното обвинителство на Република Хрватска (ДОРХ) за БИРН соопшти дека нема отворен случај за убиствата на лицата чии останки се ексхумирани во оваа земја.

Нурфет Салкиќ, син на убиениот Фикрет Салкиќ, изрази незадоволство што Обвинителството не постигнало напредок во овој случај.

„Соработувавме со обвинителството, дадовме имиња, докази, изјави, искази, сведоци, но обвинителството не го врши својот дел од работата“, истакнува Салкиќ.

„Дојдоа инспектори од Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) и од Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА), и луѓето велат ‘ние завршивме со нашата работа’, а нам не ни е јасно зошто тоа обвинителството не го завршило“, додава тој.

Себина Кулупчиќ-Салкиќ, ќерка на убиениот Изет Салкиќ, смета дека осомничените имаат поголеми права од семејствата на оштетените.

„Законот е најмалку за нас“, вели таа.