Регион

Шешељ одбива да го напушти Собранието поради пресудата со која беше осуден

Воислав Шешељ. Фото: Теодора Ќириќ/Бета

Филип Рудиќ | БИРН | Белград

Водачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, рече дека нема да поднесе оставка како пратеник и покрај пресудата со која беше осуден за воени злосторства, која што законски го дисквалификува како пратеник во Собранието на Србија.

Воислав Шешељ, кој е осуден на десет години затвор за злосторства против човештвото извршени во Србија, во петок изјави дека во неговиот случај не е применлив законот во кој се наведува дека мандатот на еден пратеник престанува, ако е тој осуден на казна затвор од најмалку шест месеци.

„Оваа одредба важи само за оние кои треба да одат на издржување на казната затвор“, изјави Шешељ за српскиот весник „Блиц“.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, во средата го осуди Шешељ на десет години затвор за поттикнување злосторства со националистички говори, кои за време на војната во 1992 година, ги држел во српската покраина Војводина.

Но, тој нема да ја отслужува казната, бидејќи помина 11 години во притворот во Хаг.

Сепак, српскиот закон ова не го препознава како причина да не му се одземе мандатот на пратеникот.

Членот 88 од Законот за избор на пратеници јасно наведува дека пратеничкиот мандат завршува доколку пратеникот добие безусловна казна од најмалку шест месеци.

Меѓутоа, според Законот и Деловникот за работа на Собранието, пратеникот мора лично да поднесе оставка до Собранието.

Дури по ова, релевантното собраниско тело за административни прашања мора да го потврди престанокот на пратеничкиот мандат.

Пратеничката од опозицијата, Александра Јерков, заменичка во парламентарниот одбор, за БИРН изјави дека различните толкувања на законот презентирани од страна на Шешељ и на неговите поддржувачи, не се валидни.

„Се разбира, ние ќе инсистираме на отпочнување на постапка за ставање крај на мандатот на Шешељ“, рече Јерков.

Уште од моментот на изрекување на пресудата на Шешељ, српски адвокати и невладини организации апелираа до Собранието на Србија да го отстрани Шешељ од Собранието.

Невладината организација, Фонд за хуманитарно право (ФХП), во петок издаде предупредување со кое се противи Шешељ да остане во Собранието.

„Oсобено e парадоксално некој како Шешељ, кој е осуден за кршење на правото на безбедност на цивилите на територијата на Србија, да биде член на одборот за контрола на безбедносните служби“, вели ФХП во соопштението.

Хашкиот трибунал го ослободи Шешељ од обвиненијата за злосторства извршени за време на војната во Хрватска и во Босна и Херцеговина.