Анализи

Што навистина можат да направат чешките политичари за Балканот

Може ли чешкото претседателство со ЕУ да го придвижи пристапувањето на Западен Балкан?

Чешката политика кон Западен Балкан се очекува да биде тестирана следнава година.

Чешка ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ од јули. Претходната влада на Андреј Бабиш веќе ги прогласи Западен Балкан и неговата европска интеграција меѓу врвните надворешнополитички приоритети на агендата на чешкото претседателство со ЕУ.

Така, новата влада што ја презеде власта по изборите во октомври 2021 година ќе се најде во незгодна позиција, од која неизбежно ќе мора да се справи, не само со закочениот процес на проширување во моментов блокиран од спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку и со горливите регионални прашања, вклучително и долготрајната институционална криза во Босна и Херцеговина, ескалацијата на тензиите во Црна Гора и ќор-сокакот во спорот меѓу Косово и Србија.

Сепак, сè уште е нејасно дали новата чешка влада – централно-десничарска коалиција од пет партии предводена од универзитетскиот професор Петр Фијала – ќе биде навистина посветена, па дури и подготвена да се справи со овие задачи, и каква позиција ќе заземе во актуелните преговори за овие сложени регионални прашања.

Западен Балкан како недостижен приоритет

Србија во фокус на чешката дипломатија | Фото: Фликр на Влада на РСМ

Европската интеграција на Западен Балкан е постојан приоритет на чешката надворешна политика во последните деценија и половина откако земјата влезе во ЕУ. Чешката дипломатија ги поддржува европските амбиции на државите од Западен Балкан, и билатерално, и преку мултилатерални канали, вклучително и Вишеградската група (V4).

Меѓутоа, ниту една од владите не постигна значителен ефект во процесот. Чешките креатори на политики, во голема мера, не сакаат да заземат јасни позиции за проблематичните прашања во регионот и регионалните случувања, кои главно остануваат на маргините на нивната агенда. Политичката елита никогаш вистински не го сметаше Западен Балкан за врвен приоритет на надворешната политика, во која доминираа посуштинските прашања поврзани со геополитичката ориентација на земјата во евроатлантскиот простор и нејзините односи со Русија. Во тој контекст, декларираната поддршка на новата чешка влада за интеграцијата на Западен Балкан не носи ништо ново за чешкиот надворешно-политички дискурс.

Поранешната влада водеше активна билатерална политика на Западен Балкан, главно водена од економската дипломатија и Србија ѝ беше во посебен фокус

Новата администрација, во голема мера, ја наследи реторичката посветеност на агендата на Западен Балкан од претходната влада, која го објави „балканскиот приоритет“ за чешкото претседателство во средината на 2021 година. Сепак, домашниот политички контекст во однос на ЕУ оттогаш е суштински променет, бидејќи новата влада ја презема функцијата неоптоварена од скандалите на претходната администрација, и на тој начин може да преговара од подобра позиција.

Бабиш, премиерот милијардер од претходната влада, имаше проблематични односи со европските институции поради неговиот судир на интереси и злоупотреба на ЕУ-фондовите. На ниво на ЕУ, неговата влада често водеше агресивно националистичка политика за чувствителни прашања, како што е миграцијата, и бараше сојузници меѓу другите регионални популистички лидери, вклучувајќи го Виктор Орбан од Унгарија и Јанез Јанша од Словенија.

Министерството за надворешни работи беше контролирано од социјалдемократите за време на претходната влада, помалиот коалициски партнер на популистичкото движење АНО на Бабиш. Поранешниот проевропски министер Томаш Петричек, кој упорно ги балансираше националистичките позиции на Бабиш и на претседателот Милош Земан, беше сменет во 2021 година и беше заменет со Јакуб Кулханек, кој се сметаше за полојален на претседателот Земан.

Интересно е тоа што Кулханек јавно прокламираше дека Чешка треба да организира самит ЕУ-Западен Балкан, како еден од главните исходи на нејзиното претседавање, со многу амбициозна, но тешко остварлива цел: да се одреди датумот за пристапување во ЕУ за Србија, Албанија или за Северна Македонија.

Поранешната влада водеше активна билатерална политика на Западен Балкан, главно водена од економската дипломатија и Србија ѝ беше во посебен фокус. Во текот на 2021 година, зачестија меѓусебните посети на највисоко политичко ниво, кога Бабиш го посети Белград во февруари, а српскиот претседател Вучиќ и претседателот на Народното собрание, Дачиќ, неколку месеци подоцна отидоа во Прага.

Посебниот регионален фокус на Србија ѝ одговараше на просрпската агенда на претседателот Земан, кој ја искористи посетата на Вучиќ за да се извини за чешкото учество во интервенцијата на НАТО во 1999 година, што, иронијата да биде поголема, била одобрена од Земан како тогашен премиер

Посебниот регионален фокус на Србија ѝ одговараше на просрпската агенда на претседателот Земан, кој ја искористи посетата на Вучиќ за да се извини за чешкото учество во интервенцијата на НАТО во 1999 година, што, иронијата да биде поголема, била одобрена од Земан како тогашен премиер. Во меѓувреме, и Кулханек и Бабиш реторички останаа на поддршката на европските амбиции на регионот како целина, притоа признавајќи го застојот во процесот на пристапување.

Официјално, новата чешка коалициска влада ќе ја следи проактивната регионална агенда наведена од претходната администрација. Таа го потврди приоритетот на Западен Балкан за време на претседавањето со ЕУ и, исто така, ја разгледува опцијата да ги покани регионалните водачи на самитот на ЕУ на највисоко ниво во Прага.

Засега, сепак, сè уште не е јасно до кој степен декларираната поддршка навистина ги одразува вистинските намери, амбиции и способности на новата администрација, особено со оглед на недостигот од време за подготовки на Претседателството.
Официјални лица на новата влада ја обвинија владата на Бабиш за недоволно приоритизирање на претседателството, а и креаторите на политиката и експертите сега признаваат дека чешките амбиции се сконцентрирани на организирање формално непречено Претседателство, наместо да се постигне значителен напредок во која било одредена област.

Претходната влада ја позиционираше Чешка како активен играч на Западен Балкан за време на претседателството во 2022 година. Сепак, останува да се види до каде и во која форма новата администрација ќе ја реализира оваа амбиција.

Внатрешен раздор во европската политика

Хеторегената коалиција во Прага можна пречка за политиката на проширување | Фото: Тruth Devour (Pexels)

Дури и ако новото чешко претседателство успее активно да влијае врз врвната политичка дебата на ниво на ЕУ, лесно може да стане жртва на внатрешен јаз, кој произлегува од сложените коалициски аранжмани на новата влада.

Коалицијата на Фијала се состои од претставници на пет идеолошки различни партии, чии ставови за европската политика значително се разликуваат. Премиерот доаѓа од најсилната конзервативна партија ОДС, додека двајца помали коалициски партнери ги контролираат клучните министерства за надворешна политика: либералната Пиратска партија, Министерството за надворешни работи и централно-десничарското движење СТАН, новоформираното Министерство за европски прашања.

Додека Фијала, научник и професор по европска политика, и неговата партија имаат умерено евроскептичен профил, Пиратите и СТАН, заедно со другите двајца помали коалициски партнери, имаат отворено про-ЕУ позиции. Илустрација за идеолошката хетерогеност е фактот што пратениците од овие партии во Европскиот парламент се поврзани со спротивставени политички групи.

Коалицијата на Фијала се состои од претставници на пет идеолошки различни партии, чии ставови за европската политика значително се разликуваат

Европратениците од најсилните, ОДС, припаѓаат на евроскептичната група ЕЦР, во која доминира проблематичната полска владејачка партија Право и правда. Европратениците од трите помали коалициски партии се во конзервативната, но проевропска група ЕПП, додека пратениците на Пиратите се членови на групата Зелени.

Засега е нејасно како ќе се одвива распределбата на овластувањата меѓу трите канцеларии одговорни за европската политика контролирани од различни партии и кој ќе ја поставува и води политичката агенда на Претседателството со ЕУ. Сепак, очигледно е дека секој поамбициозен обид во европската политика, вклучително и агендата на Западен Балкан, прво ќе треба да се дебатира на ниво на владејачката коалиција.

За дополнително да се комплицира процесот на донесување одлуки, претседателот Земан, чија надворешнополитичка агенда во голема мера е во спротивност со програмата на новата влада, може да се обиде да ги искористи своите институционално ограничени, но неофицијално влијателни овластувања за да се спротивстави на прозападниот курс на извршната власт.

Што се однесува до агендата на Западен Балкан, Земан е познат по неговата наметлива просрпска позиција во врска со косовското прашање, што може да го мотивира да интервенира во процесот на креирање политики. Веројатно е дека тој ќе ја турка Србија на Вучиќ и нејзините регионални интереси повисоко на агендата, притоа спуштајќи ги долу на агендата регионалните ривали на Србија.

Ограничен е просторот за маневрирање однадвор

Сегашната фаза на процесот на европеизација низ Западен Балкан веројатно најдобро се опишува како ќор-сокак придружен со меѓусебно разочарување. На балканска страна, локалните политички елити не ги спроведоа бараните политички реформи, ниту ги менаџираа своите внатрешни и меѓусебни конфликти во последните две децении. Од страната на ЕУ, земјите-членки не можеа да најдат заеднички став за идниот тек и брзината на процесот, што доведе до евентуалното пристапување ветено на регионот уште во 2003 година.

Долготрајната стагнација повторно создаде геополитички вакуум во дворот на ЕУ, кој беше исполнет со политика на интереси на други надворешни актери, кои им нудат алтернативни геополитички и економски визии на прагматичните политички лидери од целиот регион. Во контекст на долготрајниот ќор-сокак на проширувањето на ЕУ кон регионот, едвај може да се очекува каков било значаен пробив во процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ, во рамките на шестмесечниот мандат на претседавање со ЕУ.

Поради долгорочната динамика на европската политика, ограничен ќе биде просторот за маневрирање на чешкото претседателство со ЕУ во агендата на Западен Балкан. Сè додека Чешка се смета за слаб играч на ниво на ЕУ, новата влада прво ќе треба да работи на зацврстување на својата преговарачка позиција. Освен тоа, внимателно треба да го следи патот што го одбележа претходното француско претседателство со ЕУ, чии актуелни намери во однос на Западен Балкан засега остануваат нејасни.

Што навистина можат да направат чешките политичари?

Брисел се уште далеку од Западен Балкан | Фото: БИРН

Генерално, чешкото претседателство со ЕУ ќе мора да се справи со агендата на Западен Балкан од тешка позиција ослабена и од домашните и од меѓународните политички граници. Сепак, ограничените способности и можности не треба да ја спречат чешката влада да води проактивна и конструктивна политика кон регионот.

Новата власт, неоптоварена со контроверзии на претходната влада, има шанса да ги убеди европските партнери дека Чешка може да дејствува како одговорен актер во европската политика, вклучително и во областа на надворешната политика. Нејзиното претседавање со ЕУ во 2022 година, не само што ќе биде најдобрата можност за докажување на овој нов курс, туку и тест за кредибилитетот и капацитетите на владата на Фијала.

Чешката влада треба да ја искористи единствената можност што ја дава Претседателството со ЕУ и да се држи до амбицијата да го задржи регионот високо на агендата, без оглед на вистинското влијание врз целокупниот процес на проширување на ЕУ. Уште поважно, чешките политички претставници, заедно со дипломатите и бирократите, треба да бидат подготвени да го предводат посредувањето на потенцијалните непосредни кризи што може да избијат во регионот за време на нивниот шестмесечен мандат во втората половина на 2022 година.

Од европска перспектива, прашање е дали билатералниот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде решен наскоро, како и тоа дали самата ЕУ може да најде внатрешен договор за отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија

Веројатно е дека уставната криза во Босна и Херцеговина дополнително ќе се засили пред или за време на парламентарните избори закажани за октомври, што може да има дестабилизирачки ефекти за поширокиот регион. Спорот меѓу Косово и Србија, кој е во ќор-сокак, сигурно ќе остане латентен извор на регионална нестабилност, а секоја ескалација неизбежно ќе треба да се решава на ниво на ЕУ. Долготрајната домашна политичка криза во Црна Гора е уште едно жешко прашање со широки импликации за регионот.

Од европска перспектива, прашање е дали билатералниот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде решен наскоро, како и тоа дали самата ЕУ може да најде внатрешен договор за отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Доколку не се постигне напредок за време на француското претседателство со ЕУ во тој поглед, тешките преговори може да се одложат за чешкиот мандат.

Горливите регионални прашања, веројатно засилени со други неочекувани случувања, ќе бараат цврст политички одговор на ниво на ЕУ за да се спречи понатамошна дестабилизација на Западен Балкан. Ако сака да ги исполни веќе поставените очекувања за нејзиниот мандат на претседавање со ЕУ, чешкото политичко претставување ќе мора целосно да го искористи ограничениот простор за маневрирање и активно да се вклучи во регионалната политика, притоа менаџирајќи ги нејзините внатрешни поделби.