Сѐ можеше да очекува Бојан Шашевски, тој септемвриски ден, 2020 година, но не горчлив пораз кога ja однесе својата ќерка во Градскиот парк во Скопје. Убавиот ден надвор намами многу семејства, а неговата ќерка се качи на мини-вртелешката, заедно со уште две деца, на околу 6-7 години.
„Почнаа да ѝ зборуваат нешто. Дарија (сѐ уште) не може да им врати, има аутизам. Ја гледаа како се радува на вртелешката, како ја изразува радоста со рацете во вис. Дарија продолжи да се смее и да вика гласно. Така го артикулира задоволството. Убаво ѝ беше, во друштво.
Децата повторно пробуваат да зборуваат со неа, но сега полни со себе:
„Зошто не зборуваш, ма!? Абе, оваа е ретардирана. Хаа, ретардирана е! Ти ма, ретардирана си, а?!“.
Едното почна да ја боцка со рака по рамото. Другото ѝ ја фати главата, а со другата рака петте прсти во вис, нагоре како да врти светилка. Се издра пред сите, покажувајќи кон Дарија: „Оваа е ретардирана!“.
Смеа и викање од околните деца. Молк од родителите“.
Во прво лице, Шашевски опиша како изгледа ксенофобијата во Македонија. Стравот од непознатото, од сѐ што е различно. Удрено врз плеќите на едно мало девојче и нејзиниот татко.
Ксенофобијата има многу лица, во земја со религиозни граѓани, кревки меѓуетнички односи и нефункционална држава. Македонските граѓани за себе веруваат дека се толерантни и отворени, но најголемиот дел од нив тешко ги прифаќаат различните од нив.
Тоа го покажуваат и истражувањата на дел од граѓанските здруженија, ама многумина остануваат шокирани кога ќе ги видат бројките. Како тие во анкетата што лани ја направи Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС, што покажува дека речиси половината од македонските граѓани, на пример, не би сакале да имаат соседи од друга вера, етникум, од спротивната партија, па дури и невенчани двојки.
Интересно е на пример и тоа што, иако најголемиот дел од луѓето тврдат дека немаат негативни чувства кон своите сограѓани со попреченост, половината не би сакале да ги имаат како соседи.
Лето во Тимјаник, 2018 година. Десетици луѓе протестираат сретсело, пред објект што треба да стане мал групен дом за четири деца со попреченост, штитеници на државата. Децата се селат од заводот во Демир Капија, каде што со години живееле во влага и мувла, спиеле без перници, на искинати душеци по кои честопати шетале бездомни мачки.
Властите спроведуваат проект за деинституционализација, тежок збор што, всушност, значи преместување на штитениците од гломазните и нефункционални објекти, во мали домови налик на семејните, каде што за нив би се грижеле стручни лица. Арно ама, селаните од Тимјаник не ги сакаат во своја близина. Стравот расте затоа што малиот дом се прави во непосредна близина на училиштето, па се уверени дека дојденците ќе бидат извор на страв за своите деца.
„Што ќе гледаат тука“, револтиран е еден од селаните. „Тие деца се нездрави, работат сѐ и сешто, се соблекуваат голи, се покажуваат, тие се не дај боже“, уверен е втор, кој тврди дека работел со вакви деца и знае што зборува . „Зошто се урива депандансот во Демир Капија, идеално место е за живот“, прашува трет, загрижен за мирот во селото.
Инаку децата се тешко подвижни. Надвор може да излезат само со придружба, во количка.
На врвот на Европа… по ксенофобија
Македонските граѓани имаат сериозен проблем и со странците, со другите култури, со хомосексуалците. Ова се потврди и во последното Европско општествено истражување, каде што од 25 земји од Европа, меѓу кои и Србија, Црна Гора и Бугарија од регионот, Македонија е најксенофобична.
Ако можат, мнозинството граѓани би им забраниле дури и влез на странците во земјава, посебно на оние од сиромашните земји, или други етникуми. И овој страв доаѓа во многу облици.
Во потрага по мир и спокој, 37 лица, од кои половината деца, лани допатуваа во Македонија и се сместија во мултиетничкото Куманово. Ама црната наметка со која од глава до пети беа покриени жените и девојчињата, и специфичната облека кај мажите и момчињата, не минаа незабележани.
Место добредојде, гостите од малата, многу религиозна, патувачка еврејска група Лев Тахор добија навреди, јајца и предмети фрлени кон куќите во кои престојуваа. Од Куманово, со полициско обезбедување беа донесени во Скопје, каде што им беше ограничено излегувањето, за кога веќе никој не сакаше да ги прими, да најдат прибежиште во оддалеченото охридско село Лакочерeј. Но, и тука не наидоа на разбирање.
„За првпат во мојот живот чувствувам ваков страв. Бараме групата да се исели од селото. Не случајно е избрано ова село, кое е чисто православно со 5 цркви“, велеа жители на Лакочереј.
Името на групата, пребарано на интернет, се поврзува со случаи каде што членови се обвинуваат за малтретирање деца внатре во заедницата, што само го засили стравот на селаните. Инсистираа гостите веднаш да си одат, уверени дека луѓето што едвај успеваат да ги намират своите, ќе ги крадат селските деца.
„Доволно ни е тешко да се грижиме за нашите деца додека патуваме. Зошто би имале и една причина да киднапираме туѓи, кога имаме свои“, објаснуваше една од мајките од „Лев Тахор“.
Групата имаше дозвола за тримесечен престој во Македонија, како и сите туристи. Планот им беше да останат еден месец, пред да отпатуваат кон Албанија.
Училиште само за Роми
Но, ако децата од Лев Тахор беа странци, Ромите од Баир се македонски граѓани. Селото Лакочерај е шеесетина километри оддалечено од урбаната Битола и училиштето „Ѓорѓи Сугарев“, сместено во непосредна близина на населбата Баир, во која живеат главно Роми. Но, наративот на луѓето е сличен.
Ромските деца овде одат на училиште. Ама затоа, пак, остатокот од битолчани не сакаат децата да им учат со Роми, па наместо во „Ѓорги Сугарев“, ги запишуваат во другите училишта. Истовремено, на голем дел од ромските родители ова не им се дозволува. И така, Ромите учат само со Роми.
Одвојувањето станува толку очигледно, што за првпат, во учебната 2021/2022 година, сите 77 запишани првачиња во училиштето се од ромска националност. Нивните родители, во меѓувреме, решаваат да се побунат. Добиваат пресуда во своја корист во Стразбур. Европскиот суд за човекови права бара властите да ја запрат сегрегацијата.
Центар за странци – подалеку од луѓе
Ксенофобијата често се огледува во постапките на властите. Или како што забележува професорката Мирјана Најчевска, борбата против неа „мора да дојде од врвот, не може одоздола“. Но, ваква волја тука не гледа.
„Сѐ додека нашата власт се вози на бранот на популизмот, сѐ додека мисли дека власта може да ја добие единствено на тој начин, ние нема да можеме да мрднеме од оваа мртва точка“, забележува Најчевска.
Три месеци протестираа жителите на Бардовци, откако слушнаа дека во нивна близина ќе се гради прифатен центар за странци. Обединети под паролата „Стоп за мигрантски камп“, тие уверуваа дека не се против странците, туку само се плашат за својата безбедност.
Залудни беа објаснувањата на надлежните дека не се работи за мигрантски камп, туку за прифатилиште во кое ќе се задржуваат странци што немаат или им истекла дозволата да бидат во земјава. Сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа или престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица без документ за идентификација… Објект од затворен карактер, практично затвор, кој треба да се гради поради нехуманите услови во постоечкиот, во скопска Гази Баба.
Со години, народниот правобранител алармираше за нехуманите услови во старите бараки до кои се стигнува по тесни улички и речиси е невозможно да се реновираат. Посебна критика имаше за делот за престој на деца и малолетници.
Но, луѓето од Бардовци беа исплашени и никој не можеше да ги увери дека нема „секакви луѓе да шетаат“ по нивните дворови, ако се направи објектот.
Ксенофобијата победи. Власта се повлече од изградбата, а додека бараше нова локација за објектот, со назнака дека овојпат мора да биде надвор од населено место, ги изгуби европските пари.
И хомофобијата на максимум
Нови можности, отворени луѓе и прифаќање очекуваше младиот Дејан Сламков, кога пред пет години дојде на студии во Скопје, од гевгелиско Стојаково. Во ниту еден момент не можеше да претпостави дека неговиот дијалект ќе биде проблем, дотаму што ќе добие тегнење за уши во скопски бар со порака – „Знаеш дека нема место за вас (провинцијалците) тука во Скопје“.
Сепак, неприфаќањето на „провинцијалците“ за него беше помалиот проблем. Хомофобијата стана поголемиот. Секогаш кога ќе покаже емоции во јавност, дури и тоа да е обично држење за рака, момчето е цел на вербални напади и закани. Само поради тоа што има партнер, а не партнерка. Не му е јасно како им ги загрозува животите на другите, ама затоа му е јасно дека животот во главниот град нема да му ја донесе посакуваната слобода.
„Секогаш си викам дека луѓето треба да видат нешто поразлично и да увидат дека не е страшно, како што е во нивната глава. Дека ако видат геј-двојка, не е крај на светот“, забележува тој.
Сламков за себе вели дека е дури и привилегиран затоа што може јавно да зборува за проблемот и е прифатен од своите родители. Мнозинството македонски граѓани признаваат дека би се срамеле да имаат ваков член во семејството.
Како стигнавме до тука?
Во канцеларијата полна со книги, во старите бараки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, професорката Анета Цекиќ ги разгледува заклучоците од последното Европското општествено истражување. Според него, македонските граѓани се многу ксенофобични, хомофобични, религиозни и подложни на теории на заговор. Веруваат во авторитети, ама немаат доверба во институциите. Живеат во земја со лошо образование и лоши политичари. Како координаторка на истражувањето, побаравме одговор од неа, за тоа како стигнавме дотука, да се плашиме од сите различности.
„Факт е дека луѓето на дневна основа се разочарани и дискриминирани, а потоа можеби тој сентимент го префрлаат на луѓе или на места што воопшто не се виновници за таа ситуација. А од друга страна, пак, ова однесување е поддржано со тоа што политичарите не прават ништо да се промени тоа, а лидери од другите сфери охрабруваат такво мислење“, вели професорката.
Ваквата ситуација, укажува Цекиќ, е лоша за демократијата во една земја, во чија срцевина треба да биде заштитата на сите малцински групи. Како контратежа на тоа, ги наведува фашистичките режими, кои во минатото се бореле за чисти држави. Без геј-луѓе, без атипични деца, без малцинства од каков било вид.
„Можеби е добро да се соочиме со овие тешки прашања“, забележува Цекиќ.
Дарија сѐ уште оди во градскиот парк. Ужива да се врти на вртелешката. Веќе е порасната. Ама не и средината во која живее.
„Ми текна каде живее Дарија. Каде расте. Ми текна и на сите пријатели и познаници што споменуваат „Абе овој е ретардиран“ кога озборуваат некој човек. Децата, за разлика од нив, се искрени. Не прават лице. Само учат“, заклучува нејзиниот татко.