Анализи

Изолиран во Европа, Орбан бара сојузници на Истокот

Нов правец во унгарската надворешна политика или реакција на сè посилното изолирање во ЕУ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан годинава ја скрати прославата на 15 Март, Националниот ден на Унгарија, бидејќи мораше да се подготви за патување на југ, да присуствува на невообичаен самит на Организацијата на туркиски држави (ОТД) во Анкара. Тоа е лабав сојуз на земји со муслиманско мнозинство, во кои се говорат туркиски јазици и се состои од четирите централноазиски држави – Казахстан, Киргистан, Азербејџан и Узбекистан, додека Турција, заедно со Унгарија, Туркменистан и Северен Кипар имаат статус на набљудувачи.

Ова е друштво во кое Унгарија, како членка на ЕУ и на НАТО со нагласени прохристијански политики во последно време, е дефинитивно чудниот член. Сепак, ова е место каде што Орбан сѐ повеќе се чувствува како дома.

Тој им се обрати на своите колеги од ОТД, повеќето од кои се автократи, не со „пријатели“, туку со „браќа“. Нивните средби се редовни. Само четири месеци претходно Орбан, заедно со двајца негови министри и со 60 бизнисмени долета во Самарканд, Узбекистан, за да присуствува на деветтиот самит на ОТД.

Министерот за надворешни работи во Орбановата влада, Петер Сијарто, кој е најгласен критичар на ЕУ, исто така беше полн со пофалби за ова друштво. Тој, неодамна ги пречека министрите за енергетика на туркиските држави во Будимпешта, сметајќи дека тие нудат „повеќе од чисто енергетско пријателство“.

Експертите се прашуваат дали ова е нов правец во унгарската надворешна политика или обична реакција на сè посилното изолирање на Унгарија во Европа, особено откако почна руската инвазија врз Украина.

„Има најмалку три слоја во оваа врска“, вели за БИРН, Петер Креко, директор на организацијата Политички капитал од Будимпешта.

„Секако дека тука се вмешани економски интереси, иако приватните и јавните интереси често се мешаат. Но, има и димензија на политички систем – барем од 2014 година наваму, Орбан ги гледа овие држави како политички пример. А има и идеолошко-митолошки слој, со кој се портретираат Унгарците како ‘полуазиски народ’, со корени од Централна Азија“.

Други укажуваат дека премиерот добро се вклопува со неговите централноазиски партнери.

„Орбан е почитуван таму, бидејќи совршено знае како да разговара со тие лидери“, вели за БИРН, Золтан Егереси, експерт за Турција и за Централна Азија од Универзитетот за јавни услуги.

Кон Исток!

Реџеп Таип Ердоган, Илхам Алиев и Виктор Орбан во Самарканд, Узбекистан | Фото: Facebook, Виктор Орбан

Пријателството со овие држави секако има економски поволности. Унгарските компании се трудат да не се вратат со празни раце од своите патувања во регионот. Унгарската нафтена компанија МОЛ е третиот најголем сопственик на азербејџанското нафтено поле Азери-Чираг-Гунашли уште од 2009 година, и само што го прослави испраќањето на своите први пратки сурова нафта, кои во март пристигнаа во нејзината фирма-ќерка Словнафт во рафинеријата во Братислава.

Минатата година, водечката унгарска банка ОТП ја купи Ипотека, петтата најголема банка во Узбекистан со 1,6 милион клиенти. А производителот на енергетски пијалаци Хел е лидер на пазарот во Азербејџан.

Аналитичарите велат дека овие компании можеби ќе го постигнеле сето тоа, и без силната политичка поддршка, но добрите односи на највисоко ниво секако не им одмогнале. Идејата за отворање заеднички центар за истражување компири во Узбекистан, во 2021 година предизвика чудење и беше исмевано од критичките медиуми во Унгарија, но, според Егереси, како што „сигурноста на снабдувањето со храна станува сè потежок проблем во централноазиските држави, тоа може да се покаже како добра инвестиција“.

Присуството на Унгарија среде Организацијата на туркиски држави можеби изгледа чудно, но има економски, политички, идеолошки и сомнителни историски причини зошто Орбан се чувствува сè поудобно среде ова одбрано друштво на автократи

И покрај тоа, сè поблискиот однос на Орбан со лидерите што владеат со цврста рака, како азербејџанскиот претседател Илхам Алиев или казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев, не предизвика трговски бум меѓу Унгарија и туркиските држави. Има одреден раст, според експертите, но на пример Чешката Република, која многу помалку се фали со „отворањето кон Истокот“, е далеку пред Унгарија според бизнис-присуството во регионот, освен можеби во Киргистан.

За дополнително да ги зацврсти финансиските врски, унгарската влада во 2019 година отвори отмена претставничка канцеларија на ОТД во Будимпешта, што е прво претставништво на организацијата во Европа, а се финансира со речиси четири милијарди форинти (2,7 милиони евра) од парите на унгарските даночни обврзници.

Експертот за регионот, Егереси смета дека оваа инвестиција може добро да се исплати на долг рок. „Војната во Украина повторно го разбуди интересот за централноазискиот регион, кој е богат со гас, нафта и ураниум, кај многу земји од ЕУ“, објаснува тој.

Европската поврзаност со Азија, исто така, е предизвик, откако копнените рути низ Русија и Белорусија се затворени по инвазијата. Многумина го гледаат како алтернатива т.н. Среден коридор, транспортна рута што поминува низ Казахстан, Азербејџан и Турција, што би ја зголемило стратешката важност на регионот.

Барањето на туркиските корени

Виктор Орбан со претседателот на Узбекистан Шавкат Мирзијоев | Фото: Facebook, Виктор Орбан

Многумина во Унгарија сметаат дека бизнисот не е единствената причина што ги поврзува Унгарија и туркиските народи, туку и заедничкото наследство, идеја што потекнува од пред повеќе од сто години.

„Уште од 1910-тите, унгарската политичка и бизнис-елита почнала да истражува начини за да ги зајакне односите со несловенските народи од истокот, често нарекувајќи ги Туранци“, објаснува Егереси.

Туран била голема степска област североисточно од Иран, што се смета за древна татковина на унгарските племиња пред тие да тргнат во поход кон запад и да се населат во Карпатскиот басен во 890-тите.

И самиот Орбан ја промовирал теоријата за туркиските корени на Унгарија, истакнувајќи во 2019 година дека Унгарците се „Кипчачки Турци“ (турско племе од номадски сточари и воини), како и идејата дека сите туркиски племиња и Унгарците се наследници на Атила Хунот. Тој додаде дека Унгарија е „христијанско-турска земја“.

Туранизмот, идеологијата што промовира заедничко потекло и културни врски меѓу унгарскиот и централноазиските народи, беше избришана од политичката агенда за време на комунизмот, но десничарските традиционалисти ја разбудија по демократската транзиција. Некои елементи во општеството, исто така, почнаа да ја отфрлаат општоприфатената теорија стара 200 години дека унгарскиот јазик, кој е редок јазик и нема индоевропско потекло, е дел од угро-финската група јазици, па сметаат дека тој ѝ припаѓа на туркиската група јазици.

Следбениците на теоријата за туркиската врска најдоа поддршка на највисоко ниво. Самиот премиер во2018 година тврдеше дека „унгарскиот јазик е единствен и необичен јазик што е поврзан со туркиските јазици“. Антрополозите финансирани од владата се во френетична потрага по „туркиска ДНК“ што би докажала генетска врска. Владата дури основаше Институт за унгарски истражувања, кој треба да го открие вистинското потекло на унгарскиот народ.

„Туранизмот е алтернативна визија за унгарската историја“, вели Креко. „Орбан го користи за да докаже дека Унгарците вистински не припаѓаат на Западот, туку на Истокот, или во најдобар случај некаде во средина. Сака да ги портретира своите луѓе како диви и бесни, како оправдување дека само со силна рака може да се обедини и да се води оваа земја“.

Колку е погласен критицизмот од ЕУ и од други западни партнери, толку повеќе унгарската влада се врти кон исток, каде што демократските стандарди, медиумските слободи и владеењето на правото не се приоритет. Дипломатите признаваат дека денес има малку места каде што е добро да се биде Унгарец, а Централна Азија е едно од нив.

„Кога Унгарија нуди стотици универзитетски стипендии за студенти од регионот, тоа ја прави популарна“, вели Егереси, осврнувајќи се на бенефитите од она што владата го нарекува „мека дипломатија“.

Како што рече Јанош Ховари, директор на канцеларијата на ОТД во Будимпешта, во интервју за провладиниот дневен весник Маѓар Немзет – „ние не сме само партнери, туку роднини. Успешни роднини што успеале на Западот“.

Креко претпочита да го нарекува тоа „врска со придобивки“ за Орбан. „Тој е многу почитуван таму како член на ЕУ што им нуди на овие земји мост кон ЕУ. Ова е улогата што Орбан верува дека Унгарија треба да ја игра, како мост меѓу Западот и Истокот“, вели тој.

Во оваа стратегија, непријатните вистини, како прогонот на христијаните во туркиските земји, се чини дека не ѝ пречат на владата, иако таа се претставува како заштитник на христијанството во светот.

„ОТД е сè освен прохристијанска“, вели Креко, укажувајќи дека многу од нејзините членки ги ограничуваат верските права на нивните христијански малцинства. „Владиниот молк за оваа тема покажува дека нејзината прохристијанска и антиисламска идеологија не е ништо друго, туку политичка алатка за Орбан“.

Скапоцениот камен во круната

Средба меѓу Виктор Орбан и Реџеп Таип Ердоган во 2022 | Фото: Facebook, Виктор Орбан

Турција, секако, е скапоцениот камен во круната на ОТД за Унгарија. Кога Орбан ја изложува унгарската надворешно-политичка стратегија, Турција се гледа како еден од нејзините камен-темелници.

„Русија е таму каде што е, Турција е таму каде што е, и Германија е таму каде што е, а тука сме ние, меѓу нив“, рече Орбан во 2015 година, одредувајќи ја геополитичката реалност за земјата. „Мораме постојано да го менаџираме овој систем од врски“.

Орбан и автократскиот турски лидер Реџеп Таип Ердоган се сметаат за блиски сојузници. „Орбан е многу популарен во Турција, а Унгарците се гледаат како братска нација“, објаснува Егереси.

Сепак, унгарското толкување на заедничката историја меѓу двете страни е малку различно. Турците ја освоиле и ја окупирале Унгарија 150 години, во поголемиот дел од 16 и од 17 век. Генерации Унгарци биле израснати со романтичниот роман од 19 век „Ѕвездите на Егер“, во кој турските освојувачи се опишани како сурови, а Унгарците како луѓе што херојски ја бранат својата земја против Отоманската империја.

Сепак, политичката реалност во 21 век наложува компромиси. „Бизнисот и парите се важни, но најважно е да се има пријатели. А Унгарија стои зад своите пријатели, дури и ако тоа понекогаш е непријатно“, рече Орбан во 2017 година, за време на посетата на Анкара.

Сенџер Гозунбенли, турски аналитичар од универзитетот Або академи во Финска, вели дека и на Орбан и на Ердоган им одговара да ја доближат Унгарија до ОТД.

Кој ги држи конците

Човекот за кој се смета дека ги држи повеќето конци во турско-унгарские бизнис-врски е турскиот тајкун Аднан Полат, кој има големи инвестиции во недвижности, градежни материјали и во соларна енергија во Унгарија уште од 1993 година. Полат ги засили своите врски преку учеството во матни бизнис-зделки со Орбановиот зет Иштван Тиборч, во кои биле вклучени и други членови на двете семејства. Двајцата првпат се сретнале во 2005 година во Истанбул, кога Полат беше претседател на најголемиот фудбалски клуб во градот, Галатасарај, и добил задача да го прошета Орбан, кој бил голем обожавател на фудбалот. Орбан бил многу импресиониран од посетата, која наводно ги инспирирала неговите грандиозни проекти за изградба на стадиони, за кои досега се потрошени 330 милијарди форинти (речиси милијарда евра) од унгарските даночни обврзници. Полат, исто така, е претседател на турско-унгарскиот бизнис-совет и го придружува претседателот Ердоган на неговите средби со официјалните претставници на Унгарија.

Слично како Орбан, и Ердоган има свои проблеми со ЕУ, но истовремено Анкара и Брисел си се потребни еден на друг за да се справуваат заедно со неколку проблеми, вклучувајќи ја бегалската криза, економската соработка и безбедноста. „Турција и ЕУ се разидуваат, но истовремено си се потребни. На Турција ѝ е потребен мост, а Унгарија на Орбан ја игра таа улога“, вели Гозунбенли.

Во меѓународната арена, двете земји, исто така, се поддржуваат во надворешната политика кога им е потребно тоа. „Погледнете го пристапувањето кон НАТО на Финска и на Шведска – Ердоган беше единствен во неговиот став да го спречи нивниот пристап, но Орбан му излезе во пресрет и му ја прекина изолацијата“, истакнува Гозунбенли.

Истовремено, Орбан му се додворува на Ердоган со големи набавки во одбранбениот сектор. Таквите договори обично се прават тајно. Истражувачкиот портал Атласзо, минатата година откри дека унгарската армија купувала турски оклопни возила Гидран преку посредничка фирма поседувана од бизнисменот Лазло Сиј, близок до владата, и од турскиот олигарх Суат Карауш. Цената на воените возила е класифицирана на 30 години, но Атласзо пресметале дека веројатно чинат половина милион евра по парче.

Унгарскиот министер за одбрана, Кристоф Салај Бобровнички потпиша меморандум за разбирање во Анкара, во октомври за проширување на „идната воена соработка“.

„Кога Орбан најави дека Унгарија е заинтересирана да купи турски воени дронови заедно со други набавки, претседателот Ердоган го искористи тоа како материјал во кампањата, велејќи дека дури и ЕУ ги купува нашите оружја“, вели Гозунбенли.

Експертите тврдат дека има и друга димензија во нивната плодна врска – растечкиот антиамериканизам. Двете земји се членки на НАТО, сепак беа изоставени од листата за присуство на Самитот за демократија на претседателот Џо Бајден пред две години. Исто така, и двете одат по жица во врска со војната во Украина, балансирајќи меѓу Киев и Москва.

Не е чудно што унгарската дипломатија е преокупирана со изборите во Турција на 14 мај. Да се загуби уште еден сојузник во Европа би било навистина болно за Виктор Орбан.

Едит Инотаи и Хамди Фират Бујук