Регион

„Сите ние сме луѓе“

Приказна за Албанец кој ѝ пружил несебична помош на сосетка Србинка

Kон крајот на минатата година, 93-годишната, Владица Дичиќ, била последната жителка која го напуштила својот дом во Ваганеш, зафрлено село лоцирано во ридските делови на општина Каменица, источно Косово, кое оттогаш е ненаселено и, како и многу други, денеска е ‘село на духови’.

Дичиќ е мајка на пет деца. Четри од нив го напуштиле Косово и заминале во Србија во потрага по подобар живот. Кога нејзиниот најмлад син го напуштил селото и заминал во градот Каменица, таа останала сама во куќата.

А единствена жителка на селото станала, кога четворица нејзини соседи, колку што биле останале, го напуштиле Вагнеш пред 4 години. Но, таа не сакала да го напушти својот дом.

Како што поминувало времето, таа била сѐ помалку подвижна. Помош ѝ пружил Фадил Рама, Албанец од соседното село Стрезовец, кој ѝ носел храна и други потрепштини.

„Нејзиниот најмлад син не можеше да се грижи за неа, бидејќи неговата сопруга беше парализирана, па тој ме замоли да се грижам за неа. Му ветив“, вели Фадил за БИРН, додека разговаравме со него во Каменица, каде што Владица денес живее, во куќата на нејзиниот син.

Нејзиното здравје е влошено толку многу, што повеќе не може да стане од кревет, но посетите на Фадил сѐ уште ѝ измамуваат насмевка на лицето. „Тој е мојот трет син“, вели таа.

Иако едвај ја крева главата од перницата, сепак успева да му ја бакне раката на Фадил, благословувајќи го.

Посетите на Фадил на семејството Дичиќ и помошта што тој и понатаму им ја пружа, е редок мост помеѓу српската и албанската заедница во Косово, чии односи се влошија пред распадот на поранешна Југославија, а кои станаа непоправливо непријателски за време на војната во Косово 1998-1999.

Синот на Владица, Слободан (62), вели дека, додека живееле во Вагнеш, тие развиле добри односи со соседите и дека не размислувале многу за тоа кој од која националност е.

„Војната не нѐ направи непријатели, туку нè раздели, нѐ осами, затоа што луѓето ги напуштија селата во потрага по подобар живот. Никој денес не сака да работи со стока и да се занимава со сточарство“, нагласува тој.

Кога заврши војната, повеќето од семејствата што живееја во Вагнеш го напуштија селото. Некои заминаа во Каменица, други надвор од Косово, претежно во Србија.

„Доаѓаше и низ длабок снег“

Слободан Дичиќ, синот на Владица Дичиќ, во својот дом во Каменица. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН.

Во куќата на Слободан Дичиќ во Каменица, не е невообичаено да се слушне албанскиот јазик, бидејќи пред 17 години, со помош на посредник, тој се оженил со жена од северот на Албанија.

Лезе Дичиќ раскажува дека ѝ било речено оти ќе се омажи за Албанец, но кога пристигнала, сфатила дека нејзиниот иден сопруг е Србин. Сепак, тие немаат никакви проблеми со комуникацијата, бидејќи Слободан, уште од мали нозе, зборува албански јазик, со оглед дека како дете, раснел со свои врсници од албанска националност.

Фадил вели оти како како дете си играл со децата на Владица, која се грижела за сите нив. Оттогаш е таа нераскинлива врска со нив.

„Нешто ме натера да ѝ  помогнам. Јас јадев леб од нејзината рака“, објаснува тој.

И покрај болеста, Владица се обидува да ни објасни колку ја цени помошта на Фадил. „Ми доаѓаше, дури и низ длабок снег, кога ниту птиците не можеа да се движат“, вели таа.

Нејзиниот син, Слободан, додава дека помошта што Фадил ѝ ја пружил на неговата мајка, била поттик и за други српски и албански семејства, подоцна да понудат помош. „Го поддржавме поради неговата хуманост. Добротворството нема националност“, објаснува неговиот сосед,  Беким Адеми. „Сите сме луѓе, пред сè“, додава Слободан.

Фадил нагласува дека за време на војната, кога Албанците ги напуштале своите домови бегајќи од репресијата на српските сили, сопругот на Владица, кој во меѓувреме починал, им нудел леб на своите соседи, кои им се приклучувале на колоните бегалци.

Меѓуетничко непријателство меѓу Србите и Албанците во Косово, постои уште од војната, и покрај меѓународните напори, особено во последните години, да се намалат тензиите.

Фадил вели дека добивал и негативни пораки од луѓе кои се обиделе да го потсетат дека српската војска и полиција вршеле злосторства над Албанците за време на војната.

„Моите соседи ме поддржуваа, но имаше некои други на кои не им се допаѓаше тоа што го правам. Но, тоа не ме спречи“, нагласува тој.