Истражувањa

Скап систем за контрола фаќа прав во РЕК Битола

Како (не) се врши надзор врз приватниците што ископуваат јаглен?

Ги вклучувале багерите да работат во место. Ставале тула врз гас-педалата за поголеми моторни вртежи што би покажало како возилото да се движи. Со багерот дигале јаглен и машината така стоела за да се оптовари хидрауликата и да се имитира копање.

Вакви сложени ујдурми за да избегнат контрола правеле дел од приватниците најмувани од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), како помошна механизација за ископ на јаглен во рудниците, раскажуваат за БИРН луѓето што имале увид во процесот.

Фирмите наплатуваат по час работа, а некои од нив за да прикажат дека работеле повеќе, со разни „методи“ се обидувале да го измамат софистицираниот GPS-систем за контрола воведен од ЕСМ во 2013 година.

Меѓутоа, од 2016 не мора да вложуваат толку напор – системот за кој се потрошени 1,3 милион евра, веќе не се користи.

Ги вклучувале багерите да работат во место. Ставале тула врз гас-педалата за поголеми моторни вртежи што би покажало како возилото да се движи…

Оттогаш вработените во РЕК Битола вршат визуелен надзор врз неколку стотина изнајмени ровокопачи, камиони и багери. На самото место отчитуваат и бележат колку часови и колку километри минале изнајмените возила.

Сознанието дека системот веќе не се користи ја поставува дилемата дали контролата преку GPS-систем е поефикасна отколку актуелниот начин на надзор во кој клучен е човечкиот фактор.

Доходовен бизнис

Изнајмувањето помошна механизација е сериозно профитабилен бизнис.

ЕСМ, по смената на власта, излезе со податок дека за оваа намена потрошила повеќе од 200 милиони евра во деценијата пред 2018. Поради обртот на голема пара, бизнисот беше и се уште е предмет на критики и на чести партиски препукувања.

Не беа исклучени ни скандали. Бизнисменот Сеад Кочан беше осуден со казна затвор за наместен тендер поврзан со ископот на јаглен.

Владејачкиот СДСМ, како опозиција, жестоко ја обвинуваше поранешната власт за корупција при праксата на изнајмување механизација и ветуваше прекин на релациите со бизнисмените.

Приватниците наплатуваат по час работа, а некои од нив за да прикажат дека работеле повеќе, со разни „методи“ се обидувале да го измамат системот за контрола

Експертите проценуваа дека поевтино е ЕСМ да купи своја механизација. Како што набавката се одолжуваше, така се влечеа заклучоци дека статус кво ситуацијата им одговара на одредени партиско-бизнис коалиции.

Откако СДСМ е на власт пропаднаа два обида да се купи државна механизација и се остави време и широк простор за сомнеж дека се случуваат нови пазарења.

Дури лани ЕСМ набави сопствена механизација со која се намали потребата од соработка со приватни компании, но оваа пракса не се искорени целосно.

Потреба од контрола

Сега вработените во РЕК Битола вршат визуелен надзор врз изнајмената машинерија | Фото: БИРН/В.А.

Во 2013 година, IT-компанијата „Брансис“ за ЕСМ изработила систем за контрола колку и дали работи помошната механизација.

Целта била да се минимизира можноста за злоупотреби. Уредите, освен што ги мереле работните часови, сигнализирале и дали возилото е вклучено, дали притоа работи на високи вртежи, што би значело дека не стои во место, и дали е во функција хидрауликата на машината – што значи дека копа или пренесува јаглен.

Оттаму и „начините“ за избегнување на системот. Имало случаи и кога шофери на изнајмени возила ги оштетувале или ги исклучувале GPS-уредите, велат од „Брансис“.

Минатата година ЕСМ потпишала договори во вредност од 11 милиони евра, додека во првите три месеци од 2022,  склучила договори со приватници во вредност од околу пет милиони евра

Тој функционирал до 2016 година, кога државната компанија решила да не го продолжи договорот. ЕСМ денес тврди дека уредите тешко се оперирале, имало прекини во интернет-мрежата и немало сигнал во делови од рудниците.

Од компанијата додаваат дека веќе и немаат потреба од ваков систем зашто набавиле сопствени машини што имаат вградено компјутерски систем за контрола.

Меѓутоа, БИРН дојде до податоци што покажуваат дека компанијата сѐ уште троши значителни суми за изнајмување. Минатата година потпишала договори во вредност од 11 милиони евра, додека во првите три месеци од 2022, ЕСМ склучила договори со приватници во вредност од околу пет милиони евра.

Фирмата „Брансис“, пак, ги демантира наводите на ЕСМ во врска со нефункционалноста на системот за контрола. Тие велат дека немало прекини на сигналот бидејќи пред да се воспостави системот, мобилните оператори Телеком и А1 поставиле предаватели близу рудниците токму за да нема прекини на сигналот.

„Двајца наши вработени секој ден беа во рудниците и се грижеа за системот. Ако некогаш имало некаков застој, снемало струја или слично, тоа не значи дека GPS-от не функционирал.“

Контрола спакувана во магацини

GPS-от не е единствениот систем за контрола што ЕСМ го набавила од фирмата „Брансис“ и притоа не го користи.

Последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатираше дека компанијата користи само 12 од вкупно 130 апарати за одговорно управување возила, систем со кој, меѓу другото, може да се следи и потрошувачката на гориво на службените автомобили.

Државниот завод за ревизија констатираше дека ЕСМ користи само 12 од вкупно 130 апарати за одговорно управување возила

Набавката е направена во 2016 и уредите ја чинеле ЕСМ 140.00 евра.

Наспроти наодот на ДЗР дека се користат само 12 уреди, од ЕСМ велат оти сите 130 уреди се во нивните магацини.

„Самата набавка била некомплетна бидејќи уредите тогаш биле набавени без притоа да се обезбеди и соодветен софтвер за читање на податоците од нив“, велат од ЕСМ.

Од „Брансис“ ги отфрлаат и овие наводи, дека набавката не била комплетна и оти затоа не можел да се користи системот.

„Тие не ни се обидоа да го користат за да знаат дали нешто недостасува“, велат за БИРН.